
Колкава пензија ќе добиваме кога ќе заврши работниот век? Ова прашање најчесто го поставуваме кога се приближува времето за пензионирање. Но, финансиската сигурност во староста не мора да зависи исклучиво од задолжителното пензиско осигурување. Постои можност секој поединец дополнително да штеди за својата пензија, самостојно да одлучува колку и кога ќе уплаќа и на тој начин постепено да создава сопствен пензиски капитал.
Токму тоа го овозможува доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, познато како трет пензиски столб. За разлика од задолжителното пензиско осигурување, тука одлуката за штедење е лична, а уплатите се прилагодуваат на финансиските можности на граѓаните.
Според најновите податоци објавени од Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), на 1 ноември 2026 година во доброволните пензиски фондови имало 37.789 членови, додека вредноста на нето-средствата на 29 октомври достигнала 5,42 милијарди денари, односно околу 88 милиони евра.
Штедење по сопствен избор – без задолжителни месечни уплати
Една од најважните карактеристики на третиот пензиски столб е неговата флексибилност. Членот сам одлучува колку пари ќе издвојува и колку често ќе уплаќа. Тоа може да бидат редовни месечни уплати, повремени износи или дополнителни уплати кога финансиските можности го дозволуваат тоа.
На пример, граѓанин може да започне со уплата од 1.000 денари месечно, подоцна да го зголеми износот или привремено да престане со уплатите. Прекинот не значи губење на членството, ниту на претходно акумулираните средства.
Член на доброволен пензиски фонд може да стане лице на возраст од 15 до 70 години но, секако, да ги исполнува законските услови. Пензионерите не можат да пристапат како нови членови. Притоа, не е неопходно лицето да биде вработено или да има редовна плата. Во третиот столб можат да штедат и лица што не се опфатени со задолжителното пензиско осигурување.
Дополнителна можност е средствата да ги уплаќа друго лице, на пример родител за своето дете, или работодавачот за својот вработен преку професионална пензиска шема.
Како уплатените пари создаваат дополнителна заштеда?
Средствата што се уплаќаат во доброволниот пензиски фонд не остануваат само како паричен депозит. Со нив управува лиценцирано пензиско друштво, кое ги инвестира согласно законските правила и ограничувања.
На овој начин, вредноста на личната пензиска сметка зависи од уплатените придонеси, остварените инвестициски резултати и надоместоците што ги наплатува пензиското друштво.
Колку е важен временскиот период може да се види и преку едноставен пример. Ако едно лице издвојува по 2.000 денари месечно во текот на 20 години, само од сопствените уплати ќе акумулира 480.000 денари. Доколку фондот остварува позитивен нето-принос, вредноста на заштедата може да биде повисока.
Сепак, треба да се има предвид дека приносите не се гарантирани. Вредноста на средствата зависи од движењата на финансиските пазари, инвестициските резултати и трошоците на фондот. Затоа, при изборот на доброволен пензиски фонд, покрај историските приноси, важно е да се разгледаат и надоместоците и инвестициската политика.
Парите може да се користат и пред редовното пензионирање
Една од значајните разлики во однос на задолжителното пензиско осигурување е можноста средствата од третиот столб да почнат да се користат и пред исполнувањето на условите за старосна пензија.
Според важечките правила, жените можат да ги повлечат средствата најрано на 52 години, а мажите на 54 години, односно десет години пред законската возраст за стекнување право на старосна пензија.
Членот може да избере еднократна исплата, повеќекратни исплати, програмирани повлекувања, пензиски ануитет или комбинација од предвидените начини на исплата.
Тоа значи дека дополнителната пензиска заштеда не мора да се користи само како месечен приход по пензионирањето, туку може да послужи и за поголеми финансиски потреби во подоцнежните години од животот.
Исклучок од возрасните ограничувања постои кога кај членот е утврдена општа неспособност за работа од надлежната комисија.
Важна карактеристика на доброволното пензиско осигурување е што средствата се евидентираат на лична сметка на членот и се наследуваат.
Во случај на смрт на членот, средствата од неговата сметка влегуваат во оставинската маса и се распределуваат согласно Законот за наследување.
К.М.
Аналитика








