
Државата до крајот на годината ќе располага со помалку приходи од планираното, ќе ги намали издвојувањата за капитални инвестиции, но ќе обезбеди дополнителни средства за пензии, социјални надоместоци и здравствена заштита. Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, приходите и расходите се намалуваат за по 5,3 милијарди денари, односно околу 86 милиони евра, додека буџетскиот дефицит останува непроменет. Владата тврди дека со ова се зачувува финансиската стабилност, но Фискалниот совет предупредува дека се менува структурата на државното трошење – од инвестиции кон тековни расходи.
Дополнетиот предлог-ребаланс денеска е пред пратениците, а министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека измените се одговор на новите економски околности и последиците од глобалната неизвесност. Според неа, ребалансот не е предизвикан од недостиг на ликвидни средства, туку од потребата буџетските проекции да се приспособат на мерките што Владата ги презеде за ублажување на поскапувањето на горивата.
Со новите пресметки, вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. Разликата меѓу нив, односно буџетскиот дефицит, останува 46,3 милијарди денари или приближно 753 милиони евра.
Најголемата корекција на приходната страна се однесува на акцизите. Наместо претходно планираните 34,1 милијарда денари, државата сега очекува да собере 30,4 милијарди денари, што е намалување од околу 3,7 милијарди денари. Причината, според Министерството, се пониските акцизи за бензинот и дизелот, кои заедно со намалувањето на ДДВ требаше да го ублажат ценовниот удар врз граѓаните и компаниите.
Но, помалите приходи бараат и приспособување на трошењето. Најголемата промена е кај капиталните инвестиции, за кои се предвидуваат значително помалку средства од планираните со јулскиот ребаланс.
Според анализата на Фискалниот совет, капиталните расходи, вклучувајќи ја и ставката КАПЕФ, се намалуваат од околу 46,5 на 40,1 милијарда денари. Тоа е кратење од приближно 6,3 милијарди денари, односно 13,6 отсто. Со ова, државата го намалува просторот за финансирање на нови и тековни инвестициски проекти.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека корекциите се направени кај проекти со одложена реализација и дека развојната компонента на Буџетот останува зачувана. Министерката нагласи дека ќе продолжат инвестициите во патната и железничката инфраструктура, одбраната, образованието, енергетската ефикасност и локалните инфраструктурни проекти.
Истовремено, за социјални трансфери се обезбедуваат дополнителни 3,7 милијарди денари. Според податоците анализирани од Фискалниот совет, од нив околу 1,34 милијарди денари се наменети за пензии, 1,44 милијарди за социјални надоместоци и 887 милиони денари за здравствена заштита.
Министерството дополнително посочува дека се обезбедени средства за ранливите категории, народните кујни и социјалните услуги, како и 600 милиони денари за редовна исплата на породилните надоместоци. Овие износи се дел од прераспределбите меѓу буџетските корисници и не треба да се собираат како одделни зголемувања на вкупниот Буџет.
Токму ваквата промена на приоритетите е една од главните забелешки на Фискалниот совет. Во мислењето доставено до Собранието, независното тело оценува дека со намалувањето на инвестициите, а задржувањето на претходно зголемениот дефицит, сè поголем дел од задолжувањето се насочува кон покривање на тековните трошоци.
Советот посочува дека планираните капитални расходи се за околу 6,1 милијарда денари пониски од буџетскиот дефицит. Според неговата оценка, тоа претставува отстапување од принципот задолжувањето првенствено да се користи за инвестиции што создаваат нова економска вредност.
Дополнителна причина за внимание е и досегашното извршување на државната каса. Во првите девет месеци од годинава се реализирани приходи од 261,1 милијарда денари и расходи од 300,8 милијарди денари. Дефицитот заклучно со септември достигнал 39,7 милијарди денари, што претставува речиси 86 отсто од планираниот годишен износ.
Овој податок покажува дека во последниот квартал ќе биде потребна внимателна контрола на трошењето за да се задржи дефицитот во предвидените рамки. Од друга страна, капиталните расходи во периодот јануари – септември достигнале 25,3 милијарди денари, што претставува раст од 23,9 отсто во однос на истиот период минатата година.
И покрај забелешките за структурата на расходите, Димитриеска-Кочоска уверува дека до крајот на годината е обезбедено финансирање на сите обврски на државата. Според неа, редовно ќе се исплаќаат платите, пензиите, социјалните надоместоци, обврските кон стопанството и долговите што доспеваат за отплата.
Владата го претставува ребалансот како неопходна приспособливост на економските услови, додека Фискалниот совет предупредува на ризиците од намалувањето на инвестициите и високото ниво на дефицитот.
Суштинското прашање веќе не е само дали државата ќе успее да ги исплати сите обврски до крајот на годината, туку и какви последици ќе има пренасочувањето на буџетските средства. Поголемата поддршка за социјалните потреби обезбедува средства за тековните обврски, но помалите капитални инвестиции можат да го ограничат просторот за идниот економски развој.
Ребалансот треба да обезбеди стабилно завршување на 2026 година. Неговиот вистински ефект, сепак, ќе се мери и според тоа колку од планираните инвестиции ќе бидат реализирани и со каков финансиски товар државата ќе влезе во следната година.
Аналитика








