
Опозицијата денес зборува за рускиот капитал на Алта банка и за Давор Мацура како личен банкар на Александар Вучиќ, а токму владата на СДСМ и ДУИ уште во 2023 година дала насока за воспоставување деловни односи со истата таа банка, нагласи премиерот Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа што се одржува во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Мицкоски покажа документ од записникот на владината седница одржана на 24 октомври 2023 година.
„Уште во 2023 година владата на СДСМ и ДУИ на владина седница му дала насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка, со истиот овој сопственик, Давор Мацура. Се поставува прашањето дали тие тогаш знаеле кој е Давор Мацура кога се одлучиле да му ги продадат акциите што државата ги поседува во банката“
Според Мицкоски, таа влада, кога премиер бил Димитар Ковачевски, ја вовела државата во деловни односи со српската Алта банка и со Мацура.
Тој, како сведок во случајот Алта банка АД Битола, во првиот дел од надзорната расправа одговараше на пет прашања поставени од пратениците.
Венко Филипче од СДСМ го праша Мицкоски – што точно му кажал на гувернерот кога го прашал што да прави со понудата за купување на битолската банка, а Борислав Крмов од Левица – во кое својство премиерот настапил при продажбата на Стопанска банка Битола и во кое својство ја продава сега Алта банка Битола. Кои се конкретните надлежности на Народната банка, а кои на Владата, побара одговор Аднан Азизи од движењето Беса. Наспроти тоа, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ и Весна Бендевска од ЗНАМ ги интересираше каква е разликата меѓу пропаѓањето на Еуростандард и Алта банка.
Мицкоски истакна дека се прави се што е можно за да се спасат Алта банка, нејзините вработени и доверителите. Се штитат интересите и на државата и на граѓаните, посочи тој, воедно честитајќи и на Народната банка за брзата и навремена реакција.
„Алта банка е апсолутно ликвидна. А нашиот систем е стабилен и има механизмми. Банката нема да пропадне“, категоричен е Мицкоски.
Аналитика








