За само еден ден, седумте најголеми американски технолошки компании изгубија повеќе од 1.000 милијарди долари од својата пазарна вредност, а најбогатите луѓе во светот гледаа како нивните лични богатства се топат со милијарди долари од час во час. Nvidia остана без 431 милијарда долари, Tesla загуби 181 милијарда, а Илон Маск за само два дена стана „посиромашен“ за неверојатни 113 милијарди долари. На Волстрит, каде што до неодамна вештачката интелигенција беше главниот двигател на растот, стравот од политички промени и преиспитувањето на огромните технолошки инвестиции предизвикаа масовна распродажба на акции.
Берзанскиот потрес се случи по убедливата победа на Демократите на среднорочните избори во САД на 3 ноември, со кои партијата ја освои контролата врз двата дома на Конгресот. Инвеститорите стравуваат дека новата политичка рамнотежа ќе донесе построги правила за вештачката интелигенција, ограничувања за изградба на центри за податоци и посилен надзор врз најголемите технолошки корпорации.
Според пресметките на NDTV Profit, компаниите од групата позната како „Величествените седум“ (Magnificent Seven) во четвртокот, 5 ноември, загубиле вкупно 1.006 милијарди долари од пазарната капитализација. Само еден ден претходно нивната заедничка пазарна вредност изнесувала околу 23.520 милијарди долари.
Најголемата загуба ја претрпе Nvidia, компанијата која стана симбол на глобалната експанзија на вештачката интелигенција. Нејзината пазарна вредност се намали за приближно 431 милијарда долари, откако акциите потонаа за околу девет проценти. Тоа е огромен удар за производителот на чипови чиј раст во изминатите години беше поттикнат од побарувачката за моќни процесори неопходни за развој на системите за вештачка интелигенција.
Веднаш зад Nvidia се најде Tesla, со загуба од околу 181 милијарда долари во пазарната капитализација. Акциите на производителот на електрични автомобили паднаа за речиси 12 проценти, што претставува најголем процентуален пад меѓу седумте технолошки гиганти.
Microsoft загуби приближно 123 милијарди долари, Apple остана без 85 милијарди, а Alphabet, матичната компанија на Google, изгуби околу 65 милијарди долари. Пазарната вредност на Amazon се намали за 61 милијарда, додека Meta Platforms, сопственикот на Facebook, Instagram и WhatsApp, забележа загуба од приближно 60 милијарди долари.
Но, падот не ги погоди само корпорациите. Најголемите акционери и основачи на овие компании претрпеа драматично намалување на личното богатство, што дополнително ја покажува големината на берзанскиот удар.
Најмногу изгуби Илон Маск, најбогатиот човек во светот. Според индексот на милијардери на Bloomberg, неговото богатство само во четвртокот се намалило за 79,7 милијарди долари. Претходниот ден загубил уште 33,5 милијарди, што значи дека за само 48 часа неговата проценета нето-вредност се намалила за околу 113 милијарди долари.
За споредба, оваа сума е поголема од годишното производство на целата македонска економија повеќепати.
Причината не е само падот на Tesla. Според Fortune, акциите и проценетата вредност на SpaceX исто така биле погодени по изборите. За два дена заедничката пазарна вредност на Tesla и SpaceX се намалила за околу 456 милијарди долари, од приближно 3.500 милијарди на 3.040 милијарди долари. Притоа, за SpaceX станува збор за проценета вредност на компанијата, која не се утврдува преку класично секојдневно берзанско тргување како кај Tesla.
Случајот со Маск има и силна политичка димензија. Тој беше еден од најголемите финансиски поддржувачи на републиканските кандидати на среднорочните избори. Според проценките наведени од Fortune, за поддршка на Републиканците потрошил меѓу 427,5 и 483 милиони долари.
Сега, по победата на Демократите, инвеститорите стравуваат од засилен надзор врз неговите компании, особено поради владините договори на SpaceX и неговата претходна улога во американската администрација. Дел од демократските конгресмени веќе најавија дека ќе ги преиспитуваат потенцијалните судири на интереси и активностите поврзани со владината ефикасност.
Големи загуби претрпе и Џенсен Хуанг, извршниот директор и еден од најголемите акционери на Nvidia. Според Bloomberg, неговото богатство во четвртокот се намалило за 15,1 милијарда долари, на околу 150,9 милијарди долари. Падот го чинеше и место меѓу десетте најбогати луѓе во светот. Од деветтата позиција се спушти на тринаесеттата.
Меѓу големите губитници е и Лари Елисон, коосновачот на Oracle, кој според Bloomberg загубил околу 10,1 милијарда долари за еден ден. Forbes, пак, во пресекот направен во текот на тргувањето, неговата загуба ја проценил на 11,5 милијарди долари, поради што и тој испаднал од првите десет на листата на најбогати според ова рангирање.
Елисон е особено изложен на промените во индустријата за вештачка интелигенција, бидејќи Oracle вложува огромни средства во инфраструктура за облачни услуги и центри за податоци. Компанијата има значителни инвестициски обврски, а пазарот сè почесто го поставува прашањето колку брзо тие инвестиции ќе почнат да носат соодветна заработка.
Уште еден милијардер со голема загуба е Мајкл Дел, основачот на Dell Technologies. Според пресметките на Forbes направени во текот на тргувањето во четвртокот, неговото богатство се намалило за 19,2 милијарди долари. Во истиот пресек, богатството на Марк Закерберг, основачот и извршен директор на Meta, се намалило за околу 8,8 милијарди долари.
Разликите меѓу податоците на Forbes и Bloomberg произлегуваат од различните методологии за процена на богатството и од моментот во кој се пресметани промените.
Вкупно, 500-те најбогати луѓе опфатени со индексот на Bloomberg во четвртокот изгубиле околу 185 милијарди долари. Тоа е четиринаесеттиот најголем еднодневен пад на нивното заедничко богатство откако Bloomberg го започна ова рангирање во 2012 година.
Особено интересно е што само еден ден претходно дел од истите милијардери бележеле огромни добивки.
Во средата, 4 ноември, Волстрит првично позитивно реагираше на изборните резултати. Според проценките на Forbes направени околу пладне по американско време, богатството на основачот на Amazon, Џеф Безос, тогаш било зголемено за 13,7 милијарди долари. Лари Пејџ, коосновачот на Google, заработил на хартија околу 8,3 милијарди долари, додека богатството на другиот коосновач, Сергеј Брин, се зголемило за 7,6 милијарди долари.
Поранешниот извршен директор на Microsoft, Стив Балмер, во истиот пресек бил побогат за 8,8 милијарди долари. Меѓутоа, следниот ден акциите на сите овие компании беа погодени од распродажбата, иако за секој од нив не е објавена споредлива конечна пресметка на личните загуби.
Токму овој пресврт открива колку брзо се менува расположението на финансиските пазари. Во средата, по изборната победа на Демократите, индексот Dow Jones порасна за околу три проценти, S&P 500 за 1,6 проценти, а Nasdaq за 1,4 проценти. Инвеститорите првично ја поздравија намалената политичка неизвесност и можноста поделбата на власта меѓу Белата куќа и Конгресот да спречи нагли промени во економската политика.
Но, во четвртокот следуваше сосема поинаква реакција. Nasdaq Composite потона за 5,52 проценти, S&P 500 загуби 4,36 проценти, а Dow Jones се намали за 1.833 поени, односно 3,44 проценти. Само компаниите од индексот Nasdaq 100 изгубија околу 2.500 милијарди долари од пазарната вредност.
Најсилно беа погодени компаниите зависни од изградбата на нови центри за податоци и од зголемувањето на вложувањата во вештачка интелигенција. Производителот на чипови AMD загуби околу 17 проценти од вредноста на акциите, сличен пад забележа и Micron, додека индексот на производителите на полупроводници потона за приближно 12 проценти.
Главната загриженост е дека новото демократско мнозинство во Конгресот и демократските гувернери во повеќе сојузни држави би можеле да го забават ширењето на инфраструктурата за вештачка интелигенција. Во САД расте отпорот против големите центри за податоци поради нивната огромна потрошувачка на електрична енергија и вода, како и поради можните последици врз трошоците за живот на локалното население.
Според проценките на UBS, околу 30 проценти од планираното зголемување на капацитетите на центрите за податоци во САД во 2028 година би можеле да бидат изложени на ризик доколку се воведат ограничувања или паузи во изградбата.
Сепак, политиката не е единствената причина за падот. Инвеститорите веќе подолго време се загрижени поради милијардите долари што технолошките компании ги вложуваат во вештачка интелигенција, растечките трошоци за финансирање и неизвесноста околу идната исплатливост на проектите.
Тоа значи дека изборните резултати можеби го забрзале падот, но проблемите што го предизвикале се создавале многу порано.
Американскиот претседател Доналд Трамп, меѓутоа, понуди поедноставно политичко објаснување. Во објава на Truth Social, тој директно ги обвини Демократите и граѓаните што гласале за нив. „Берзата денес се урна затоа што Демократите имаа голем успех во вторникот. Тажно е да се гледа тоа, но самите сте си виновни!“, напиша Трамп.
Тој посочи и дека падот ги погодил пензиските заштеди на Американците вложени преку плановите 401(k), тврдејќи дека одговорноста не е кај Републиканците, туку кај нивните политички противници.
(Фото: илустрација подготвена со помош на ВИ)
Аналитика








