ПОВЕЌЕ

    Автопатот Кичево – Охрид ги зголеми приходите на „Гранит“ за 79 насто

    Време зa читање: 2 минути

    Со зголемен обем на работа и со позитивен финансиски резултат ги заврши градежникот „Гранит“ првите девет месеци од годинава. Компанијата оствари добивка од 6,69 милиони евра, додека вкупната сеопфатна добивка е 2,07 милиони евра.
    Разликата меѓу овие два износа главно произлегува од евидентираната нереализирана загуба поради намалувањето на пазарната вредност на портфолиото акции што го поседува „Гранит“, заклучно со 30 септември.

    Во текот на трите квартали вкупните единечни приходи на „Гранит“ достигнале 60,31 милион евра. Во овој сегмент е регистриран раст од 79 насто на годишно ниво. Од продажба компанијата остварила 55,82 милиони евра, или дури 91 насто повеќе во однос на споредбениот период. Како главна причина за силниот раст се посочуваат активностите од изградбата на автопатот Кичево – Охрид, како и од неколку други проекти.

    Исто така, повисоки се и финансиските приходи, кои во деветте месеци достигнале 2,58 милиони евра. Од компанијата наведуваат дека нагорното движење е засновано на повисоката дивиденда добиена од акциите што „Гранит“ ги поседува во Комерцијална банка.

    Со растот на деловните активности се зголемиле и трошоците за 74 насто. Вкупните единечни расходи за деветте месеци изнесуваат 53,62 милиони евра.

    Во однос на финансискиот план за годинава, приходите од продажба се движат во рамките на планираното, додека остварената добивка е над планираниот износ. И приходите од финансирање се повисоки од предвиденото со планот.

    Во периодот од јануари до септември градежната компанија инвестирала 1,03 милиони евра во основни средства.

    Од „Гранит“ очекуваат во наредниот период да ги заокружат проектите од областа на градежната инфраструктура што се во завршна фаза. Истовремено, се очекува да започне реализацијата на новодобиените проекти за изградба на автопатишта, што треба да го одржи повисокото ниво на градежна активност и во периодот што следува.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично