ПОВЕЌЕ

    КХВ ја одобри понудата за преземање на Еурохаус – 15 денари за акција

    Време зa читање: 3 минути

    Процесот за преземање на брокерската куќа Еурохаус влегува во завршна фаза. Комисијата за надзор на пазарот на капитал им издаде дозвола на Стефан Степаноски, Сашо Дракуловски и Александра Митев да објават понуда за преземање на 152.000 обични акции со право на глас, по цена од 15 денари за акција.

    Доколку сите акции опфатени со понудата бидат прифатени, вкупната вредност на трансакцијата би изнесувала 2,28 милиони денари, односно околу 37 илјади евра.

    Од КХВ посочуваат дека понудата ќе се смета за успешна без оглед на бројот на акции што ќе бидат прифатени.

    Тројцата преземачи веќе контролираат дел од капиталот на Еурохаус. Степаноски поседува 29.000 акции или 14,43 отсто од вкупно издадените 201.000 акции, додека Дракуловски има 20.000 акции, односно 9,95 отсто. Заедно, тие во моментов поседуваат 49.000 акции, што значи дека понудата за преостанатите 152.000 акции целосно го опфаќа остатокот од капиталот на Еурохаус. Александра Митев во моментот на давањето на понудата не поседува акции во брокерската куќа.

    Најновата одлука на КХВ е продолжение на процесот што започна на крајот од септември, кога Комисијата им даде согласност на Митев, Дракуловски и Степаноски за стекнување квалификувано учество во Еурохаус. Со тие решенија, Александра Митев доби можност да стекне до 50 отсто од акциите со право на глас, а Дракуловски и Степаноски поединечно до 30 отсто.

    Неколку дена подоцна,тројцата официјално ја објавија намерата за преземање на брокерската куќа и ја најавија цената од 15 денари по акција. Тогаш беше наведено дека формалната понуда ќе биде објавена по добивањето дозвола од КХВ. Со одлуката од 103. седница, таа регулаторна пречка е отстранета.

    Митев, Дракуловски и Степаноски веќе се деловно поврзани и преку Вега Фондови, каде што заедно го поседуваат целиот капитал. Митев има 50 отсто, а Дракуловски и Степаноски по 25 отсто.

    Степаноски е извршен директор и извршен член на Одборот на директори на Еурохаус, а истовремено е и неизвршен член на Одборот на директори на Вега Фондови.

    Дракуловски е главен извршен директор на Вега Фондови. Во Еурохаус бил извршен директор од 2008 до 2018 година, а сега е претседател и неизвршен член на Одборот на директори.

    Според последните достапни податоци, на 31 декември 2025 година Еурохаус имал 201.000 обични акции и 11 акционери, сите домашни физички лица.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично