ПОВЕЌЕ

    ЕК нотира напредок во јавните финансии: Понизок јавен долг, побрз економски раст и реформи во буџетскиот систем

    Време зa читање: 3 минути

    Македонската економија забележала забрзан раст во 2025 година, јавниот долг се намалил за два процентни поени, а буџетскиот дефицит се задржал на планираните четири проценти од БДП. Паралелно, направени се чекори кон подобра контрола на јавните средства, следење на државните инвестиции и унапредување на буџетскиот систем. Ова се дел од констатациите во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, на кои се повикува Министерството за финансии.

    Според Министерството, Европската комисија оценува дека економскиот раст во 2025 година бил поттикнат од зголемените инвестиции и приватната потрошувачка. Најдобри резултати биле забележани во градежништвото и ИКТ-секторот, при што значајна улога имале засилените јавни инвестиции во патната инфраструктура и приватните вложувања поддржани со субвенционирани корпоративни кредити.

    Во делот на јавните финансии, Комисијата констатира дека јавниот долг на крајот од 2025 година бил намален за два процентни поени во однос на претходната година, додека буџетскиот дефицит изнесувал четири проценти од БДП, во рамките на планираното.

    Извештајот го нотира и напредокот во спроведувањето на Законот за буџети. Донесени се повеќе подзаконски акти, како и Фискална стратегија и Стратегија за управување со јавниот долг со среднорочни проекции. Овие документи треба да придонесат за поголема предвидливост и транспарентност во планирањето и трошењето на јавните средства.

    Посебно внимание е посветено на управувањето со јавните инвестиции. Министерството за финансии развило привремена електронска база за евидентирање на проектите и следење на нивната финансиска реализација. Европската комисија ги нотира и напорите за воспоставување посистематски пристап при оценувањето и изборот на проекти, со цел буџетските средства да се распределуваат во согласност со стратешките приоритети.

    Напредок е забележан и во системот на јавна внатрешна финансиска контрола. Со новата методологија за идентификување и следење на ризиците, до крајот на 2025 година 76 проценти од буџетските корисници на централно ниво воспоставиле системи за управување со ризици. Донесени се и два подзаконски акта за спроведување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.

    Во соопштението се посочува и финансиската поддршка од Европската Унија. Заклучно со јуни 2026 година, во рамките на Реформската агенда, Европската комисија исплатила 142,1 милион евра, вклучително и средствата од претфинансирањето. Реформите се однесуваат на дигиталната трансформација, финансиската контрола, управувањето со државните претпријатија и подобрувањето на квалитетот на образованието.

    Од Министерството за финансии најавуваат продолжување на реформите во управувањето со јавните средства, со акцент на поголема отчетност, поефикасна финансиска контрола и усогласување со европските стандарди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично