ПОВЕЌЕ

    Европската комисија: Македонските банки се отпорни, добро капитализирани и профитабилни

    Време зa читање: 3 минути

    Македонскиот банкарски сектор е стабилен и отпорен, со солидна капитализираност, квалитетно кредитно портфолио и добра профитабилност. Ова е оценката на Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава за 2026 година, во кој се истакнуваат и мерките што ги презема Народната банка за зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, Брисел укажува и на потребата од дополнително зајакнување на финансиската независност на централната банка.

    Позитивните оценки доаѓаат во период на засилено кредитирање, особено кај станбените кредити и градежништвото, проследено со раст на цените на недвижностите. Токму овие движења се во фокусот на Народната банка, која со дополнителни мерки настојува да го ограничи натрупувањето ризици во финансискиот систем.

    Во Извештајот се наведува дека Народната банка ја задржува посветеноста на ценовната стабилност, истовремено зајакнувајќи ги инструментите за спречување системски ризици и банкарскиот надзор. Во таа насока, заострени се макропрудентните мерки за кредитирањето, вклучително и за кредитите обезбедени со недвижности, направени се промени во задолжителната резерва и зголемена е стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот.

    Целта на овие мерки е банките да ја задржат способноста да одговорат на евентуални финансиски потреси, особено во услови на забрзан раст на кредитната активност и пазарот на недвижности.

    Европската комисија ги нотира и активностите за подобро управување со ликвидноста, унапредување на инструментите на монетарната политика и следење на климатските ризици. Истовремено, препорачува дополнително зајакнување на финансиската независност на Народната банка, како дел од процесот на усогласување со европските правила и стандарди.

    Значаен напредок е забележан и во банкарската регулатива. Во јуни 2026 година стапи во сила Законот за решавање банки, усогласен со европската рамка за постапување со кредитните институции кои се соочуваат со сериозни финансиски тешкотии. Европската комисија ова го оценува како важен чекор во приближувањето на домашниот финансиски систем кон европските стандарди.

    Дополнително, во јули годинава беше усвоена нова методологија за управување со ризикот од каматните стапки во банкарското портфолио, со што се унапредува рамката за следење и управување со ризиците во работењето на банките.

    Позитивни оценки има и за напредокот во платниот систем и интеграцијата со европскиот платежен простор. Македонија е оперативно подготвена за учество во СЕПА-шемите од октомври 2025 година, а во јули 2026 година Народната банка потпиша договор со Европскиот совет за плаќања за пристапување кон шемата за инстант кредитни трансфери (SEPA Instant Credit Transfer).

    Овој процес е значаен за понатамошното поврзување на домашниот со европскиот платен систем и за создавање услови за побрзи и поефикасни прекугранични плаќања.

    Генералната оценка на Европската комисија е дека домашниот банкарски сектор ја задржува својата отпорност, додека регулаторната и надзорната рамка постепено се приближуваат кон европските стандарди. Предизвик останува навременото препознавање и ограничување на ризиците што произлегуваат од засиленото кредитирање и пазарот на недвижности, како и натамошното зајакнување на независноста на Народната банка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично