ПОВЕЌЕ

    НАЈУСПЕШНАТА СТАНА УШТЕ ПОУСПЕШНА – Добивката на Комерцијална банка со епски скок од 37,5 на 65 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Во милијарди денари или во милиони евра, сеедно. Во која и валута да е испишана, има многу бројки. Добивката на Комерцијална банка. Онаа од 2022 од 37,5 милиони евра, која беше „вау“, во 2023 е проширена, дополнета и надградена. Изнесува точно 3.912.647.000 денари. Или, 63.506.901,57 евра. Пред оданочување.

    Од едната до другата сума има висинска разлика од цели 69,3 проценти. А, планот е остварен со 128,3 проценти.

    Поголема добивка, поголем данок. За 2023 данокот на добивка е 331,2 милиони денари, односно речиси 5,4 милиони евра. За Комерцијална остануваат чисти 3.581,4 милиони денари/58,1 милион евра. За 66,6 насто повеќе од 2022.

    За овие резултати клучни се приливите и одливите на пари. Вкупните приходи од минатогодишното работење изнесуваат 114,7 милиони евра и бележат раст од 28,1 процент. Оперативните расходи, пак, се зголемени за 8,1 насто и се скоро трипати пониски од приходите – 38,6 милиони евра. Движењето на оваа страна е поттикнато од зголемувањето на платите и другите трошоци за вработените, чиј ангажман е во основата на сите досегашни постигнувања. Заедно со одлуките и потезите на менаџментот – исправни и правовремени.

    Базата, пак, на приходите е во каматите. Комерцијална банка во кредитната активност пласирала околу една милијарда евра. За една година нето-приходите од тој сегмент бележат натфрлување од 68,2 насто, а планот е остварен со 147,9 проценти. Инаку, се работи за сума од 5,206,652 илјади денари или 84,5 милиони евра.

    „Притоа, треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава. На пример, каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се петкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки, приходите се зголемени за повеќе од три пати споредено со минатата година“, образложуваат од Комерцијална банка.

    Исто така, се посочува дека овие резултати се остварени „благодарение на структурата на активата, во која над 56% од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи“.

    Значајна е и улогата на провизиите и надоместоците, кои во вкупната структура на приходите учествуваат со 17,8 милиони евра, а споредено со 2022, регистриран е раст од 2,8 насто. Уделот на курсните разлики е близу шест милиони евра, а зголемени се за 8,8 проценти.

    И на најуспешните им се случува да забележат по некој минус. Во случајот на Комерцијална го има кај ставката останати приходи, кои се намалени за 68,4 отсто и се на нивото од 4,8 милиони евра.

    Што се однесува до кредитите, зголемување за повеќе од пет пати има кај побарувањата од банките. Кај другите комитенти растот е со 0,6 проценти, а суштината е во поголемото кредитирање на граѓаните. Кај фирмите има намалување, но тоа произлегува од присилната наплата на побарувањата од кавадаречки „Еуроникел Индустри“. Познато е, Комерцијална како најголем доверител го презеде имотот и опремата на некогашно „Фени“, а во тек се преговори со заинтересирани инвеститори.

    Парите, пак, доверени на оваа банка, се во вкупен износ од 143.070,3 милиони денари, односно 2,3 милијарди евра. Или, вкупните депозити на годишно ниво направиле исчекор од 7,2 проценти.

    За една година и вкупната актива на Банката нараснала за 8,4 проценти и на последниот ден од ланскиот декември вредноста е 163.606,6 милиони денари, односно 2,65 милијарди евра.

    Сето ова покажува зошто акцијата на најголемата македонска банка е најатрактивна за инвеститорите. За потсетување, минатата година на берзата направи вкупен промет од 25,6 милиони евра преку 4.396 трансакции. И, суверено ја држи челната позиција на листата најтргувани акции.

    Високи се достигнувањата на Комерцијална банка. Највисоки – до наредниот финансиски извештај.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично