ПОВЕЌЕ

    2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ПЕНЗИИ, 405 МИЛИОНИ ЗА КАМАТИ, 660 МИЛИОНИ ЗА КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ – тоа се проекциите за 2027 година

    Време зa читање: 4 минути

    Секој втор денар од државниот буџет во 2027 година ќе биде наменет за социјални трансфери. Од вкупно планираните 440,4 милијарди денари (7,2 милијарди евра) расходи, за оваа намена се предвидени 220,8 милијарди денари (3,6 милијарди евра), што претставува половина од вкупните државни расходи. Истовремено, државата ќе потроши околу 405 милиони евра само за камати по основ на задолжувањето, што е за 18,2 насто повеќе од годинава.

    Ова го покажува Предлог-буџетот за 2027 година, кој е доставен до Собранието, а со кој Министерството за финансии планира приходи од 6,4 милијарди евра и расходи од 7,1 милијарда евра. Со тоа, буџетскиот дефицит е проектиран на 731,7 милиони евра, односно 3,5 насто од бруто-домашниот производ.

    Во однос на ребалансот за 2026 година, приходите треба да пораснат за 5,7 насто, а расходите за 4,8 насто. Разликата меѓу нив ќе се покрива со задолжување и други извори на финансирање.

    Најголемиот дел од приходите, 3,6 милијарди евра, треба да се обезбедат од даноци, додека социјалните придонеси се проектирани на безмалку 2,2 милијарди евра. Даночните приходи се планирани со раст од 6,4 насто, а придонесите со повисок раст од 9,3 насто.

    Главниот извор на даночни приходи и натаму ќе биде ДДВ. Од овој данок се очекуваат 2,63 милијарди евра, што е речиси 45 насто од вкупните даночни приходи. Од персоналниот данок се планираат 682,9 милиони евра, од акцизите 518,7 милиони евра, а од данокот на добивка 447,1 милион евра.

    ПОМАЛКУ ПАРИ ЗА СОЦИЈАЛНИ НАДОМЕСТОЦИ, ПОВЕЌЕ ЗА СУБВЕНЦИИ

    Податоците јасно покажуваат дека од вкупните 3,6 милијарди евра за социјални трансфери, најголем дел, односно 2 милијарди евра, се наменети за пензии. Оваа ставка е повисока за околу 92 милиони евра, односно за 4,8 насто во однос на ребалансот за 2026 година.

    Во самите социјални трансфери, за ставката што ги опфаќа директно социјалните надоместоци се предвидени 232,5 милиони евра, но оваа ставка е за 2 насто пониска од последниот план за 2026 година. Но, ова и не е изненадување ако се земе предвид дека Владата почна со големо чистење на списоците за социјална помош. Веќе се соопшти веста дека се откриени 4.500 корисници на помош на кои не им следувала. Некои биле починати, а некои престојувале во странство.

    Субвенциите и трансферите се проектирани на 534,6 милиони евра, што е зголемување од 7,4 насто во однос на ребалансот за 2026 година.

    Секако, на расходната страна значајна е ставката за плати, како и ставката за стоки и услуги.

    За плати и надоместоци во јавниот сектор се предвидени 930,2 милиони евра, што е за над 55 милиони евра повеќе, односно раст од 6,4 насто.

    За стоки и услуги, односно за редовното функционирање на институциите, се планирани 453 милиони евра, со раст од 2,8 насто.

    СКРОМНО ПЛАНИРАЊЕ НА КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ

    За капитални расходи во 2027 година се предвидени 663,7 милиони евра. Во споредба со ребалансот за 2026 година, ова е зголемување за околу 11 милиони евра, или, како што е наведено во Предлог-буџетот, за точно 1,7 насто. Нивниот удел во вкупните расходи изнесува скромни 9,3 насто.

    Во образложението се наведува дека инвестициите ќе бидат насочени кон продолжување на големите инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10-д, патната и железничката инфраструктура, но и вложувања во здравството, образованието и земјоделството.

    Меѓу конкретно наведените развојни проекти се инвестициите во железничката инфраструктура, вклучително и делницата Бељаковце – Крива Паланка на Коридорот 8, како и проектот за локални патишта, со кој е предвидена финансиска поддршка за 80 општини.

    Иако капиталните расходи се повисоки од износот предвиден со ребалансот за 2026 година, тие се пониски од првично планираните околу 740 милиони евра во Буџетот за 2026 година.

    Буџетот за 2027 година е проектиран со реален економски раст од 3,8 насто и инфлација од 3,2 насто. Министерството за финансии во образложението наведува дека фискалната политика ќе биде насочена кон постепена консолидација, рационализација на расходите и одржување на стабилноста на јавните финансии.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично