Со раст на главните банкарски активности, со зголемена депозитна база и значително поголем обем на кредитирање, ги заокружи НЛБ Банка првите девет месеци од годинава. Позитивните движења се пресликале и кај крајниот финансиски резултат.
Деветмесечната добивка пред оданочување е во износ од 47,3 милиони евра, А добивката по оданочување е 41,1 милион евра. Нето-заработката е за еден насто повисока на годишно ниво и покрај повисоките трошоци за финансирање, оперативните расходи и исправките на вредност поради кредитен ризик.
Еден од главните столбови на работењето е депозитната база, која е одраз на довербата на клиентите, но и доминантен извор за финансирање на банкарските активности. Заклучно со 30 септември, депозитите достигнале 1,99 милијарди евра, при што ги следи годишен раст од 11,7 насто.
Во текот на трите квартали уште Банката бележи забрзана динамика во кредитниот сегмент. Кредитите на компаниите и населението се на ниво од 1,8 милијарди евра. Во споредба со ланскиот септември, кредитното портфолио е поголемо за 18,7 насто, а во однос на крајот на минатата година за 8,3 насто.
Особено силен раст има во доменот на финансирањето на корпоративниот сектор – за 19,4 насто на годишно ниво. Кај кредитирањето на домаќинствата има зголемување од 9,8 насто, поддржано од станбените и потрошувачките кредити.
Поголемото кредитно портфолио се одразило и врз приходите од основната банкарска дејност.
Приходите од камати се приближиле до 74 милиони евра, наспроти 59,6 милиони евра во истиот период лани. Тоа претставува зголемување од 24 насто.
По одбивањето на каматните расходи, нето-приходите од камати изнесуваат 60,7 милиони евра, со што каматната маргина останува еден од главните извори на приход за Банката.
Позитивно движење има и кај приходите што не се директно врзани со каматите. На пример, провизиите и надоместите обезбедиле нето-приходи од 20 милиони евра. На крајот од третиот лански квартал износот бил 18,9 милиони евра, односно овде има годишен раст од приближно 5,8 насто. Исто така, дополнителни 4,8 милиони евра се остварени преку курсните разлики.
Со растот на кредитите и останатите банкарски активности се зголемил и обемот на билансот. Вкупната актива на НЛБ Банка достигнала 2,59 милијарди евра, за 13,1 насто поголема во споредба со истиот период минатата година, а за 1,6 насто е над нивото од крајот на 2025 година.
Покрај финансиските резултати, во изминатите девет месеци Банката продолжила со вложувања во проекти од областа на спортот, културата и традицијата, образованието и поддршката на ранливите категории граѓани.
Во овој период НЛБ Банка добила и две меѓународни признанија – „Најдобра банка за физички лица во Македонија“ од Euromoney Awards for Excellence 2026 и сертификатот „Top Employer 2026“ од Top Employers Institute.
Во следниот период Банката најавува продолжување на растот на основната банкарска активност, развој на кредитните, депозитните и платежните производи, дигитализација и одржливо финансирање, со паралелно управување со кредитниот ризик, ликвидноста, трошокот на финансирање и капиталната позиција.
Аналитика








