За предложениот втор ребаланс на годинешниот Буџет се поднесени 124 амандмани. Расправата по нив почнува денеска во рамките на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку од претходната проекција. Даночните приходи се коригираат од 213,3 на 209,8 милијарди денари, а најголемото намалување е кај акцизите – од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска образложи дека пониските приходи од акцизи се последица на намалувањето на акцизите на бензинот и дизелот, мерка со која Владата настојува да го ублажи ефектот од повисоките цени на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите.
Пратениците од владејачкото мнозинство го оценуваат ребалансот како приспособување кон променетите економски околности, а не како признание за неуспешно планирање. Посочуваат дека дефицитот не се зголемува, дека се задржуваат социјалните приоритети и поддршката за општините и дека продолжува реализацијата на инфраструктурните и другите јавни инвестиции.
Опозицијата, пак, смета дека вториот ребаланс во само неколку месеци покажува слабости во буџетското планирање. Оттаму посочуваат дека се намалуваат приходите и капиталните расходи и оценуваат дека со корекциите Владата настојува да ја затвори тековната година, додека дел од товарот и обврските се префрлаат за во иднина.
Аналитика








