
Со актива од 2,1 милијарда евра, кредитно портфолио од 1,43 милијарди евра и нето-добивка од 37,3 милиони евра во 2025 година, Халкбанк ја зацврстува својата позиција на македонскиот банкарски пазар. Но, за главниот извршен директор Фатих Шахбаз, вистинската мерка за успехот не се само финансиските резултати, туку и вредноста што банката ја создава за клиентите, компаниите и пошироката заедница.
Во интервјуто за Пари, Шахбаз говори за предизвиците на современото лидерство, улогата на банките во економскиот развој и инвестициите, како и за дигиталната трансформација што сè повеќе го менува начинот на банкарско работење. Тој вели дека Халкбанк досега поддржала проекти за обновливи извори на енергија во вредност од 253 милиони евра, а посебен акцент става на новите технологии, вештачката интелигенција и довербата на клиентите. Неговата порака е дека иднината на банкарството не е во изборот меѓу технологијата и човекот, туку во нивното поврзување.
ПАРИ: Халкбанк во изминатите години изгради силна позиција на македонскиот пазар. Што, според Вас, најмногу ја одбележува Банката денес и што ја издвојува во односот со клиентите и деловната заедница?
Шахбаз: Она што денес најмногу ја одбележува Халкбанк е комбинацијата од стабилност, раст и силна ориентација кон луѓето. Во изминатите години изградивме банка со значајна позиција на македонскиот пазар, но за нас големината сама по себе никогаш не била единствената мерка за успех. Многу поважно е како тој раст го претвориме во вредност за клиентите, за компаниите и за економијата во целина.
Нашиот пристап е едноставен, сакаме да бидеме банка која ги разбира потребите на клиентите и е присутна кога им е најпотребна. Тоа значи да понудиме конкурентни и современи финансиски решенија, но истовремено да го задржиме личниот однос и довербата, кои се основа на секое добро банкарство.
Ваквиот пристап кој го негуваме овозможи да растеме и од година в година да бележиме одлични финансиски резултати. И во 2025 година направивме значаен чекор напред. Вкупната актива на Банката достигна 2,1 милијарди евра, кредитното портфолио порасна на 1,43 милијарди евра, а депозитната база на 1,58 милијарди евра. Сето тоа резултираше годината да ја завршиме со нето-добивка од 37,273 милиони евра.
За нас, сепак, овие бројки не се само финансиски показатели. Тие се одраз на довербата што клиентите ја имаат во Банката и на нашата способност таа доверба да ја претвориме во конкретна поддршка за нивните потреби и планови.
Истовремено, остануваме силно поврзани со деловната заедница. Нашата улога не ја гледаме само во обезбедувањето финансиски средства, туку и во тоа да бидеме партнер на компаниите во нивниот развој, од микро и мали претпријатија и претприемачи, до средни и големи компании. Македонија има компании со голем потенцијал, од мали семејни бизниси и претприемачи до големи компании кои се носители на инвестиции и вработување. Нашата улога е да ги следиме во нивниот развој, со финансирање, советување и решенија што одговараат на нивната реална динамика. Не сакаме да бидеме само банка кај која компанијата има сметка, туку финансиски партнер кој го разбира нејзиниот бизнис.
Затоа, ако треба да ја опишам Халкбанк денес, би рекол дека сме банка која расте, но истовремено се модернизира и се менува заедно со своите клиенти. За нас растот има вистинска вредност само тогаш кога создава повеќе можности за луѓето, за компаниите и за економијата во целина.
ПАРИ: Бизнис-окружувањето денес бара брзи одлуки и постојано приспособување. Што сметате дека е најважната задача на еден лидер во вакви услови?
Шахбаз: Во услови на постојани промени, мислам дека најважната задача на еден лидер е да создаде јасна насока, но и да изгради тим кој може да се приспособува без да ја изгуби суштината на организацијата.
Ова го велам и од лично искуство. Моето професионално искуство во Halkbank Türkiye, каде што низ годините имав можност да работам на различни позиции и да ги запознаам различните аспекти на банкарскиот бизнис, многу ми помогна да разберам дека лидерството не се состои само во носење одлуки. Тоа пред сè значи разбирање на луѓето, доверба во тимот и способност да се препознае моментот во кој треба да се реагира.
Во Халкбанк Скопје сум веќе една година, што е доволно време одблизу да го запознаам македонскиот пазар, клиентите и тимот во Банката. За мене тоа е и нова перспектива, да го искористам искуството стекнато во Турција, но истовремено да слушам, да учам и да се приспособувам на локалните услови. Верувам дека успешното лидерство не значи да дојдете со однапред подготвени одговори, туку да знаете како своето искуство да го ставите во функција на конкретната средина во која работите.
Денес брзината на одлучување е многу важна, но брзината сама по себе не е доволна. Лидерот треба навреме да ги препознае промените, да процени кои се ризиците и можностите и да донесе одлука врз основа на добри информации. Но, исто толку важно е да го слушне тимот. Не можете секоја одлука да ја носите од една канцеларија. Морате да им дадете одговорност на луѓето и да создадете средина во која тие ќе имаат слобода да преземаат иницијатива.
Банкарството е добар пример за тоа. Технологијата, дигиталните услуги, регулативата и очекувањата на клиентите се менуваат многу брзо. Но, приспособувањето не значи откажување од принципите. Довербата, стабилноста, одговорноста и долгорочниот однос со клиентите мора да останат непроменети, без оглед на тоа колку брзо се менува начинот на кој работиме.
Затоа верувам дека добриот лидер денес треба истовремено да гледа во две насоки, кон иднината, за да ги препознае промените навреме, и кон луѓето, за да обезбеди организацијата да може да одговори на тие промени. За мене тоа е комбинација од визија, одговорност и доверба во луѓето. Мојата задача како генерален директор е да ја поставам насоката, но и да создадам услови тимот да може таа насока да ја претвори во резултати. На крајот, стратегијата може да ја постави лидерот, но ја реализира целиот тим. И токму затоа верувам дека најсилните организации се оние во кои луѓето знаат каде одат, зошто одат таму и чувствуваат дека имаат важна улога во тој пат.
ПАРИ: Банките се едни од најважните партнери на компаниите во нивниот развој. Како ја гледате улогата на банкарскиот сектор во поддршката на растот, инвестициите и конкурентноста на македонските компании?
Шахбаз: Банкарскиот сектор има многу важна улога во развојот на економијата, бидејќи преку него капиталот се насочува кон компаниите, инвестициите и проектите што создаваат нова вредност. Но, сметам дека улогата на банката денес е многу поширока од едноставното одобрување кредит. Банката треба да биде финансиски партнер кој го разбира бизнисот, ги препознава неговите потреби и може да понуди решение во вистинскиот момент.
Компаниите денес работат во средина во која конкуренцијата е сè поголема, технологијата брзо се менува, а инвестициите во продуктивност, енергетска ефикасност и нови пазари стануваат неопходност. Затоа на компаниите им е потребен партнер кој ќе може да ги следи низ различните фази од нивниот развој, од обезбедување обртни средства, до финансирање нова опрема, проширување на производството, дигитализација или инвестиции со долгорочен ефект.
Од перспектива на Халкбанк, токму поддршката на реалниот сектор е еден од нашите клучни приоритети. Во 2025 година нашето кредитно портфолио достигна 1,43 милијарди евра, а кредитната активност во текот на годината се зголеми за 262 милиони евра. Но, за мене поважно од самата бројка е што стои зад неа, компании кои инвестираат, растат, вработуваат и сакаат да ја зголемат својата конкурентност.
Особено важна е поддршката на инвестициите што ја менуваат економијата на долг рок. Како пример би го навел нашето „зелено финансирање“. Заклучно со крајот на 2025 година, вкупната вредност на инвестициите во проекти за обновливи извори на енергија финансирани со поддршка од Халкбанк достигна 253 милиони евра. Станува збор за ветерни, хидро и соларни електрани, со вкупна инсталирана моќност од 279 мегавати. Само во 2025 година овие централи произведоа повеќе од 336.000 мегават-часови електрична енергија.
Ова за нас е повеќе од финансиски резултат. Тоа е пример како банкарството може да биде дел од економската и енергетската трансформација, да помогне капиталот да се насочи кон инвестиции кои ја зголемуваат енергетската независност, ја намалуваат зависноста од фосилни горива и истовремено создаваат долгорочна конкурентност за економијата.
Друг сегмент на кој му посветуваме особено внимание е женското претприемништво. Веруваме дека пристапот до финансии треба да биде поддршка за секој добар бизнис, а жените претприемачи имаат значаен потенцијал за раст и отворање нови работни места. Затоа развивме специјален Пакет за жени претприемачи, кој покрај поволни кредитни услови и банкарски услуги со повластени тарифи, вклучува и советодавна поддршка. До крајот на 2025 година, преку овој пристап обезбедивме кредитна поддршка за 467 компании предводени од жени , со кредити во вкупен износ од 17,3 мил еур
Исто така, не смееме да го занемариме земјоделството, кое има специфични потреби и динамика. Ние, во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа – ЕФСЕ, преку специјализирана кредитна линија им овозможуваме на земјоделците и малите бизниси пристап до средства од 5.000 до 250.000 евра, со рок на отплата до пет години. Средствата може да се користат и за обртни потреби и за инвестиции во модернизација и унапредување на одржливото земјоделско производство. Тоа е важно затоа што земјоделецот не треба само да го финансира тековниот циклус, туку треба да има можност да инвестира во иднината на своето производство.
Сметам дека токму во овие области се гледа пошироката улога на банкарскиот сектор. Не станува збор само за тоа колку кредити ќе бидат одобрени, туку за тоа каков економски ефект создаваат тие средства, дали се отвора нов погон, се купува нова технологија, се произведува чиста енергија, се модернизира земјоделско производство или се овозможува една претприемачка идеја да прерасне во успешен бизнис.
Мојата визија е Халкбанк да биде партнер кој го разбира бизнисот на клиентот, а не само неговиот биланс. Кога компанијата расте, инвестира и станува поконкурентна, расте и банката. Тоа е долгорочен однос во кој успехот на едната страна е поврзан со успехот на другата.
ПАРИ: Дигитализацијата, вештачката интелигенција и променетите очекувања на клиентите сè повеќе го трансформираат банкарството. Што сметате дека ќе биде најголем предизвик, но и најголема можност за банкарската индустрија во следните години?
Шахбаз: Верувам дека најголемиот предизвик и најголемата можност во следните години ќе бидат токму во начинот на кој ќе ги примениме дигитализацијата, вештачката интелигенција и новите технологии, без да го изгубиме човечкиот аспект на банкарството.
Во Халкбанк многу рано ја препознавме оваа трансформација. Отсекогаш ги следиме светските банкарски трендови и настојуваме современите технологии да ги претвориме во конкретни услуги и решенија за нашите клиенти. Затоа денес со гордост можам да кажам дека Халкбанк е лидер и пионер во воведувањето напредни дигитални услуги и функционалности на македонскиот пазар. Многу решенија што првпат ги воведовме ние, денес се дел од стандардното очекување на клиентите и од пошироката понуда на финансискиот сектор.
Еден од примерите е бесконтактното плаќање. Со Mastercard PayPass картичките и воведувањето на NFC технологијата, Халкбанк беше првата банка што ја донесе бесконтактната технологија на македонскиот пазар. Бевме и првата банка што го воведе PCI DSS стандардот за највисоко ниво на безбедност при картичните трансакции. Потоа продолживме со решенија што дополнително го поедноставуваат секојдневното банкарство, Smart Cash, кој овозможуваше подигнување готовина од банкомат без картичка, Garmin Pay, како и можноста за дигитално плаќање преку различни носливи уреди и додатоци, како прстени и приврзоци.
Рано развивме и целосна палета на онлајн услуги, вклучително и онлајн кредити и депозити, како и можност за активирање дигитални сервиси без потреба од посета на филијала. Со Halk Mobi POS, пак, мобилниот телефон го претворивме во ПОС терминал, што е особено значајно за малите и средните компании бидејќи им овозможува полесно да прифаќаат безготовински плаќања и да го развиваат својот бизнис.
Тоа е и нашата филозофија за дигитализацијата, не ја гледаме како технологија сама за себе, туку како начин банкарството да биде побрзо, поедноставно и подостапно. Следниот голем чекор во таа трансформација е секако вештачката интелигенција. Таа може да донесе големи придобивки, од персонализирано корисничко искуство и побрза услуга, до подобро управување со ризиците и поефикасни процеси.
Но, паралелно со технолошкиот развој мора да ја зачуваме довербата. Клиентот треба да знае дека неговите податоци се заштитени, дека услугата е сигурна и дека, кога има потреба, зад технологијата стои човек кој може да го разбере и да му помогне. Тоа е особено важно за нас, бидејќи нашиот слоган „Важни се луѓето“ не е само порака, туку принцип по кој го развиваме и дигиталното банкарство.
Затоа верувам дека иднината нема да биде избор меѓу технологијата и човекот. Иднината е во нивното правилно поврзување. Нашата цел е да продолжиме да ги следиме светските трендови, но и понатаму да бидеме меѓу оние што ги носат најдобрите и најкорисните иновации први на македонскиот пазар.
ПАРИ: Довербата е еден од најважните темели на банкарското работење. Како се гради и одржува довербата на клиентите во време на брзи економски, технолошки и општествени промени?
Шахбаз: Довербата во банкарството не се гради со една одлука или една кампања. Таа се гради со години, преку секојдневното работење и преку тоа дали банката е доследна во она што го ветува и она што го испорачува. Во суштина, клиентот треба да знае дека може да се потпре на својата банка и во добри и во посложени периоди.
Во услови на брзи економски и технолошки промени, тоа значи пред сè сигурност, транспарентност и одговорност. Клиентите сакаат да знаат дека нивните средства и податоци се заштитени, дека условите се јасни и дека кога имаат потреба од поддршка, банката ќе биде достапна. Истовремено, довербата се гради и преку способноста на банката да се приспособува, да понуди нови и поедноставни начини на користење на услугите, без притоа да ја компромитира безбедноста.
