
Талентот е само почетна точка. За едно дете да стигне до професионална кошарка потребни се години дисциплина, правилно насочување, индивидуална работа, физичка подготовка, кампови, патувања, вложување и, пред сè, систем што ќе знае како да го развива играчот чекор по чекор. Токму на ваков пристап повеќе од една деценија работи Ивица Јаковлевски, еден од пионерите на skill development basketball тренингот во Македонија.
Во период кога индивидуалната работа најчесто се сведуваше на дополнителен шут, дриблинг или кондиција, Јаковлевски почна да промовира поширок модел на развој -техника поврзана со перцепција, реакција, донесување одлуки и реални ситуации од натпревар. Низ годините го надградувал својот пристап преку меѓународни едукации и работа со тренери поврзани со NBA skill development методологијата, а неговата цел, како што вели, не е само да создаде подобар поединец, туку да помогне да се изгради систем кој континуирано ќе создава подобри кошаркари.
Во интервју за „Пари“, тренерот Јаковлевски зборува за тоа колку денес реално чини патот од талентирано дете до професионален кошаркар, колку е променет „мајндсетот“ во македонската кошарка, каде е најголемата разлика меѓу домашниот и современиот NBA пристап и зошто индивидуалниот развој веќе не треба да се гледа како дополнување, туку како составен дел од создавањето врвен играч.
ПАРИ: Важите за еден од пионерите на skill development basketball тренингот по NBA методи во регионот. Кога пред повеќе од десет години почнавте да го воведувате овој пристап во Македонија, колку беше тешко да ги убедите играчите, родителите и клубовите дека индивидуалниот развој е подеднакво важен како и тимскиот тренинг?
Јаковлевски: Да, тоа беше еден од најголемите предизвици при воведувањето нов концепт во средина која долго време функционирала по традиционален модел. Како пионер во овој пристап, можам да кажам дека најтешкиот дел не е да се демонстрира тренингот или одредена вежба, туку да се промени перцепцијата за тоа што навистина претставува индивидуалниот развој.
Многу клубови и играчи се навикнати индивидуалниот тренинг да го сфаќаат како дополнителна работа само на шут, дриблинг или кондиција. Но, современиот skill development пристап е многу подлабок. Се работи на техника, перцепција, донесување одлуки, реакција, footwork, counter moves, game situations и, најважно, на пренесување на вештината од тренингот во реална натпреварувачка ситуација. Тоа е сосема различно од еден обичен индивидуален тренинг.
Убедувањето бара време, континуитет и докажлив резултат. Кога клубот или играчот ќе види дека методологијата не е само збир на атрактивни вежби, туку систем со јасна развојна логика и мерливи резултати, тогаш почнува да се гради доверба. Најголемата пречка обично не е недостатокот на квалитет, туку отпорот кон промена.
Луѓето полесно прифаќаат нешто што веќе го познаваат, затоа пионерската работа бара не само стручност, туку и едукација на играчите, родителите и клубовите. Токму затоа овој skill development пристап во професионалниот баскетбол е поефективен и може да ги донесе играчите на повисоко ниво. Разликата не е во тоа кој ќе направи повеќе вежби, туку кој може подобро да го развие играчот.
ПАРИ: Што конкретно треба да поседува еден тренер за да може квалитетно да работи по овој систем?
Јаковлевски: Станува збор за development basketball програма која бара многу повеќе од еден обичен тренинг. Тренерот мора да биде технички, методолошки, ментално и психофизички подготвен за да може квалитетно да ги обучува играчите и да ги подигне на повисоко ниво.
Играчот гледа што може тренерот. Ако тренерот не знае правилно да демонстрира одреден елемент, дриблинг или промена на правец, но истовремено и методолошки и теоретски да објасни зошто и како се изведува, тогаш тешко може да се работи на високо ниво. Во спротивно, работата лесно се претвора во импровизација, нешто што, според мене, често го гледаме и на Балканот.
Затоа сметам дека тренер што сака да работи по овој систем мора да биде подготвен на многу високо ниво и постојано да работи на себе, вклучително и на сопствената психофизичка состојба.

ПАРИ: Ваша главна цел во изминатите десет години беше да го промените размислувањето на луѓето и да покажете дека индивидуалната работа е неопходна. Дали денес сметате дека таа перцепција во Македонија навистина е променета?
Јаковлевски: Токму така. Мојата цел беше да го променам мајндсетот и да ги освестам луѓето дека skill development basketball програмата носи промена во корист на играчите. Со текот на времето сè повеќе луѓе сфаќаат што претставува овој начин на работа, но и дека не може секој да го спроведува.
Како што кажав, тренерот мора да биде подготвен на високо ниво, да биде методолошки и теоретски поткован и да знае како да ги препознае и развива капацитетите на играчите. Многу играчи не веруваат доволно во себе, а преку правилна работа се менува и нивниот мајндсет.
Истото важи и за родителите. Сè повеќе од нив сфаќаат дека ваквата работа е неопходна доколку нивните деца сакаат да напредуваат во кошарката. Мислам дека полека, но сигурно, перцепцијата се менува. Сите треба да бидеме доволно флексибилни за да прифатиме промена кога таа е во корист на развојот.
ПАРИ: Колку денес реално чини да се создаде професионален кошаркар? Ако ги собереме тренинзите, опремата, камповите, патувањата, исхраната и дополнителната работа – за каква инвестиција зборуваме од детска возраст до прв професионален договор?
Јаковлевски: Потребна е сериозна и долгорочна инвестиција. За еден кошаркар да се развива од мала возраст и да стигне до прв професионален договор, потребни се индивидуални тренинзи, кампови, физичка подготовка, соодветна исхрана, закрепнување, видеоанализа, патувања и континуиран професионален развој.
Во зависност од нивото на амбициите, зборуваме за инвестиција од илјадници евра, и тоа во континуитет. Професионален играч не се создава со еден тренинг. Се гради систем, потребни се години дисциплинирана работа, континуитет и мотивираност.
Тука skill development тренерите имаат важна улога во растот и развојот на еден кошаркар. Инвестицијата е голема и не е лесно да се создаде играч, но ако има систем, желба и волја за работа, резултатите ќе бидат видливи и играчот може да стигне до професионален договор.

