По повеќегодишни најави, тендери и одложувања, изградбата на главната делница од автопатот Скопје–Блаце добива изведувач. ГД Гранит на 20 август го потпишал договорот со Јавното претпријатие за државни патишта, вреден 13,62 милијарди денари, односно 221,5 милиони евра.
Договорот се однесува на проектот TEN-T Скопје–граница со Косово, односно на преостанатите 10,5 километри од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце. Покрај изградбата, Гранит ќе биде задолжен и за петгодишно одржување на новата делница.
Рокот за изградба е 1.460 дена, односно четири години, сметано од денот на воведувањето на изведувачот во работа.
Со тоа, по години подготовка, конечно треба да започне изградбата на делот што недостасува за да се поврзат Скопје и Блаце со целосно автопатско решение.
Автопатот Скопје–Блаце во целина е долг околу 12 километри. Од нив, околу 1,5 километри веќе се изградени, а новиот договор со Гранит ги опфаќа преостанатите 10,5 километри.
Првите два километри, од граничниот премин Блаце кон селото Блаце, се градеа уште од 2020 година. Проектот, сепак, со години се соочуваше со одложувања, меѓу другото и со проблеми околу експропријацијата. Во 2024 година беше објавено дека првата делница е изведена, но дека сè уште не функционира како целосна врска со остатокот од автопатот.
Главниот дел, долг 10,5 километри, е многу посложен градежен зафат. Трасата минува низ планински терен и предвидува пет тунели со две цевки, мостови, галерии, потпатници и потпорни ѕидови.
За оваа делница државата во 2022 година обезбеди 167,6 милиони евра заем од ЕБОР, а во јули 2026 година беше потпишан и грант од 30,8 милиони евра од инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан. Со тоа е комплетирана финансиската конструкција за изградбата.
Новата делница треба да овозможи директна автопатска врска од клучката Стенковец на скопската обиколница до Блаце и границата со Косово. Според ЈПДП, инвестицијата треба да го олесни меѓународниот транспорт и трговијата, како и да ја подобри поврзаноста меѓу Македонија и Косово.
Аналитика








