ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ИЛИЈА ТОНЕВСКИ: Добри идеи има многу, но успехот зависи од тимот

    Време зa читање: 4 минути

    Добрата идеја е само почеток. За една компанија да расте и успешно да се проширува, потребни се подготвен тим, финансиска стабилност, јасна визија и храброст да се преземат нови предизвици. Ова е дел од деловната филозофија на Илија Тоневски, извршен директор на „Делфино Мобилити Груп“, кој во интервју за „Пари“, во рамки на настанот „Бизнис лидер“, зборува за иднината на автомобилската индустрија, регионалната експанзија и вистинскиот момент за инвестирање.

    Компанијата е присутна на пет пазари, а плановите за понатамошен раст се насочени кон нови производи и нови пазари. Но, за Тоневски, проширувањето не е само прашање на амбиција, туку и на способноста на компанијата да одговори на предизвиците што ги носи растот. На прашањето каде би инвестирал еден милион евра, неговиот одговор е недвосмислен – во сопствената компанија.

    ПАРИ: Дали електричните автомобили се иднината на Македонија?

    ТОНЕВСКИ: Сметам дека сите возила со алтернативни погони, без разлика дали станува збор за целосно електрични автомобили, плагин-хибриди или класични хибриди, имаат огромен потенцијал на македонскиот пазар. Но, клучното прашање е што навистина им е потребно на македонските возачи. Начинот на кој го користиме автомобилот, нашите секојдневни потреби и навики ќе бидат пресудни при изборот на возило.

    Секако, неопходно е да се развива инфраструктурата за полнење, бидејќи тоа е еден од предусловите за зголемување на продажбата на електричните автомобили.

    Истовремено, новите технологии веќе нудат интересни решенија. На пример, моделот Lynk & Co 08 овозможува автономија до 1.200 километри со полн резервоар и наполнета батерија. Од друга страна, Geely Starray EM-i нуди потрошувачка од околу два литра на 100 километри, во услови на наполнета батерија.

    Новите технологии отвораат многу можности, а конечниот избор ќе зависи од потребите и преференциите на секој купувач.

    ПАРИ: Кога е вистинскиот момент една компанија да го прошири својот бизнис?

    ТОНЕВСКИ: Пред сè, стратегијата на компанијата мора да биде внимателно поставена и да ја следи визијата на нејзиниот лидер или сопственик. За мене, едно од најважните прашања е колку тимот е подготвен да ја спроведе планираната експанзија. Исто така, колку ние, како менаџери и сопственици, сме подготвени да ги прифатиме предизвиците и жртвите што ги носи растот.

    Во моментов, „Делфино“ е присутен на пет пазари. Кога размислуваме за нов пазар или нов производ, мора добро да процениме колку го познаваме тој пазар, дали располагаме со потребните финансиски средства и дали имаме капацитет и истрајност да го реализираме планираниот раст.

    Не е доволно само менаџментот да има визија. Таа мора успешно да се пренесе на сите нивоа во компанијата, сè до луѓето што оперативно треба да ја реализираат.

    За мене, суштинското прашање е колку една компанија може да продолжи да расте без да направи компромис со принципите врз кои е изградена. Дали можеме успешно да управуваме со поголема организација? Дали финансиите и искуството ни го дозволуваат тоа?

    На крајот, сè се сведува на вистинскиот момент. Ако треба да го дефинирам, моментумот е комбинација од подготвеност и храброст. А тој моментум зависи од нас самите.

    ПАРИ: Што е поважно за успехот на еден бизнис – добар тим или добра идеја?

    ТОНЕВСКИ: Добар тим што може да спроведе добра идеја.

    Добри идеи има многу. И јас лично имам повеќе идеи отколку што во моментов можам да ги реализирам. Но, успехот на експанзијата што ја остваривме во последните пет години се темели токму на нашиот тим, кој беше подготвен да одговори на предизвиците што ги носат новите идеи.

    Секоја нова идеја отвора и нови предизвици – финансиски, оперативни, организациски, во управувањето со возниот парк и во сите други сектори на компанијата.

    Лесно е од мојата позиција да се создаде нова идеја или визија. Но, вистинскиот мотор за нејзиното спроведување е добриот тим. Токму затоа, заслугата за успешната реализација им припаѓа на луѓето што стојат зад компанијата.

    ПАРИ: И за крај, доколку треба да инвестирате еден милион евра, во кој сектор би ги вложиле?

    ТОНЕВСКИ: Еден милион евра би инвестирал во сопствената компанија.

    Имаме многу проекти што допрва ќе ги претставиме, како и бројни нови идеи. Имаме големи амбиции за освојување нови пазари и воведување нови производи.

    Верувам дека треба да се држиме до она што најдобро го познаваме. А јас најдобро го познавам „Делфино Мобилити Груп“.

    Затоа, еден милион евра би ги инвестирал во нас.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично