
Граѓаните кои имаат сметки во АЛТА банка АД Битола, но немаат платежни картички, од утре, 5 ноември, ќе можат да подигнат готовина од главната филијала на банката во Битола. Максималниот износ што ќе може да го подигнат е 20.000 денари во период од две недели, а исплатата ќе се врши според однапред утврден распоред, за кој клиентите ќе добиваат известувања преку СМС-пораки, соопшти Народната банка.
Мерката е особено значајна за пензионерите и примателите на социјална помош кои своите средства ги добиваат на сметки во АЛТА банка, но немаат картички преку кои би можеле да располагаат со парите.
За исплатата ќе бидат отворени повеќе шалтери во главната филијала на банката, на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола. Од петок, 6 ноември, филијалата ќе работи во две смени, а исплатите ќе продолжат и во сабота, 7 ноември, со цел да се опслужат што повеќе клиенти.
Исплатата ќе се одвива во текот на повеќе денови, а секој клиент ќе биде известен преку СМС-порака за точниот ден и час кога треба да дојде во филијалата.
Од Народната банка апелираат граѓаните да ги почитуваат добиените термини и да не доаѓаат пред закажаното време или во денови кога не се повикани, за да се избегнат метеж и долги редици.
За клиентите кои нема да можат да дојдат во определениот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
На посебно отворените шалтери ќе се врши исклучиво исплата на готовина, без можност за други банкарски трансакции.
Исплатата засега е организирана во главната филијала во Битола, но Народната банка најавува дека се работи на подготовка за отворање шалтери и во други градови.
Тие ќе бидат наменети за пензионерите и примателите на социјална помош кои имаат сметки во АЛТА банка, а дополнителни информации за локациите и почетокот на исплатите ќе бидат објавени во наредниот период.
Аналитика