ПАРИ: Работевте со тренери и методологии поврзани со NBA. Кога ќе го споредите тој систем со македонскиот, каде е најголемата разлика?
Јаковлевски: Разликата е фундаментална. Работата со NBA и skill development тренери не се состои само во поголем број вежби, туку во целосно поинаков систем за развој на играчот. Кај традиционалниот индивидуален тренинг фокусот често е на техничкото изведување и повторувањето – дриблинг, шут, footwork, завршница.
Кај модерниот NBA пристап истите елементи се развиваат, но се поставуваат во контекст на игра: под притисок, со промена на темпо, реакција, decision making, counter moves, spacing и реални game situations.
Втората голема разлика е индивидуализацијата. Не се работи по ист програм за секој играч. Се анализираат неговата техника, физичкиот профил, позицијата, слабостите, силните страни и стилот на игра, а потоа се креира развојна стратегија. Најважно е целта да не биде играчот само правилно да ја изведе вежбата, туку стекнатата вештина да ја претвори во автоматизирано и функционално решение на натпревар.
ПАРИ: Во Солун работевте со Ганон Бејкер и со млади кошаркари од Македонија. Што е највредното што едно дете може да го „купи“ со учество на ваков камп?
Јаковлевски: Работата со Ганон во Солун не беше само уште еден камп, туку директна изложеност на интернационален стандард за skill development. Ганон работи систематски и не се фокусира само на тоа што ќе направи играчот, туку и зошто го прави тоа, како го користи дриблингот и вештината и како сето тоа го пренесува во реална игра.
Неговата методологија опфаќа ball-handling, finishing, shooting и различни концепти на игра. Тоа знаење потоа го пренесуваш во сопствениот систем на работа.
Токму затоа искуството во Солун не го гледам само како можност да се запознае еден тренер, туку како трансфер на светско know-how во мојата skill development програма. Тоа е една нова димензија на кошаркарскиот тренинг и има големо значење и за мене како тренер и за играчите.
ПАРИ: Дел сте од Basketball Trainer Association, каде што постојано сте имале анализи, детали и едукации. Колку е важно еден тренер постојано да се надградува, дури и кога веќе има долгогодишно искуство?
Јаковлевски: Во Basketball Trainer Association имавме редовни видеоразговори со ментори, на кои обработувавме и анализиравме важни детали и движења на многу познати играчи. Целта беше да го развиваме сопствениот тренинг и тоа знаење потоа да го пренесеме на играчите.
За мене е многу важно тренерот да биде навистина поткован со знаење. Кога зборува за одреден елемент или принцип во skill development basketball програмата, треба да знае што стои зад него и да може квалитетно да го демонстрира. Луѓето што ме следат преку видеата можат да видат дека се трудам она што го учам и теоретски да го разбирам и практично да го применувам.
И NBA тренерите Џони Стефини и Брајан Мекон ми имаат кажано дека имам високо ниво на теоретско знаење и врвна демонстрација, и голема чест ми е кога добивам такви комплименти. Но, без разлика колку знае човек, секогаш треба да продолжи да се надградува, затоа што секогаш има нешто ново што може да се научи.

ПАРИ: По повеќе од десет години работа, што денес за вас е поголем успех – да создадете врвен кошаркар или да создадете систем што ќе создава врвни кошаркари и по вас?
Јаковлевски: По повеќе од десет години работа, за мене голем успех е што успеав да опстојам со овој начин на работа, особено во средина во која имаше многу недоверба и различни пречки. На почетокот многу малку тренери и луѓе од спортската фела веруваа во овој систем, но ги издржав притисоците и сите работи што претставуваа дистракција.
Денес сметам дека поголемата цел е да се создаде систем и систематски начин на работа кој може да се имплементира и преку кој ќе се развиваат повеќе играчи.
Ако се најде добро решение, ако има квалитетни тренери, ако се работи плански, ако постои добра инфраструктура и се воспостави систем за реализација и имплементација на програмата, тоа ќе биде многу поефективно и за спортот, и за кошарката, и за играчите. Добриот систем и правилниот начин на работа создаваат добри кошаркари.
Катерина Михајлова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








