Депозитна база од 220,9 милиони евра, кредитни пласмани од 137,8 милиони евра и добивка од 418,3 илјади евра зголемена за 38,75 насто на годишно ниво се резултатите со кои Централна кооперативна банка го заокружи деветмесечното работење.
Кредитната активност, посочуваат од Банката, е проследена со мал пораст од 5 насто во однос на крајот на претходната година. А во најголем дел е остварен со одобрување кредити на граѓаните.
Во тие рамки се забележани вкупни приходи од камати повисоки за 7 насто и износ од 7,3 милиони евра. За 12 насто, пак, се зголемени нето-приходите од камати, кои достигнале 4,7 милиони евра.
Годишен пад од 4 отсто има кај приливите што доаѓаат од пресметаните провизии. Во таа ставка е заведен износ од 2,4 милиони евра. Намалување е регистрирано и кај нето-приходите – за 6 отсто, при што од оваа услуга се обезбедени 1,3 милиони евра.
Останатите приходи од дејноста (225,8 илјади евра), посочуваат од ЦКБ, се за 27 отсто пониски во однос на истиот период од 2025 година. Но, реализирани се за 31 насто повисоки нето–приходи од курсни разлики (255 илјади евра).
На расходната страна, позицијата трошоци за вработените бележи пораст од 6 насто, исто колку и расходите за амортизација. Останатите расходи од дејноста се за 7 насто повисоки во однос на истиот лански период.
Од ЦКБ наведуваат дека заклучно со 30 септември е забележано зголемување на издвоените резервации за кредитните изложености, при што е издвоена исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од околу 104 илјади евра. Во овој сегмент има намалување од над 100 илјади евра споредено со истиот минатогодишен период.
Паричните средства и паричните еквиваленти на ЦКБ се зголемени за 11 насто, на 41,5 милиони евра. Во хартии од вредност се вложени 64,9 милиони евра.
На крајот од третиот годинешен квартал ЦКБ располагала со актива од 257,8 милиони евра, за речиси четири насто поголема во однос на состојбата од крајот на 2025 година.
Аналитика