За Халкбанк, довербата е нешто што го градиме и преку нашата долгорочна посветеност кон клиентите. Растот на Банката е важен показател, но уште поважно е што тој раст се темели на долгорочни односи со граѓаните и компаниите. Нашата цел не е само да понудиме финансиски производ, туку да разбереме што му е потребно на клиентот и да бидеме партнер во различните фази од неговиот живот или развојот на неговиот бизнис.
Тука повторно е важен и човечкиот фактор. Дигиталните канали можат да ја направат услугата побрза и поедноставна, но довербата се гради кога клиентот чувствува дека е разбран и дека не е само број во системот. Затоа, и покрај силниот фокус на дигитализацијата и новите технологии, во Халкбанк продолжуваме да инвестираме и во квалитетот на односот со клиентите.
ПАРИ: Што за Халкбанк значи да се биде „Бизнис Лидер“ – кои вредности и резултати треба да ги има една компанија за навистина да ја заслужи таа позиција?
Шахбаз: За нас, да се биде „Бизнис Лидер“ значи многу повеќе од големината на компанијата или финансискиот резултат. Лидерството се гради со доверба, со доследност и со способност да создавате вредност за клиентите, вработените, деловните партнери и за заедницата во која работите.
Халкбанк денес е една од најголемите банки на македонскиот пазар и тоа со себе носи и голема одговорност. Нашата улога не ја гледаме само како обезбедување финансиски услуги, туку и како силен поддржувач на граѓаните и стопанството. Банката треба да биде партнер кога граѓанинот решава станбено прашање, го започнува својот прв бизнис или планира важна инвестиција, но и кога компанијата сака да расте, да инвестира, да отвора нови работни места или да излезе на нови пазари.
Лидерството значи и да бидеш чекор пред пазарот. За мене, вистински лидер е оној што не чека промените да се случат, туку ги препознава навреме и создава услови за тие промени да бидат позитивни. Тоа е една од вредностите што Халкбанк ја гради низ годините, преку иновациите и дигитализацијата, преку следењето на светските банкарски трендови, но и преку постојаното унапредување на услугите и начинот на кој комуницираме со клиентите.
Но, лидерството има и поширока димензија. Како една од големите компании во земјата, сметаме дека имаме одговорност да придонесуваме за заедницата. Општествената одговорност за нас не е активност што се случува само повремено, туку е дел од начинот на кој ја разбираме нашата улога. Затоа поддржуваме проекти во различни области, од заштита на животната средина и зелените иницијативи, до спортот, културата, образованието, здравството и поддршката на различни ранливи и општествено значајни категории.
Верувам дека компанијата може да биде успешна само ако успехот го споделува со средината во која работи. Ако придонесува за развој на бизнисите, за подобар живот на граѓаните, за одржлива иднина и за посилна заедница, тогаш нејзиното лидерство има вистинска вредност.
ПАРИ: Халкбанк трета година по ред е дел од „Бизнис Лидер“. Што препознавте во оваа иницијатива и што Ве мотивираше повторно да ја поддржите?
Шахбаз: За нас, „Бизнис Лидер“ е иницијатива што на едно место ги обединува вредностите што и самите ги сметаме за важни во деловното работење, одговорност, интегритет, континуиран развој, иновативност и придонес кон пошироката заедница.
Фактот што Халкбанк трета година по ред е дел од „Бизнис Лидер “ за нас е потврда дека препознаваме значење во една иницијатива која не го мери успехот само низ финансиски резултати, туку го отвора прашањето каква компанија сакаме да бидеме и каков пример сакаме да оставиме во деловната заедница.
Она што особено нè мотивира е можноста преку вакви иницијативи да се афирмираат компании кои не се фокусирани само на сопствениот раст, туку инвестираат во луѓето, во иновациите, во одржливиот развој и во средината во која работат. Тоа е пристап кој е близок до нашата филозофија и до она што го претставува Халкбанк.
Нашата поддршка е и начин да придонесеме кон создавање позитивна деловна атмосфера во која успехот не се гледа само како индивидуален резултат, туку и како можност да се поттикнат други компании, млади луѓе и претприемачи да создаваат, инвестираат и да се развиваат.
Затоа и оваа година со задоволство сме дел од „Бизнис Лидер“. Веруваме дека на македонската деловна заедница ѝ се потребни иницијативи што ги препознаваат добрите примери и ја поттикнуваат конкуренцијата во позитивна насока, не само кој ќе постигне повеќе, туку и кој ќе создаде поголема вредност за своите клиенти, вработени и за заедницата.
Тоа е и начинот на кој ние ја разбираме нашата улога како банка, да растеме заедно со луѓето и компаниите со кои работиме и, паралелно со нашиот деловен успех, да придонесуваме кон посилна и поодржлива заедница.
Аналитика








