Денарски платежни сметки од денес се прикажуваат и користат во ИБАН-формат, како дел од пошироките измени во платниот промет и усогласувањето со стандардот ISO 20022.
За граѓаните и компаниите тоа не значи промена на постојниот број на платежната сметка. На досегашниот број му се додава ознаката MK07, со што сметката добива стандардизирана ИБАН-конструкција.
Промената е дел од новиот начин на обработка и размена на платежните информации, за што банките изминатиот период ги приспособуваа своите системи, електронското и мобилното банкарство.
Од денес се применуваат и нови стандардизирани платни налози, со што се заменуваат досегашните обрасци, меѓу кои и ПП30.
Втората значајна промена за корисниците се новите шифри за целта на плаќањето. Наместо досегашните трицифрени нумерички шифри, во употреба влегуваат четиризнаковни ознаки усогласени со ISO 20022.
Промените се однесуваат на различни видови денарски плаќања – од фактури и услуги, преку авансни плаќања и други деловни обврски, до останати трансакции.

Така, досегашната шифра 101 за исплата на плата се менува со SALA. Потоа шифрата 200 за плаќања поврзани со промет на производи и стоки меѓу правни субјекти се заменува со GDDS, додека наместо досегашната шифра 250 за авансни плаќања се користи ADVA. Промена има и кај категоријата „останати плаќања“ – шифрата 930 е,заменета со ознаката OTHR. Истата ознака може да се применува и како замена за одредени други досегашни шифри, меѓу кои и 289 – други плаќања на и од физичко лице.

Кај дел од старите шифри нема само една директна замена, туку две можни нови ознаки, зависно од конкретната намена на плаќањето. Таков е случајот со шифрите 220 за купопродажба на услуги / надомест на услуги, 221 за услуги / трошоци со кредитна картичка и уште неколку други.
Накусо, кај одредени плаќања може да има повеќе соодветни ознаки, во зависност од конкретната намена на трансакцијата. Затоа, при креирањето на налогот корисникот треба да ја избере ISO 20022 ознаката што најточно одговара на конкретната трансакција.
За граѓаните е значајно и тоа што шифрата за целта на плаќањето не е задолжителен елемент за прием и извршување на налогот. Сепак, нејзиното правилно користење овозможува попрецизна класификација и евиденција на трансакциите.

Поголемо приспособување ќе биде потребно кај компаниите и сметководствените служби, кои новите ознаки треба да ги вградат во своите интерни системи, платните налози и финансиската евиденција.

Аналитика








