ПОВЕЌЕ

    Во фокусот на Комерцијална банка до крајот на 2026: Квалитетно портфолио и флексибилност за клиентите

    Време зa читање: 5 минути

    Комерцијална банка „игра“ со големи бројки: 3,25 милијарди евра актива, 2,77 милијарди евра депозити и вкупни пласмани од околу 1,53 милијарди евра, а приходите од провизии скокнале за речиси 22 насто. Кредитирањето расте, повеќе пари се вложуваат во државни хартии од вредност, а редовните банкарски приходи се повисоки од лани.

    На крајот од сето тоа стои и голема добивка – 68,4 милиони евра за девет месеци. Таа е за 1,1 отсто пониска од минатогодишната во истиот период, кога изнесувала 69,1 милион евра. Сепак, Комерцијална банка го надминала планираниот профит за деветмесечјето за 11,1 насто.

    Профитот малку надолу, бизнисот нагоре: Комерцијална банка „тежи“ 3,25 милијарди евра

    Ќе почекаме да видиме каков ќе биде годинешниот исход, но еве какви се очекувањата на менаџментот за наредниот период.

    Македонската економија се очекува да ја заврши 2026 година со раст меѓу 3,2 и 3,5 проценти, додека инфлацијата би се движела околу 4 проценти. Банкарскиот сектор се очекува да продолжи со кредитната поддршка на граѓаните и компаниите, и покрај построгите регулаторни барања и неизвесностите во глобалната економија.

    Ова се дел од очекувањата што менаџментот на Комерцијална банка ги наведува во информацијата доставена до Македонската берза, повикувајќи се на економските проекции на домашните и меѓународните финансиски институции.

    Во документот се посочува дека макроекономските услови во кои работи Банката и понатаму се под влијание на неизвесното глобално окружување, особено поради воениот конфликт на Блискиот Исток, неговите економски последици и инфлаторните притисоци.

    И покрај ризиците, меѓународните финансиски институции ги подобрија прогнозите за растот на македонската економија. Светската банка ја зголеми проекцијата за БДП на 3,2 проценти, а Меѓународниот монетарен фонд на 3,5 проценти. Министерството за финансии и Народната банка, исто така, предвидуваат економски раст од 3,5 проценти.

    Инвестициите и домашната потрошувачка ќе го движат економскиот раст

    Според проекциите наведени во документот на Комерцијална банка, домашната побарувачка ќе остане главниот двигател на економската активност.

    Најголем раст се очекува кај бруто-инвестициите, за кои е проектиран реален пораст од 8,4 проценти во 2026 година. Личната потрошувачка се очекува да порасне за 2,6 проценти, поддржана од зголемувањето на расположливиот доход и понатамошното кредитирање.

    Јавната потрошувачка, пак, се предвидува да забележи поумерен раст од 1,4 проценти.

    Во надворешнотрговската размена се очекува извозот да порасне за 4,7 проценти, а увозот за 4,9 проценти, што упатува на намален придонес на нето-извозот кон вкупниот економски раст.

    Инфлацијата останува предизвик – се очекува стапка од околу 4 проценти

    Инфлацијата останува еден од главните ризици за економските движења до крајот на годината.

    Според податоците на Државниот завод за статистика наведени во документот, годишната инфлација во септември изнесувала 3,6 проценти. Народната банка предвидува инфлацијата за целата 2026 година да биде околу 4 проценти.

    Се очекува постепено намалување на инфлаторните притисоци и враќање кон историскиот просек, под услов да нема позначителни нови притисоци од домашната побарувачка и увозните цени.

    Во делот на монетарната политика, менаџментот на Комерцијална банка наведува дека Народната банка на крајот од првото полугодие ги зголемила каматните стапки на благајничките записи од 4 на 4,25 проценти, а на расположливите депозити преку ноќ од 3,50 на 3,75 проценти.

    Овие промени се случиле во услови на новата оперативна рамка на монетарната политика, усвоена на крајот од 2025 година, како и зголемувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка.

    Кредитите растат побрзо од депозитите

    Банкарскиот сектор во септември забележал двоцифрен годишен раст на кредитирањето, при што кредитната активност се зголемувала со поголема динамика од депозитите.

    Вкупните кредити пораснале за 14,1 процент во споредба со истиот период од претходната година. Кредитирањето на домаќинствата се зголемило за 12,7 проценти, додека кредитите на нефинансиските друштва забележале раст од 15,7 проценти.

    Истовремено, вкупните депозити биле повисоки за 9,2 проценти на годишно ниво. Депозитите на домаќинствата се зголемиле за 9,2 проценти, а корпоративните депозити за 8,6 проценти.

    Иако кредитирањето моментално бележи повисоки стапки на раст, среднорочните проекции упатуваат на поумерена динамика во наредниот период.

    За периодот од 2026 до 2028 година се предвидува просечен годишен раст на кредитите од 7,3 проценти, додека депозитите се очекува да растат со просечна годишна стапка од околу 7,6 проценти.

    Банките ќе продолжат со кредитирање, но со построги регулаторни барања

    Според очекувањата наведени во документот, банкарскиот систем ќе продолжи да обезбедува кредитна поддршка на економијата и до крајот на 2026 година, и покрај заострувањето на регулаторните услови.

    Меѓу новите барања се зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, построгите макропрудентни показатели, повисоките обврски и стапки на задолжителна резерва во денари и девизи, како и примената на регулативата за минималната стапка на сопствени средства и минимални обврски.

    Дополнително, банките треба да го приспособат работењето кон новата оперативна рамка на монетарната политика.

    Комерцијална банка ќе се фокусира на дигитализација, трошоци и квалитетот на портфолиото

    Во однос на сопственото работење, менаџментот на Комерцијална банка најавува дека во преостанатиот дел од годината ќе продолжи со активности за приспособување кон економските и регулаторните услови.

    Приоритет ќе биде одржувањето на квалитетот на портфолиото, изнаоѓањето флексибилни решенија за потребите на клиентите и ефикасното управување со трошоците.

    Банката планира и понатамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, како и усогласување на работењето со регулативата за платежни услуги и платни системи и новите правила за заштита на потрошувачите.

    Меѓу приоритетите се и усогласувањето со регулативата за финансиски инструменти и обврските за транспарентност на издавачите на хартии од вредност, унапредувањето на корпоративното управување и практиките за одржлив развој.

    Комерцијална банка најавува и имплементација на систем за управување со ризиците поврзани со климатските промени.

    Очекувањата изложени од менаџментот во документот доставен до Македонската берза упатуваат на продолжување на економскиот раст и кредитната активност до крајот на 2026 година, но и на потребата од внимателно управување со ризиците во услови на неизвесно меѓународно економско окружување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично