ПОВЕЌЕ

    Стопанска банка ќе го засили кредитирањето и дигитализацијата, но со внимателно управување со ризиците

    Време зa читање: 4 минути

    Добивката на Стопанска банка Скопје е во надолна линија уште од првиот годинешен квартал. Работењето во периодот јануари – септември се ефектуирало со нето-добивка од 38,1 милион евра, која е за 18,3 отсто пониска од заработените 46,6 милиони евра во истиот период лани.

    Пред оданочување и резервации, добивката на Стопанска банка изнесувала 52,64 милиони евра, а по издвојувањето на резервациите добивката пред оданочување е 44,66 милиони евра.

    Врз финансискиот резултат влијаеле повеќе околности, првенствено пониските каматни стапки. Какви ќе бидат натамошните движења не е сосем извесно, но да видиме какви се очекувањата на менаџментот за наредниот период.

    Но, за Банката сега е подеднакво важно и што следува: какво економско окружување очекува менаџментот, колкави се ризиците и врз што ќе се темели натамошното работење.

    Позитивни очекувања, но со повеќе ризици

    Менаџментот на Стопанска банка очекува позитивните трендови во домашната економија да продолжат и во претстојниот период, поддржани од домашната побарувачка, движењата на пазарот на труд и очекуваното засилување на инвестициите.

    Сепак, неизвесноста останува висока. Како главни ризици се издвојуваат геополитичките тензии, нестабилното глобално економско окружување и можните промени во странската побарувачка. Дополнителен ризик претставуваат цените на енергијата и суровините, кои можат повторно да создадат инфлациски притисоци и да влијаат врз трошоците на компаниите и потрошувачката на населението.

    Растот продолжува, инфлациските ризици остануваат – Во своите очекувања, Стопанска банка се повикува на најновите проекции на домашните и меѓународните институции, кои упатуваат на продолжување на економскиот раст, но и на задржани ризици врз ценовната стабилност.

    Светска банка во октомври ја ревидира нагоре прогнозата за растот на македонската економија во 2026 година, од претходните 2,9 на 3,2 проценти. Како еден од главните двигатели на економската активност се издвојуваат инфраструктурните инвестиции и реализацијата на капиталните проекти.

    Проекциите на Народната банка се нешто пооптимистички. Според нив, реалниот раст на БДП во 2026 година би изнесувал 3,5 проценти, а во 2027 година би забрзал на 3,8 проценти, поддржан од инвестициите, личната потрошувачка и извозот.

    Сепак, инфлацијата останува еден од главните ризици. Светска банка очекува стапка од 4,3 проценти во 2026 година, 3,6 проценти во 2027 и 3 проценти во 2028 година. Народната банка, пак, проектира просечна инфлација од 4 проценти во 2026 година, со намалување на 3 проценти во 2027 година. Растот на цените на суровините, можните нарушувања во синџирите на снабдување и растот на платите побрз од продуктивноста се издвојуваат како фактори што можат да го забават очекуваното смирување на инфлацијата.

    Пониските камати ја намалија добивката: Стопанска банка заработи 38,1 милион евра

    Работната сила како проблем – Позитивни движења се очекуваат и на пазарот на труд. Според Фискалната стратегија, стапката на невработеност би требало да се намали на 11 проценти во 2026 година, со можност на среден рок да падне под 10 проценти.

    Но, менаџментот укажува и на структурниот проблем што сè повеќе го чувствуваат компаниите – недостигот од квалификувани работници и иселувањето. Токму ограничената понуда на работна сила може да стане еден од факторите што ќе го ограничуваат потенцијалот за побрз економски раст.

    Инвестициите треба да го движат растот – Фискалната политика во следниот период се очекува да остане насочена кон постепена консолидација, но паралелно и кон продолжување на инфраструктурниот инвестициски циклус. Од тие проекти се очекува да произлезат и пошироки ефекти врз економијата – поголема инвестициска активност, побарувачка за кредити и подобрување на долгорочната конкурентност.

    Од друга страна, дефицитот на тековната сметка се очекува да се зголеми на 5 проценти од БДП, пред постепено да се намали на 4,4 проценти во 2027 и 3,6 проценти во 2028 година.

    Банкарскиот сектор е стабилен – Високата капитализираност, солидната ликвидност и стабилната депозитна база се посочуваат како главни столбови на стабилноста.

    Кредитната активност треба и натаму да обезбедува финансиска поддршка за домаќинствата и компаниите, додека внимателното управување со ризиците останува клучно во услови на неизвесно надворешно окружување.

    Стопанска банка останува фокусирана на раст и дигитализација – Во такво окружување, Банката најавува продолжување на стратегијата за зајакнување на пазарната позиција, подобрување на корисничкото искуство и поддршка на економската активност.

    Банката останува насочена кон обезбедување конкурентни финансиски решенија за населението и компаниите, притоа одржувајќи висока ликвидност, капитална адекватност и внимателен пристап кон ризиците.

    Продолжува и дигиталната трансформација. Во тек е миграцијата кон Mastercard картички, со која Банката планира воведување нови функционалности и дополнителни услуги за клиентите.

    Оттука, очекувањата на менаџментот се за продолжување на растот на домашната економија и стабилност на банкарскиот сектор, но со значително поголема претпазливост поради инфлациските, геополитичките и надворешнотрговските ризици. За Стопанска банка тоа значи продолжување на кредитната и деловната активност, но со задржување на фокусот врз ликвидноста, капиталот и квалитетот на ризиците.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично