ПОВЕЌЕ

    Илузијата на пензискиот популизам: Зошто македонскиот систем тоне и што можеме да научиме од Словенија?

    Време зa читање: 7 минути

    Официјалното доставување на предлог-закон со кој конечно се најавува воведувањето на мултифондови го вклучува црвениот аларм. Додека Собранието расправа за техничката модернизација на Вториот столб, Владата ја тестира јавноста со идеи за привремен мораториум, доброволен излез и враќање во првиот столб или виртуелни сметки под изговор дека приватните фондови се „слаби претприемачи“.

    Но, вистината е фискално сурова: државниот пензиски фонд е во висок структурен дефицит, а вистинскиот виновник не се берзанските приноси на приватните друштва, туку деструктивниот коктел од неформална економија, демографски егзодус и чист политички популизам. Но, ако се вратиме само малку наназад, ќе видиме еден фрапантен институционален парадокс: како во зависност од моменталната потреба, надлежните користат различни „вистини“ за различни цели.

    Од „одлична кондиција“ до панични реформи

    Кога во периодот 2024 – 2025 година требаше да се одбрани линеарното покачување на пензиите од вкупно 7.000 денари (5.000 + 2.000), првите луѓе на пензискиот систем на цел глас уверуваа дека мерката е „социјално праведна“, а Фондот е во „одлична финансиска кондиција“. Тогаш јавноста беше убедувана дека нема простор за паника и дека буџетот лесно го издржува овој товар.

    Денес, во есента 2026 година, кога сметката за тој популизам пристигна, бранителите нагло го сменија наративот. Сега одеднаш се признава дека хроничниот кусок во ПИОМ изнесува огромни 54,4 милијарди денари (околу 880 милиони евра), па вината панично се префрла врз Вториот столб и се укажува на неопходност од реформи.

    Анатомија на пропаста: Триглавиот дефицит во ПИОМ

    Реалната фискална бездна во ПИОМ е директен резултат на:

    1. Ефектот од линеарните зголемувања: политичките ад хок покачувања надвор од законската формула ја донесоа најниската пензија во Македонија до 20.288 денари, што претставува неверојатни 77,7 насто од минималната плата (26.046 денари). Кога разликата меѓу работење цел месец за минималец и најниска пензија е едвај 5.700 денари, тоа е деградација на трудот и повод за избегнување легално вработување.
    2. Транзицискиот трошок на Вториот столб: насочувањето на 6 процентни поени кон приватните сметки одзема околу 19,6 милијарди денари од државниот фонд и природно го остава со помалку готовина за исплата на тековните пензионери. Овој трошок е очекуван уште при осмислувањето на реформираниот систем, но наместо државата да го амортизира преку силни капитални инвестиции со текот на времето, таа денес го користи како изговор за кратење на приватната сопственост на осигурениците.
    3. Здравствениот придонес за пензионерите: ПИОМ на свој грб ја носи обврската во име на сите пензионери да уплаќа придонеси кон Фондот за здравство (ФЗОМ). Ова прелевање пари меѓу два дефицитарни фонда дополнително го напрега пензискиот систем, за разлика од уредените ЕУ-земји каде што овој трошок оди директно на товар на централниот буџет.

    Скриената милијарда на пазарот на труд

    Додека државниот фонд се соочува со ниска покриеност на трошоците за пензија со уплатените придонеси, постои сива зона во економијата од која не стигнуваат уплати. Според анализите на Finance Think, има над 90.000 „невидливи“ работници, односно секој седми работник е неформален. Од работа на црно и феноменот „плата во плик“, пензискиот систем секоја година губи над 20,5 милијарди денари пресметано врз основа на просечната плата (околу 333 милиони евра). Ова е реален иден извор на приходи за системот и ако државата успее да го ефектуира, значително би се намалил постоечкиот дефицит.

    Словенечкиот фискално-параметарски штит

    Словенија никогаш не воведе задолжителен втор столб, а нејзиниот систем, иако има поголем број на пензионери и понизок сооднос на вработени со пензионери од кај нас, е пример за стабилност затоа што се базира на сурова економска дисциплина:

    • Интензивна формална вработеност: главниот штит на словенечкиот фонд е пазарот на труд. Со стапка на формална вработеност од над 73 насто на работоспособното население (наспроти нашите скромни 56 насто), системот има исклучително масивна база на даночни обврзници. Поради ова, стабилниот сооднос од 1,5 работници на 1 пензионер кај нив се пресметува на високи плати што генерираат огромен месечен прилив во државната каса.
    • Повисоки придонеси и строги граници: словенечката стапка на пензиски придонес е висока и изнесува 24,35 насто од бруто-платата, а сите тие средства остануваат во државниот фонд. Фиксната старосна граница е 65 години (и за мажи и за жени), а предвременото пензионирање се санкционира со драстични пенали што ги мотивираат граѓаните да останат активни што е можно подолго.
    • Раздвојување на пензија од социјална помош: во Словенија, основната минимална пензија е едвај 30,9 насто од минималната плата (~ 386 наспроти ~ 1.254 евра). За оние со ниски примања, државата не го урива пензискиот фонд со рамни зголемувања, туку социјалниот систем преку буџетот доделува социјална помош и заштитни додатоци (гарантиран доход) за да им помогне на најсиромашните. Пензискиот систем е надвор од рацете на дневнополитичките влијанија и е под директно влијание на математиката, долгорочните економски планови и задолжителниот општествен консензус.

    Патоказ за реструктуирање: како да се стигне до вистински излез?

    Ако сакаме долгорочен спас на македонскиот пензиски систем, осмислувачите на политиките мора да погледнат подалеку од паничните предлози за измени и да спроведат радикален патоказ на реструктуирање:

    1. 1. Параметарски реформи: постепено зголемување на вкупната стапка на придонес кон 21-22 насто, постепено изедначување на старосната граница на 65 години за мажи и за жени, како и воведување на јасни финансиски стимули за доброволно подолго работење по 65-тата година.
    2. Сеопфатна формализација: државата мора начелно да понуди стимулативни мерки за подобрување на општите услови за работа и задоволството од трудот за да го намали мотивот за сива економија.
    3. Активирање на младите и жените како развојна резерва: Македонија е меѓу земјите со најниски стапки на економска активност на младите и жените, што претставува огромен неискористен потенцијал. Активирањето на овој потенцијал драстично ќе го поправи соодносот вработени : пензионери.
    4. Враќање и одржување на доверба во пензискиот систем: граѓаните мора да имаат реално и законски заштитено очекување за извесен и сигурен иден пензиски приход. Државата мора да го третира пензискиот придонес како заштитен приватен имот на граѓанинот, а не како државен буџет со кој власта може да располага по сопствена желба. Системот мора да биде целосно имун на изборните циклуси, за што треба да има законска „кочница“ за дискрециони покачувања.
    5. Хрватското решение за вториот столб: наместо присилни мораториуми и замрзнување на парите денес, граѓаните да продолжат да уплаќаат во вториот столб, а дури во моментот на реално пензионирање да им се даде законско право на избор. Ако пресметката покаже дека пензијата само од првиот столб им е подобра, парите од вториот столб осигурениците ќе ѝ ги препуштат на државата во замена за доживотна државна пензија. Ова носи реални пари во ПИОМ тогаш кога е најпотребно, без рушење на пазарната доверба.
    6. Фискално расчистување на здравствениот придонес: префрлање на здравствениот придонес за пензионерите на товар на централниот буџет. Со ова ПИОМ ќе се растовари од улогата на социјален трансфер-сервис и ќе стане чист математички фонд за пензии, а државата ќе биде принудена јасно во Буџетот да го покаже реалниот трошок за здравствената заштита на економски неактивното население.

    Воведување на привремени мораториуми или пренасочување на средствата од вториот столб ќе понуди само краткорочно фискално олеснување, но на сметка на зголемување на долгорочните обврски кон идните генерации осигуреници. Наместо ад хок решенија што ја нарушуваат предвидливоста на системот, потребна е сеопфатна реформа со која економските законитости и фискалната одржливост ќе бидат примарниот патоказ за стабилноста на пензискиот систем.

    Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично