ПОВЕЌЕ

    „Стоби флипс“ и „Брилијант“ го засилуваат извозот – Витаминка со зголемена заработка

    Време зa читање: 3 минути

    Зголемената продажба на домашниот пазар и засилениот извоз се главните карактеристики на работењето на прилепска Витаминка во деветте месеци од годинава. Чоколадите, кремовите, супите, намазите…, а пред сè маслото за јадење и грицките се во основата на остварената добивка од над 736 илјади евра. Финансискиот резултат е за 19 насто повисок во споредба со истиот период од 2025 година.

    Вкупните единечни приходи на Витаминка достигнале 51,8 милиони евра и се за 5 насто повисоки на годишно ниво.
    Речиси целиот износ, или 99 отсто, е обезбеден од продажбата на производи и услуги од основната дејност. Во тие рамки, на домашниот пазар има реализација од 31,2 милиони евра, со раст од речиси 6 насто.
    Приливите од странските пазари нараснале за над 8 насто. Деветмесечните приходи изнесуваат 19,8 милиони евра. Брендовите на Витаминка: „Стоби флипс“, „Брилијант“, „Цевитана“, „Чоко Стоби“, „Витанез“ ги има во повеќе од 30 земји. На пазарите во Европа, САД, Канада, Австралија и Азија се пласираат 47 отсто од годишното производство. Меѓу поголемите трговски синџири со кои компанијата има повеќегодишни договори за снабдување се Lidl, Rewe, Kaufland, Spar, Metro C&C, Delhaize, Eurospin и Hofer.
    Истовремено, за 6 насто на годишно ниво се зголемиле и вкупните единечни расходи. Во таа ставка е забележан износ од 51,4 милиони евра.
    Сепак, работата не се одвивала според зацртаните планови. Остварените приходи од 51,8 милиони евра претставуваат 78 отсто од планираните 66,8 милиони евра. Од компанијата наведуваат дека нецелосното исполнување на планот главно се должи на повисоките цени на дел од клучните репроматеријали. Тоа создало дополнителен притисок врз продажните цени на готовите производи на странските пазари, во услови на последици од воениот конфликт на Блискиот Исток.
    Повисоките цени што ги предложила компанијата не биле целосно прифатени на дел од пазарите, особено на оние што се почувствителни на ценовни промени. Поради тоа, Витаминка во одредени сегменти ги задржала цените на пониско ниво за да ја зачува пазарната позиција и долгорочните деловни односи.
    Меѓутоа, состојбата ја амортизирале сончогледовото масло за јадење и флипс-производите, чијашто продажба на странските пазари се зголемила.
    „Растот на приходите се должи на зголемената продажба на сончогледово масло за јадење и флипс производите на странските пазари, што делумно го амортизираше неисполнувањето на планираните проекции кај останатите производни категории“, велат од Витаминка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично