Отворена е понудата за преземање на брокерска куќа Еурохаус АД Скопје. Стефан Степаноски, Сашо Дракуловски и Александра Митев нудат 15 денари по акција за преостанатите 152.000 обични акции со право на глас. Почнувајќи од денес, за изјаснување акционерите имаат 28 дена. Рокот истекува на 9 декември. Овластено правно лице за спроведување на понудата е НЛБ Банка. На Македонска берза се објавени понудата и проспектот за преземање.
Тројцата преземачи веќе поседуваат вкупно 49 илјади акции или 24,38 отсто од вкупно издадените 201 илјада акции на Еурохаус. Доколку сите акционери ја прифатат понудата, максималната вредност на преземањето би изнесувала 2.280.000 денари, односно 37,1 илјада евра.
Во понудата е наведено дека цената од 15 денари по акција е утврдена врз основа на просечната цена постигната на Македонската берза во последните 12 месеци пред објавувањето на намерата за преземање.
Понудата нема минимален праг за успешност, што значи дека ќе се смета за успешна без оглед на бројот на акции што ќе бидат понудени на продажба, освен во случаите предвидени со Законот за преземање на акционерските друштва.
Акционерите што ќе ја прифатат понудата нема да плаќаат трошоци поврзани со прифаќањето, бидејќи тие се на товар на преземачите. Средствата потребни за исплата на акционерите се депонирани во Централниот депозитар за хартии од вредност, во износ доволен за покривање на целата понуда доколку сите акционери ја прифатат.
Преземањето следува откако Комисијата за надзор на пазарот на капитал претходно им даде согласност на тројцата за стекнување квалификувано учество во Еурохаус: Александра Митев до 50 отсто, а Сашо Дракуловски и Стефан Степаноски поединечно до 30 отсто.
Целта на преземачите, наведено е во проспектот, е преку успешната понуда за преземање да го зголеми сопственото учество во целното друштво и преку носење стратешки одлуки да придонесе за негово уште постабилно работење. Во план е проширување на дејноста на работа со нови услуги, што би придонело за зголемување на бројот на вработените. Исто така, и за раст на приходите и на профитот. Притоа, се посочува дека не се планира промена во политиката на управување со Еурохаус.
Во проспектот е посочено: „Остварената добивка од работењето на друштвото по успешното преземање, првенствено ќе се користат за зголемување на основната главнина, подобрување на ликвидноста и за инвестициони активности“.
Аналитика








