ПОВЕЌЕ

    ЧУДО: ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ БАНКИ ЛАНИ НАПРАВИЛЕ ДОБИВКА ОД 166,3 МИЛИОНИ ЕВРА, а во 2022 заедничкото салдо било 112,7 милиони!

    Време зa читање: 4 минути

    Од Берзата стигнаа резултатите за работењето на трите најголеми банки, а уште на прв поглед бројките покажуваат огромни разлики од она што се сработило во 2023 во однос на 2022 година. Се зголемиле и приходите од камати и од провизии, а извештаите за банкарскиот сектор од Народната банка покажуваат раст и на кредитирањето и на депозитите.

    Анализата на „Пари“ покажува вистинско чудо во однос на финансиските резултати на трите најголеми банки (неревидинрани и неконсолидирани извештаи). Вкупната добивка од мината година им била дури 166,3 милиони евра (по срден курс на НБРМ од 61,7 денари за едно евро), додека во 2022 таа изнесувала 112,7 милион евра, или кумулативниот раст изнесува 47,56 %.

    Поединечно, минатогодишниот шампион по добивка во банкарскиот сектор е Комерцијална банка, која заработила 58 милиони евра, што е за 66,6% повеќе отколку преклани кога имала добивка од 34,8 милиони евра.

    На второ место по добивка е Стопанска банка – Скопје. Таа направила добивка од 56,2 милиони евра и е за 46 % поголема отколку во 2022 година, кога изнесувала 38,5 милиони евра.

    НЛБ банка лани заработила 52,1 милион евра, а тоа е скок од 32,2 проценти во однос на 2022 година, кога имала добивка од 39,4 милиони евра.

    КАКО РАСТЕЛЕ ПРИХОДИТЕ ОД КАМАТИ И ОД НАДОМЕСТОЦИ

    Ако се запрашаме од каде доаѓа ваквиот раст на добивките, одговорот треба да го побараме во приходите од камати и од надоместоци и провизии.

    Податоците кажуваат дека иако Комерцијална банка остварила најголема добивка, Стопанска банка била најдобра во однос на приходите од камата. За една година од нив буџетирала 100,6 милиони евра, но во однос на наплата на провизии и надоместоци била најслаба и собрала 25,4 милиони евра, што може да се смета и како добра вест за компаниите и за граѓаните, кои често се жалат дека покрај каматата им се наплатуваат и разни други трошоци.

    Во однос на високиот сооднос меѓу камати и надоместоци особено се истакнува НЛБ банка, која од камати собрала 72,1 милион евра, а од надоместоци и провизии дури 39,3 милиони евра.

    Најпрофитната, Комерцијална банка, лани направила приход по основ на камати од 93,5 милиони евра, а приходите од надоместоците биле 33,3 милиони евра.

    Како што може да се види од податоците од билансите на успех, најголем раст на приходите од камата во 2023 година во однос на 2022 година имала Комерцијална банка, од дури 68,8 проценти, па следи Стопанска банка со раст од 40,3% и НЛБ банка со раст од 27%. Комерцијална банка имала и најголем раст на надоместоци и провизии од 12%, а најмал раст на оваа ставка имало кај Стопанска банка, 3,1%.

    КАКО РАСТЕЛЕ РАСХОДИТЕ ЗА КАМАТИ И НАДОМЕСТОЦИ

    Со растот на основната каматна стапка, по диктатот на Народната банка која ја затегаше монетарната политика, растеа и каматите на кредитите и на депозитите. Оттука, и каматните расходи што ги имале банките биле поголеми. Забележливо е дека кај сите банки растот на расходите од камати е поголем од растот на приходите од камати, а таквиот тренд е најизразен кај Стопанска банка, која прикажала раст на расходи од камата за 115,1%.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично