Денес и утре низ Европа ќе се одржат протести организирани од повеќе од 100 граѓански и еколошки организации. Учесниците бараат запирање на големите проекти поврзани со вештачката интелигенција. Коалицијата од околу 100 граѓански и еколошки групи во 15 европски земји покрена координирана акција со која се бара итно запирање (мораториум) на изградбата на нови, големи податочни центри, сè додека не се воспостават јасни регулаторни стандарди.
Коалицијата под име „Стоп за валканите податочни центри“ (Stop Dirty Data Centres) ќе организира низа протести на 6-ти и 7-ми во Ирска, Обединетото Кралство, Франција, Холандија, Шпанија, Полска, Данска, Финска и на други места. Активностите вклучуваат демонстрации, улични маршеви, собирање потписи за петиции и јавни дискусии.
Гардијан наведува дека активисти од повеќе од 100 граѓански и еколошки организации во 15 земји ги здружуваат силите за дводневна акција под слоганот „Стоп за валканите податочни центри“. Тие бараат мораториум на големите проекти.
Меѓу организациите што ги поддржуваат протестите се „Пријатели на Земјата“ (Friends of the Earth), „Гринпис“ (Greenpeace) и „Фоксглав“ (Foxglove) – лондонска организација која се залага за „поправедна технолошка иднина“.
Планираните активности вклучуваат протест пред зградата на полскиот парламент во Варшава, марш во Даблин, демонстрации во близина на податочен центар на „Мајкрософт“ (Microsoft) во Данска, како и „едукативна акција“ во близина на локацијата каде што е планирана изградба на податочен центар во Амстердам. Настан ќе се одржи и во Брик Лејн, во источен Лондон, каде што проектот за изградба на податочен центар наиде на отпор од локалните жители.
На овогодинешните избори на средината на мандатот во САД, противниците на податочните центри беа меѓу оние што остварија најголеми победи во рамките на Демократската партија.
Една од главните причини за противењето е влијанието на податочните центри врз животната средина. Според студија на германскиот институт „Еко-институт“ (Öko-Institut), до 2030 година, емисиите на јаглерод диоксид од податочните центри за вештачка интелигенција ќе бидат 6 пати повисоки отколку во 2023 година.
Оваа пан-европска кампања укажува и на различни општествени последици – од влијанието на чет-ботовите врз менталното здравје, преку заканата од губење работни места поради вештачката интелигенција, па сè до давањето предност на податочните центри пред станбените објекти. Технолошката индустрија наведува дека податочните центри отвораат работни места за време на изградбата и работењето, а истовремено го поттикнуваат економскиот раст преку поддршка на развојот и усвојувањето на вештачката интелигенција.
Во септември 2026 година, стотици луѓе излегоа на улиците во австрискиот град Кронсторф за да протестираат против доделувањето на 50 хектари земјиште за изградба на првиот податочен центар на „Гугл“.
Кон крајот на октомври, финската полиција покрена кривична истрага против една од подружниците на „Гугл“ поради расчистување на 330 хектари шума во општината Мухос, пред официјалното завршување на проценката за влијанието врз животната средина.
Во меѓувреме, Европа ја забрза изградбата на центри за податоци за да избегне заостанување зад Соединетите Држави и Кина во трката за технолошко лидерство во областа на вештачката интелигенција. Според извештајот на PwC, насловен „Глобални изгледи за центри за податоци 2026–2050“ (Global Data Center Outlook 2026–50), годишните инвестиции во центри за податоци во Европа се повеќе од двојно зголемени – од 12 милијарди евра во 2020 година на околу 25 до 26 милијарди евра оваа година. Се очекува во периодот од 2026 до 2031 година во податочните центри да бидат инвестирани вкупно 176 милијарди евра на европско ниво.
Аналитика








