
Вниманието на осигурениците во текот на периодот на акумулација е насочено кон средствата на нивната пензиска сметка: колку се уплаќа, како се инвестираат средствата и колкав принос се остварува. Но, како што се ближи пензионирањето, во преден план доаѓа друго прашање: како акумулираната заштеда да се претвори во редовен приход што ќе обезбедува финансиска сигурност во староста?
Одговорот не зависи само од висината на заштедата. Важен е и начинот на исплата, бидејќи од него зависи како ќе се распределат ризиците, колкава флексибилност ќе има корисникот и каква заштита ќе има неговото семејство. Токму тука се отвора и значајната улога на компаниите за животно осигурување: преку доживотни ануитети тие можат да ја поврзат пензиската заштеда со приход што трае до крајот на животот.
Три пристапи кон исплатата
Домашната законска рамка предвидува три основни начини на исплата на старосната пензија од вториот столб: доживотен непосреден ануитет, програмирани повлекувања и привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет. Нивната суштинска разлика се состои во тоа кој ги презема ризиците и под кои услови се обезбедува идниот приход.
а) Кај доживотниот непосреден ануитет, акумулираните средства се пренесуваат на овластено друштво за животно осигурување, кое презема договорна обврска да исплаќа пензиски приход додека корисникот е жив. Износот се определува врз основа на висината на средствата, возраста, актуарските претпоставки и договорените права. Корисникот добива доживотна исплата наместо самостојно да го распоредува својот капитал за неизвесно долг период.
Во досегашната практика, исплатата на старосните пензии од вториот столб се реализира преку програмирани повлекувања. Кај тековните корисници, пократкиот период на акумулација го ограничува обемот на заштедата во споредба со целосен работен век поминат во системот. Покрај овој профил на првите пензионери, за развојот на понудата се важни и институционалните предуслови: МАПАС наведува дека ануитетските исплати ќе се применуваат по издавањето на првата дозвола за работа во соодветната класа.
б) Програмираните повлекувања ги обезбедува пензиско друштво. Средствата остануваат на индивидуалната сметка, се инвестираат, а месечната исплата се пресметува според утврдена методологија и периодично повторно се определува. Затоа, не треба да се очекува непроменлив износ независно од инвестициските резултати и преостанатата заштеда. Моделот ја задржува поврзаноста со индивидуалната сметка, а преостанатите средства се предмет на наследување според законските правила.
Кај овој пристап, ризиците од инвестирањето и подолгото користење на средствата се одразуваат врз индивидуалната сметка и исплатата. Исплатата од сметката трае додека корисникот е жив и има средства за неа. Ова се однесува на делот од вториот столб; вкупната пензиска положба на лицето зависи и од правата од првиот столб, како и од другите применливи законски механизми.
в) Комбинираниот модел ги поврзува двата пристапа. Еден дел од средствата обезбедува привремени програмирани повлекувања во почетните години, а друг дел се користи за одложен доживотен ануитет што започнува подоцна. Така се поврзуваат одредена флексибилност во почетниот период и осигурителна заштита за подоцнежните години. Распределбата на средствата и договорените услови го определуваат приходот во секоја од двете фази.
Со подолгото членство, редовните уплати и остварените приноси, се создаваат услови идните пензионери да располагаат со поголеми акумулирани средства. Тоа ја засилува потребата од повеќе реално достапни опции за исплата и разновидни ануитетски производи на компаниите за животно осигурување. Различните понуди треба да овозможат избор меѓу доживотен приход, договорна заштита на семејството и комбинирана исплата, во рамките на законот. Поголемата заштеда отвора повеќе можности за нивно обликување, но соодветниот избор и натаму зависи од потребите на корисникот.
Зошто доживотната исплата е осигурителна функција?
Никој однапред не знае колку години ќе живее по пензионирањето. Поединецот тешко може самиот да утврди колкав месечен износ може да троши без да ја загрози својата подоцнежна сигурност.
Компанијата за животно осигурување го здружува овој ризик кај поголем број корисници. Преку актуарските пресметки, заедничкото покривање на ризиците и управувањето со средствата, осигурителот презема обврска за исплата и за корисниците што ќе живеат значително подолго.
Оваа функција бара долгорочна финансиска способност на осигурителот, соодветни резерви, претпазливо инвестирање и супервизија. Сигурноста на исплатата се потпира врз исполнувањето на договорните обврски и функционирањето на овие механизми.
Доживотниот ануитет има и ограничувања. По преносот, средствата повеќе не се расположливи како лична пензиска заштеда, а домашната рамка ја определува полисата за ануитет како нераскинлив договор. Оттука, изборот бара внимателно разбирање на условите пред потпишување. Доживотна исплата, исто така, не значи автоматски зачувување на куповната моќ: важно е како е уредено нејзиното усогласување.
Како да се споредат можностите за исплата?
Изборот почнува од едноставно прашање: Што ми е најважно да обезбедува пензијата? За некого тоа е доживотен приход, за друг заштита на семејството, а за трет можност преостанатите средства да се наследат. Затоа, треба да се споредат правата и ограничувањата на секој модел, покрај првиот месечен износ.
Следниов преглед покажува што да се разгледа според личните приоритети. Тој ги објаснува моделите и не значи дека сите наведени опции веќе се достапни на домашниот пазар.

На пример, двајца пензионери може да имаат еднаква заштеда, но различни потреби. Ако едниот има брачен другар без сопствени приходи, ќе му биде важно дали по неговата смрт исплатата продолжува и за кого. Ако другиот има финансиски самостојно семејство, може да даде поголема тежина на сопствениот доживотен приход.
Пошироката заштита, при еднакви други услови, вообичаено го намалува почетниот износ на ануитетот. Гарантираниот период, на пример, значи дека ако пензионерот почине во тој период, назначениот корисник продолжува да ги добива договорените исплати до неговиот истек. Тоа не е исто со наследување на преостаната индивидуална сметка.
За сите модели е важно и прашањето колку ќе вреди пензијата со текот на времето. Затоа, секоја споредба треба да покаже како се менува месечниот износ, дали постои усогласување со трошоците за живеење, кои трошоци се пресметуваат и што точно е договорено. Само така повисоката почетна исплата може да се спореди со вредноста на долгорочната заштита.
Од законска можност до реален избор
Примената на ануитетските исплати е условена со издавањето на првата дозвола за работа во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисници на пензија.
Жените родени во 1967 година ја достигнуваат старосната граница за пензионирање во 2029 година, а мажите од истата генерација во 2031 година. Овој временски праг, кој го најавува првиот поголем бран пензионери од вториот столб, е причина подготовките да се забрзаат: да се заокружи потребната регулаторна рамка и да се обезбеди оперативна подготвеност на надлежните институции, пензиските друштва и компаниите за животно осигурување.
Од заштеда до сигурност во староста
Успехот на пензиското штедење се потврдува кога акумулираните средства ќе почнат да ја исполнуваат својата животна цел: обезбедување приход во староста. Добро уредената ануитетска исплата може да биде важен дел од таа сигурност. За граѓаните, вредноста на изборот ќе биде во можноста да го усогласат пензискиот приход со сопствените потреби и да разберат каква заштита добиваат во годините што следат.
Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








