Државата планира во текот на идната година да обезбеди 6,43 милијарди евра, а да потроши 7,16 милијарди евра. Најмногу – над 2 милијарди евра за исплата на пензиите. Во касата ќе има кусок од 731,7 милиони евра, износ повисок од предвидените 663,4 милиони евра за капитални инвестиции.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, го презентираше Предлог-буџетот за 2027 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет. Според неа, предложените ставки се насочени кон стабилни јавни финансии, фискална консолидација и поддршка на економскиот раст.
Вкупните буџетски приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, за 5,7% повеќе од 2026 година. Расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари, со раст од 4,8%. Буџетскиот дефицит изнесува 45 милијарди денари или 3,5% од БДП, а за капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари.
„Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Според проекциите, економскиот раст во 2027 година ќе изнесува 3,8%, поттикнат пред сè од домашната побарувачка и инвестициите. Се очекува раст на бруто-инвестициите од 6,8%, приватната потрошувачка од 2,5%, извозот од 5,8% и увозот од 5,2%.
Просечната инфлација е проектирана на 3,2%, бројот на вработени треба да се зголеми за 1,2%, а просечната нето-плата за 6,7%.
На приходната страна, од даноци се очекуваат 223,1 милијарда денари (3,63 милијарди евра), за 6,4% повеќе од годинава. Социјалните придонеси треба да донесат 133,8 милијарди денари (2,17 милијарди евра), неданочните приходи 30,5 милијарди денари (495,9 милиони евра), а донациите 5 милијарди денари (81,3 милиони евра).
Од данокот на личен доход се планирани 42 милијарди денари (682,9 милиони евра), од данокот на добивка 27,5 милијарди денари (447,1 милион евра), а од акцизите 31,9 милијарди денари (518,7 милиони евра).
На расходната страна, за плати во јавниот сектор се предвидени 57,2 милијарди денари, а за стоки и услуги 27,8 милијарди денари.
За пензиите се обезбедени 123,8 милијарди денари, со вклучен ефект од законското усогласување. За социјална заштита се планирани 14,3 милијарди денари, за паричен надоместок при невработеност 1,5 милијарди, а за активните мерки за вработување 2,9 милијарди денари.
Здравствената заштита ќе располага со 58,7 милијарди денари преку Фондот за здравствено осигурување, додека трансферите до општините се планирани на околу 36 милијарди денари.
За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, наменети за инфраструктурни и развојни проекти.
Во 2027 година ќе продолжат активностите на Коридорите 8 и 10д, изградбата на автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и модернизацијата на железничката инфраструктура, вклучително и источниот дел на Коридорот 8 и граничниот премин Табановце.
Предвидени се и обновување на товарниот возен парк на Железници – Транспорт, инвестиции во образовната инфраструктура на УКИМ, реконструкција на студентски домови, училишта и спортски сали, како и проекти за дигитализација, енергетска ефикасност, земјоделство и наводнување.
Ќе продолжат и инвестициите во комуналната и енергетската инфраструктура, пречистителните станици, обновливите извори на енергија и проектот за брз автобуски превоз во Скопје.
Буџетскиот дефицит од 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП, е планиран во согласност со Фискалната стратегија за 2027–2031 година, со определба за негово постепено намалување.
Финансирањето на дефицитот и отплатата на обврските што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедуваат на домашниот и меѓународниот пазар. Меѓу обврските е и еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, која доспева за отплата следната година.
Аналитика








