ПОВЕЌЕ

    Сè помалку бебиња во македонските семејства – просекот падна на 1,35 деца по жена

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија и натаму е длабоко под нивото на фертилитет потребно за едноставна обнова на населението. Просечно, на една жена доаѓаат 1,35 живородени деца, што е речиси исто со просекот на Европската Унија, кој во 2024 година се спуштил на рекордно ниски 1,34 деца по жена.

    Податоците на Евростат покажуваат дека проблемот со нискиот наталитет не е карактеристичен само за Македонија. Во Европската Унија веќе две децении стапката на фертилитет не го достигнува прагот од 2,10 деца по жена, кој се смета за потребен за природна замена на генерациите во услови на ниска смртност.

    Домашната слика, пак, не е еднаква во сите делови од земјата. Најповолна е состојбата во Скопскиот регион, каде што стапката достигнува 1,73 деца по жена. Следуваат Североисточниот регион со 1,40 и Пелагонискиот со 1,36, што се единствените региони покрај Скопје што се над националниот просек.

    Најслаби резултати има Источниот регион, со само 1,16 деца по жена. Во Полошкиот и во Југозападниот регион стапката е идентична и изнесува 1,27. Југоисточниот регион е на 1,30, а Вардарскиот на 1,31 дете по жена.

    Регионалните разлики се изразени и во рамките на Европската Унија. Од 1.165 региони за кои има податоци, 439 односно 37,7 проценти, се под просекот на ЕУ. Кај 714 региони, или 61,3 проценти, стапката е повисока од европскиот просек, а кај 12 региони е точно на тоа ниво.

    Најизразениот демографски пад е видлив во делови од јужна и централна Европа. Помалку од едно живородено дете по жена е регистрирано во 16 региони во Шпанија, седум во Полска, пет во Италија, три во Грција и по два во Германија и во Литванија.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично