ПОВЕЌЕ

    ДРЖАВНАТА ПОШТА ДРЖИ РЕЧИСИ ТРИ ЧЕТВРТИНИ ОД ПАЗАРОТ, приватните пошти ги носат речиси сите пакети

    Време зa читање: 3 минути

    Повеќе од 35,8 милиони поштенски пратки биле реализирани во Македонија во периодот од 1 јули 2025 до 30 јуни 2026 година. Притоа, давателот на универзална услуга, односно АД Пошта на Северна Македонија остварила обем од 29.946.491 пратка, а приватните пошти 8.911.732 поштенски пратки, покажува најновиот извештај на Агенцијата за пошта.

    Но, податоците што ги анализираше Пари откриваат дека иако АД Пошта на Северна Македонија и натаму е доминантен играч на поштенскиот пазар со удел од 75,15 насто, приватните поштенски оператори имаат речиси целосна доминација во пакетските услуги. Од вкупно 8,9 милиони пратки што ги реализирале компаниите на слободниот пазар, дури 8,3 милиони се пакети. Од друга страна, преку државната пошта поминале само 121.000 пакети. Но, затоа Македонска пошта е таа преку која одат нотарски писма, препорачани писма и разни документи, па така дури 74 насто од клиентите на поштата во внатрешниот поштенски сообраќај се правни лица.

    Во анализираниот период на пазарот работеле 32 даватели на поштенски услуги во втората половина од 2025 година, додека во првата половина од 2026 година нивниот број се намалил на 30. На двајца оператори по службена должност им било одземено општото овластување.

    Според вкупниот обем на услуги, Македонска пошта реализирала 26,9 милиони пратки, односно 75,15 насто од пазарот. Приватните оператори реализирале 8,9 милиони пратки, со пазарен удел од 24,85 насто.

    Државната пошта со повеќе пратки, приватниците со повеќе пакети

    Но, кога ќе се погледне структурата на пратките, сликата е поинаква. Кај давателот на универзалната услуга, дури 90 насто од обемот во рамките на универзалната услуга се однесува на кореспонденциски пратки. Вкупно биле реализирани 24,3 милиони вакви пратки, наспроти 121.115 пакети.

    Кај приватните оператори, пак, пакетите се убедливо најзастапени. Од вкупно 8.911.732 пратки, 8.308.716 се пакети, што претставува 93,23 насто од нивниот вкупен обем. Кореспонденциските пратки изнесуваат 516.939.

    Особено е впечатлива разликата во пакетските услуги. Приватните оператори реализирале речиси 69 пати повеќе пакети од Македонска пошта. Од друга страна, поштата и натаму го носи најголемиот дел од класичната поштенска кореспонденција, односно од доставата на писма.

    Повеќе домашни отколку меѓународни пратки

    Податоците покажуваат дека поштенскиот сообраќај во најголем дел се одвива во земјата.

    Кај државната пошта, 23.142.984 пратки, или 86 насто од остварениот обем е во внатрешниот поштенски сообраќај, а 3.803.507 пратки, или 14 насто е во меѓународниот сообраќај.

    Кај приватните пошти 4.647.100 пратки се во внатрешниот сообраќај, а 4.264.632 се во надворешниот, така што соодносот е 51 наспроти 49 насто. Притоа, во меѓународниот сообраќај, пак, особено е значаен дојдовниот обем, кој учествува со 90,2 насто во меѓународните пратки.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично