Најдобрите 10 насто од фирмите создаваат над 28.000 евра годишно по вработен, додека најслабите 10 насто создаваат помалку од 2.700 евра. Но, има и дејности каде што еден работник создава вредност од над 52.000 евра годишно!
За која вредност, всушност, станува збор? За онаа што економистите ја нарекуваат додадена вредност. Илустративно, ако купиме сол, брашно, вода, употребиме струја и направиме леб, додадената вредност е самото правење на лебот. Ако сè што сме употребиле во негово производство е 60 денари, а лебот се продава за 100 денари, разликата од 40 денари е додадената вредност. Од тие 40 денари, треба да се платат и вработените, евентуалните инвестиции, а треба и да се оствари добивка. Токму таа додадена вредност е најдобра мерка за продуктивноста.
Сепак, макроекономската анализа на Бизнис мрежа покажува дека продуктивноста на македонските компании расте, но не доволно брзо за да го следи растот на платите. Во периодот од 2022 до 2025 година, реалната вредност што ја создава еден вработен годишно пораснала за 14,9 насто, додека реалната бруто-плата по вработен се зголемила за 19,1 насто. Ова е еден од клучните заклучоци во макроекономската анализа која ги опфаќа финансиските резултати на компаниите во земјава.

Податоците покажуваат дека растот на платите е позитивен за вработените, но отвора прашање колку долго компаниите можат да го одржуваат ако истовремено не ја зголемуваат и вредноста што ја создаваат со својата работа.
‒ Кога платите растат побрзо од тоа колку вработените создаваат, на фирмата ѝ остануваат помалку пари за инвестиции и добивка. Тоа може да трае некое време, но не засекогаш. Следниот раст на платите мора да дојде од поголема продуктивност: подобра опрема, дигитализација, обука и подобра организација на работата ‒ беше кажано на презентацијата на макроекономската анализа на настанот „Бизнис лидер“.
ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ МЕЃУ КОМПАНИИ И ДЕЈНОСТИ
Просечните показатели ја прикриваат огромната разлика меѓу компаниите. Типична фирма во земјава создава додадена вредност од 563 илјади денари (околу 9.000 евра) годишно по вработен. Кај најдобрите 10 насто од фирмите овој износ надминува 1,77 милиони денари (28.000 евра), додека кај најслабите 10 насто е под 171 илјада денари (2.700 евра). Медијалната фирма дава пореална слика за состојбите. Според дефиниција таа е фирма во средина, односно половина од фирмите со пресметаната вредност по работник се под неа, а половина над неа.
Податоците покажуваат дека најпродуктивните компании создаваат повеќе од десет пати поголема вредност по вработен во споредба со најслабите. Огромни разлики има и меѓу секторите.

Разликите се големи дури и кога се споредуваат фирми што работат во иста дејност, каде што јазот достигнува околу девет пати.
ПЛАТИТЕ ЗЕМААТ СÈ ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД СОЗДАДЕНАТА ВРЕДНОСТ
Во 2022 година, од секои 100 денари додадена вредност што ја создавале компаниите, 51 денар се одвојувал за бруто-плати. Во 2025 година овој удел бил 53,5 денари, а во 2024 година достигнал и 54,9 денари.
Истовремено, реалниот раст на продуктивноста не бил рамномерен. Во 2023 година таа пораснала за 4,5 насто, во 2024 за 3,2 насто, а во 2025 година за 6,4 насто. Бруто-платите, пак, реално пораснале за 5 насто во 2023 година и за 8,7 насто во 2024 година, пред растот да забави на 4,4 насто во 2025 година.
Токму во 2023 и 2024 година платите растеле побрзо од продуктивноста. Во такви услови, компаниите мораат поголем дел од создадената вредност да издвојуваат за трудот, со што се стеснува просторот за добивка и за нови инвестиции.
САМО НАЈПРОДУКТИВНИТЕ ФИРМИ ОТВОРААТ РАБОТНИ МЕСТА
Разликите во продуктивноста се забележуваат и на пазарот на трудот. Во периодот од 2022 до 2025 година, само најпродуктивната четвртина од компаниите го зголемила вкупниот број вработени, и тоа за 6,7 насто. Кај останатите групи фирми бројот на вработени се намалил.

Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








