
Планираното излегување на Anthropic на берза покажува колку пари сега одат во компаниите што ги градат водечките модели на вештачка интелигенција (ВИ). Македонска компанија сè уште може да ги задржи своите податоци и одлуки за себе.
Во септември, на годишната конференција на Македонската берза во Охрид, реков дека Македонија нема ресурси за да изгради нов Anthropic, а на 26 октомври Anthropic, компанијата зад Claude, покажа што значи таа реченица во пари. Поднесе барање да излезе на берзата Насдак и, според Ројтерс, разгледува да собере до 100 милијарди долари, над десетпати повеќе од приближно 5,3 милијарди евра, колку што заедно вредат сите компании на Македонска берза.
Вредноста се собира на двата краја
Во првата половина од октомври за преземање се појави бесплатна замена за дизајн-пакетот на Adobe, изградена од нула, за која дизајнерите плаќаат секој месец. Станува збор за рана тест-верзија, за која авторот вели дека е напишана со помош на вештачка интелигенција. Во меѓувреме, асистентот на вештачка интелигенција на Anthropic, Claude, почна да претвора обични прашања во контролни табли со податоци во реално време: се поврзува со податоците на компанијата и сам одредува кои бројки треба да ги повлече. Софтверот меѓу нив станува поевтин за изработка, а вредноста се собира на двата краја од истиот синџир: кај малкуте компании што ги градат водечките модели на вештачка интелигенција и кај компаниите што ги поседуваат своите податоци и одлуките што ги носат врз основа на нив. На првиот крај се потребни пари од размерот на ова излегување на берза, а вториот е на дофат на секоја компанија кај нас.
Цената на зависноста
Добавувач што котира на берза мора да одговара пред своите акционери, а сметката што делумно ќе се покрива и со парите собрани при излегувањето на берза е голема: во дополнетата пријава од 2 ноември Anthropic наведува преземени обврски од околу 895 милијарди долари, речиси деветпати повеќе од сумата што може да ја собере на берзата. Речиси сите се за компјутерски капацитети и инфраструктура, а половината треба да се плати до крајот на 2030 година. Инвеститорите веќе прашуваат кој ќе ги плати таквите сметки и, на 29 и 30 октомври, по објавувањето на резултатите на сопственикот на Google, Alphabet, како и на Amazon и Intel, индексот Насдак изгуби повеќе од четири насто поради сомнежите дали вложувањата во вештачка интелигенција ќе се исплатат и колку брзо. Како и секој добавувач, компанијата што гради модели ги надоместува тие трошоци од бизнисите што секојдневно работат со нејзините модели, па затоа е важно под кои услови стануваат зависни од неа.
Во август пишував за илузијата од 20 долари, а две реченици од таа статија денес тежат повеќе отколку кога беа објавени: „Лиценцата можеби чини 20 долари. Но зависноста се плаќа со податоци, процеси, интеграции и изгубена слобода да го смените добавувачот.“ И понатаму гледам како компании кај нас ја плаќаат таа цена со податоци без да забележат: внесуваат вистински бројки во четбот за да заштедат едно попладне, а не прашуваат каде сега се чуваат тие бројки. Поединец може да му предаде сè на моделот и да загуби малку, додека компанија што ќе го направи истото го предава самиот бизнис.
Крајот што можете да го одредите
Сум бил во компании во регионот чијашто најважна бројка се наоѓа во табелата на еден аналитичар и чијшто прв порив, неделата кога се појави модел со такви способности, бил да му дадат сè што имаат. Зад тој порив стои разбирливо размислување што би го имале повеќето сопственици кај нас: сакаат одговор на секое прашање од целата компанија, врз основа на сите свои податоци, па им изгледа дека мора да му ги предадат сите на моделот. Избор сепак има, и тој почнува од местото каде што се составува одговорот.
Целосниот одговор се гради врз основа поставена таму каде што веќе се вашите податоци, под вашиот покрив. Во статијата за довербата во вештачката интелигенција го опишав правилото по кое ги градам системите: правилата и дефинициите се одвоени од моделот и даваат ист резултат без оглед дали вештачката интелигенција е вклучена. Моделот ги чита описите на податоците и создава мапа на тоа што го имате. Со таа мапа моделот може да одреди кои бројки му требаат, а пресметката останува кај вас. Поставете ја основата еднаш и секој оддел ќе работи според заеднички дефиниции, па еден одговор ќе може да ја опфати целата компанија, а кога ќе се смени некоја дефиниција, со неа ќе се смени и секој одговор што ја користи.
Во сопственото упатство за Claude Dashboards, Anthropic ги советува корисниците да ја проверат секоја контролна табла за да видат како Claude дошол до бројката: „Ако не го пресметува тоа што сте го имале предвид, кажете му на Claude што да смени.“ Тоа значи дека бројката мора да биде одредена од компанијата, па моделот се потпира врз основа што некој треба да ја изгради, а ако таа основа ја нема, и најдобриот модел може само да погодува.
Разговаравме со компанија што поставуваше агент на вештачка интелигенција над своите податоци за да можат луѓето да му поставуваат прашања, а планот беше секое прашање да се зачува, информатичкиот сектор да провери како е пресметан одговорот и потоа на тоа прашање секогаш да се одговара на ист начин. Ги прашавме како ќе ги заменат илјадниците извештаи, кога на крајот пак ќе имаат илјадници зачувани прашања? Најтешките прашања, оние што поврзуваат повеќе пресметки, бараат најмногу работа од моделот и за сета таа работа се плаќа. Во статијата за Power BI напишав: „Секое ново прашање создава уште еден извештај.“ Збирка зачувани прашања е збирка извештаи со ново име и, како на секоја збирка извештаи, и нејзе ѝ треба основа.
Тоа е непријатниот дел за многуте македонски компании што сè уште немаат таква основа. Компанијата што нема бројка на која ѝ верува најлесно ќе посегне по кратенката право до моделот, а токму таа најмногу ризикува, бидејќи нема со што да го провери одговорот и за да го добие веќе ги изнела податоците од компанијата. Но градењето на основата веќе не е работа од повеќе години, бидејќи моделот сега може да прочита како се уредени вашите системи и сам да заврши голем дел од составувањето, додека на вашите луѓе им останува делот што само тие можат да го завршат: да одлучат што значи секоја бројка. Така моделот се појавува двапати и во двата случаи работи за вас: прво помага да се изгради основата, а потоа работи врз неа.
Што би направил јас?
Во јули напишав дека моделот е изнајмен, а знаењето мора да биде ваше, а ова излегување на берза е најсилната причина досега да постапите според тоа: користете ги евтините алатки и изнајмените модели, а задржете ги своите податоци и одлуки. Основата користете ја за прашањата што ги поставувате од недела во недела, со ист одговор секојпат и по цена што веќе сте ја платиле, а за останатото повикајте го моделот, бидејќи за неговиот одговор плаќате повторно секогаш кога ќе се врати истото прашање.
Зад секоја бројка и секоја одлука до која ќе допре моделот нека стојат човек со име и презиме и писмено образложение. Тој запис е меморијата на компанијата и, со добавувач што одговара пред своите акционери, уште поважно е да остане ваш, без разлика кој модел го користите. Кога некоја алатка ви ветува дека сè ќе биде лесно ако ѝ дадете сè што имате, сетете се дека и слободата да го смените добавувачот влегува во цената. Моделот нека ги чита вашите дефиниции, никогаш вашите клиенти.
Секој сопственик може да направи едноставна проверка: прашајте тројца луѓе во компанијата што внеле во четбот во последните седум дена и, ако меѓу одговорите има вистински имиња на клиенти или вистински бројки, бизнисот веќе почнал да излегува низ врата, ден по ден.
Цената што пазарот ќе му ја одреди на Anthropic при излегувањето на берза и потоа, ќе покаже колку според инвеститорите вреди крајот на синџирот каде што се градат моделите. За компанија од овој регион поважна е процената поблиску до дома. Ако му го предадете вашиот бизнис на модел, што точно му давате и дали некогаш ќе можете да си го вратите?
Автор: Филип Петровски, Data Masters
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








