ПОВЕЌЕ

    Осум децении Народна банка – Славески: Довербата е најскапоцениот капитал, стабилноста останува наша обврска

    Време зa читање: 3 минути

    Осум децении централно банкарство, од монетарното осамостојување до современите дигитални плаќања. Народната банка одбележа 80 години институционален развој, во кои зачувувањето на стабилноста на денарот, цените и банкарскиот систем останува нејзина најважна задача. На свечената академија по повод јубилејот, гувернерот Трајко Славески порача дека независноста, професионалноста и довербата ќе бидат темелите врз кои институцијата ќе продолжи да се развива. Како еден од поновите резултати го издвои членството во СЕПА, кое, според изнесените податоци, донело значително пониски трошоци за прекуграничните плаќања во евра.

    „Стабилноста ќе остане јавно добро, довербата најскапоцениот капитал, а одговорноста наша обврска“, истакна Славески на свеченоста што се одржа во Музејот на Народната банка.

    Осврнувајќи се на развојот на институцијата, гувернерот потсети на важните одлуки и реформски процеси што овозможиле Македонија да стекне монетарна сувереност, а Народната банка да изгради сопствен идентитет и доверба кај граѓаните.

    Според него, довербата не се добива еднаш засекогаш, туку постојано се гради преку јасни одлуки, транспарентна комуникација и доследна посветеност на јавниот интерес.

    Посебно внимание во обраќањето посвети на современите предизвици, дигитализацијата и приближувањето на домашниот финансиски систем кон европските стандарди. Како конкретен пример го посочи приклучувањето кон Единствената европска платежна област – СЕПА.

    Според податоците што ги презентираше, за помалку од една година надоместоците за прекуграничните плаќања во евра се намалени до шест пати за граѓаните и до девет пати за компаниите. Оваа промена претставува една од позначајните придобивки од интегрирањето на домашниот платежен систем во европската финансиска инфраструктура.

    Славески нагласи дека Народната банка во изминатите години ги зајакнала своите аналитички и институционални капацитети, направила исчекори во финансиската стабилност и ја унапредила статистичката инфраструктура со примената на меѓународниот стандард СДДС плус.

    На свечената академија присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, претставници на дипломатскиот кор, меѓународните финансиски институции и бизнис-заедницата, како и сегашни и поранешни вработени во Народната банка.

    Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека во изминатите осум децении Народната банка изградила значајни институционални, аналитички и оперативни капацитети, со кои одговарала на домашните и меѓународните економски предизвици.

    Таа го нагласи значењето на континуитетот во зачувувањето на ценовната и валутната стабилност, оценувајќи дека институционалното наследство е важен темел за идниот развој, но и обврска за натамошно унапредување на работењето.

    Јубилејот беше одбележан и со прикажување кусометражен филм за развојот на централното банкарство, преку кој беа претставени дел од настаните, одлуките и луѓето што ја одбележале историјата на институцијата.

    На крајот од обраќањето, гувернерот порача дека зачувувањето на независноста и интегритетот на Народната банка е одговорност и кон идните генерации.

    „Нашата генерација ја наследи оваа институција и нашата должност е да ја предадеме посилна, со повеќе знаење, со поголема доверба, со уште поцврсти институционални темели“, истакна Славески.

    Осумдесетгодишниот јубилеј е потсетување на улогата што Народната банка ја има во економскиот развој на државата, но и на предизвиците што следуваат. Во време на глобални економски неизвесности, технолошки промени и сè поголема финансиска поврзаност со Европа, зачувувањето на стабилноста и довербата останува една од најважните задачи на централната банка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично