ПОВЕЌЕ

    ИНЖЕНЕРСКИОТ БИЗНИС ВРЕДИ 187,6 МИЛИОНИ ЕВРА: Профитот скокна 50 насто, но една фирма ја менува целата слика

    Време зa читање: 7 минути

    Пред да се изгради пат, мост, фабрика, пречистителна станица или деловен објект, некој треба да го проектира, да пресмета, да измери, постојано треба да врши надзор, да провери дали сè е според стандардите. Токму тука е бизнисот на стотиците компании собрани под дејноста Инженерски дејности и поврзано техничко советување.

    А бизнисот воопшто не е мал.

    Според анализата на порталот Пари, во 2025 година 663 компании оствариле вкупен приход од 187,6 милиони евра, што претставува раст од 12,57 насто во однос на претходната година. Уште посилен е растот на добивката. Компаниите заедно заработиле 34,1 милион евра, или дури 50,47 насто повеќе од 2024 година.

    Пресметките покажуваат дека во 2024 година секторот имал приход од приближно 166,7 милиони евра и добивка од околу 22,7 милиони евра. Значи, за една година приходот се зголемил за околу 21 милион евра, а профитот за повеќе од 11 милиони евра.

    Со тоа значително се подобрил и односот меѓу добивката и приходот. Во 2024 година добивката била еквивалентна на околу 13,6 насто од приходот, а во 2025 година тој однос се искачил на 18,2 насто.

    ДЕСЕТ КОМПАНИИ СОЗДАВААТ 42 НАСТО ОД ВКУПНИОТ ПРИХОД ВО СЕКТОРОТ

    Во оваа дејност не работат компании што вршат иста работа.

    Националната класификација во оваа група ги сместува инженерските и советодавните услуги што се поврзани со нив, а самите компании покажуваат колку е широк опфатот ‒ од градежништво, патишта и хидротехника, до енергетика, противпожарни системи, третман на вода, геодезија и информациски системи.

    Десетте најголеми компании според приход во 2025 година заедно оствариле 78,8 милиони евра. Тоа значи дека само десет компании создаваат 42 насто од приходот на сите 663 компании во дејноста.

    Само првите две компании – Енерго Систем и Градежен институт Македонија – заедно имаат 30,5 милиони евра приход. Тоа е повеќе од 16 насто од целиот приход на дејноста и речиси 39 насто од приходот што го направиле компаниите од ТОП 10.

    На врвот е Енерго Систем Михајло и Зоран ДОО Скопје, со 18,2 милиони евра приход, наспроти 16,3 милиони евра во 2024 година. Растот е 11,86 насто. Компанијата е силно позиционирана во термотехниката и енергетиката – греење, ладење, вентилација, гасни инсталации, енергетска ефикасност и обновливи извори.

    Втората компанија е Градежен институт Македонија АД Скопје, со 12,3 милиони евра. Оваа компанија има поширок инженерски опфат – проектирање, надзор, геотехника, лабораториски испитувања и контрола на квалитетот на градежните материјали. Компанијата постои од 1975 година и работи и на проекти надвор од Македонија.

    Кај ГИМ има пад од 4,95 насто, бидејќи во 2024 година приходот изнесувал 12,9 милиони евра.

    И токму на третото место почнува најинтересниот дел од приказната.

    М-6 ДОО Скопје во 2024 година имала приход од само 190,8 илјади евра, а во 2025 година – 9,4 милиони евра. Во податоците е наведена годишна стапка на раст од фантастични 4.812,91 насто. Со еден ваков скок компанијата директно влегува на третото место меѓу 663 субјекти.

    Друштвото е регистрирано за инженеринг и услуги, но има и значајна сопственичка улога во други бизниси. Во 2025 година беше најголем акционер во ВВ „Тиквеш“, а компанијата има сопственички интереси и во „Охридтурист“.

    Веднаш зад М-6 е Техноинспект, која стигнала до приход од 9,3 милиони евра, наспроти 5,9 милиони евра една година претходно. Тоа е раст од 57,64 насто и е еден од највисоките реални скокови меѓу компаниите.

    Петта компанија е ИРД – Енгинеринг, Подружница Скопје, со приход од 8 милиони евра, што е раст од 38,06 насто. ИРД е меѓународна инженерска консултантска компанија чијашто работа опфаќа мастер-планови и физибилити студии, инженерско проектирање, управување со проекти, надзор и техничка помош. Работи на транспортна, водоводна и комунална инфраструктура, објекти и други големи инфраструктурни проекти.

    Нејзиното присуство во Македонија во моментов е особено значајно затоа што ИРД е носител на групата компании ангажирана како надзорен инженер и правен трансакциски советник за изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.

    Последна во оваа група е компанијата Флуид Проект, со приход од 3,3 милиони евра, што е за 21,61 насто повеќе од 2024 година.

    Нивниот бизнис е сосем поинаков: третман на вода за домашна и индустриска употреба, советување, проектирање и изведба на системи, сервис и одржување, како и опрема за базени и фонтани.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПОЛОВИНА ОД ПРОФИТОТ Е КАЈ ДЕСЕТ КОМПАНИИ

    Десетте најпрофитабилни компании заедно заработиле околу 18,13 милиони евра, што значи дека кај нив завршуваат 53,2 насто од целата добивка во дејноста.

    Една година претходно нивната заедничка добивка, според прикажаните износи, била околу 6,9 милиони евра. Тоа е раст од дури 162,7 насто. Но, најголем дел од тој раст има име, а тоа е М-6.

    Во доставената табела стои дека М-6 во 2025 година има добивка од 8,1 милион евра, наспроти 168,8 илјади евра во 2024 година. Ако се споредат самите износи, добивката е зголемена за приближно 47 пати.

    Само М-6 создава 23,8 насто од профитот на сите 663 компании и речиси 45 насто од добивката на десетте најпрофитабилни компании.

    Втора најпрофитабилна компанија е Урбани Води Инженеринг, со добивка од 2,4 милиони евра, што е раст од 37,29 насто во однос на 1,8 милиони евра од претходната година. Компанијата е специјализирана за проектирање во областа на комуналната хидротехника. Има учествувано во подготовка на техничка документација за пречистителни станици за отпадни води, меѓу кои и проектот во Струмица.
    Следува Енерго Систем, со добивка од 1,8 милиони евра, или 32,90 насто повеќе од претходната година.

    На четвртото место е Аксион, со 1,3 милиони евра профит, што претставува раст од 9,74 насто. Потоа е Хидропроект – Сообраќај, кој практично ја удвоил добивката – од 476,7 илјади евра на еден милион евра, или раст од 111,93 насто.

    Особено внимание привлекуваат Гео Поинт и Форми Јорго. Гео Поинт ја зголемил добивката од 53 илјади евра на 820,5 илјади евра, што во табелата е раст од 1.449,22 насто.

    Станува збор за компанија чијашто работа е силно врзана со геодезијата – геодетски услуги, премер и инженерски активности поврзани со геодетски проекти.

    Сепак, рекордер според процентуалната промена е битолската компанија Форми Јорго. Профитот скокнал од само 7,4 илјади евра во 2024 година на 573,1 илјада евра во 2025 година, или за 7.650,29 насто. Компанијата работи на проектирање и урбанистичка документација, а во јавно достапни проекти се појавува како изработувач и ревидент на урбанистички проекти, вклучително и проекти за фотонапонски централи.

    Меѓу нив е и Техноинспект, со профит од 902,9 илјади евра, кој е речиси непроменет во споредба со 2024 година – растот е само 1,89 насто.

    ИРД – Енгинеринг заработил 633,1 илјада евра, или 18,04 насто повеќе од претходната година, а Евро Консалтинг 603,1 илјада евра, со раст од 27,23 насто.

    Евро Консалтинг е инженерска компанија што нуди надзор, проектирање, ревизија, лабораториски услуги и сертификација, а е и еден од членовите на групата за надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10-д.

    Бројките за 2025 година покажуваат дека инженерските компании зад себе имаат силна деловна година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично