
Банкарска паника е појава кога многу депоненти за кратко време сакаат да ги подигнат своите пари од една или од повеќе банки. Луѓето не го прават тоа затоа што одеднаш им треба готовина, туку затоа што се плашат дека подоцна нема да можат да ги добијат своите заштеди.
Ова е една од најстарите и најдобро проучените појави во финансиите. Се случувала во различни земји и во различни периоди од историјата. Затоа е корисно да се знае како и зошто настанува, без да се поврзува со конкретен случај. Механизмот е секогаш ист, без разлика за која земја или банка станува збор.
Во историјата има многу примери на банкарска паника. Така, на пример, во САД, уште во 1907 година, паниката се прошири од неколку банки на целиот систем, а тоа беше една од причините во 1913 година да се основа американската централна банка ‒ Федералните резерви. За време на Големата депресија, меѓу 1930 и 1933 година, во САД пропаднаа околу 9.000 банки, повеќето поради масовно подигање на депозитите. Како одговор на ова, во 1933 година беше воведено државно осигурување на депозитите. Во 2007 година, пред британската банка Нортерн рок (Northern Rock) чекаа стотици штедачи за да ги подигнат своите заштеди. Тоа беше првата ваква паника во Велика Британија по повеќе од 150 години. Најновиот голем пример е американската банка Силикон вали (Silicon Valley Bank) во 2023 година, од која клиентите за само еден ден подигнаа 42 милијарди долари, најмногу преку мобилни апликации.
Каде одат парите што ги чуваме во банка?
За да разбереме зошто настанува банкарската паника, прво треба да знаеме што прави банката со парите што ги оставаме таму. Банката не ги чува во сеф. Повеќето депозити можете да ги подигнете кога сакате. Од друга страна, банката тие средства им ги позајмува на граѓаните и на фирмите во форма на кредити. Така, на пример, граѓаните земаат кредити за да купат стан или автомобил, да го реновираат домот, да го школуваат детето или за други поголеми трошоци. Фирмите, пак, земаат кредити за да купат машини и суровини, да исплатат плати додека чекаат наплата од купувачите или да го прошират производството. Овие кредити се враќаат на рати, со години, а станбените дури и со децении.
Значи, најголемиот дел од депозитите не стои во банката во готово, туку им е позајмен на граѓани и фирми. Во банката останува само помал дел од средствата, како резерва, за да може веднаш да им исплати на депонентите што ќе ги побараат своите пари. Таа резерва е во форма на готовина, пари на сметка во централната банка и државни хартии од вредност што лесно се претвораат во готовина.
Зошто тоа е доволно? Затоа што во нормални услови луѓето не ги подигаат сите заштеди во ист ден. Секој ден едни подигаат, а други уплаќаат, па разликата меѓу парите што излегуваат и што влегуваат е мала и може однапред да се процени. Банката ја одредува големината на резервата според таа вообичаена разлика, а не според можноста сите депоненти да ги побараат своите средства во ист ден, што во нормални услови не се случува.
Ова не е слабост на една банка, туку начин на кој работи целиот банкарски систем. Банката заработува од разликата меѓу каматата што ја наплаќа на кредитите и каматата што им ја плаќа на депонентите. Од таа разлика ги покрива трошоците и остварува профит. Ако банките ги чуваат сите депозити во готово, немаше да има кредити ни за граѓаните, ни за фирмите, а банките немаше да имаат од што да заработат ниту да плаќаат камата на депозитите.
Недостиг на готовина или вистински проблем?
За да се разбере банкарската паника, треба да се разликуваат два поима, солвентност и ликвидност. Солвентност значи дека банката поседува повеќе средства отколку што должи, односно дека нејзините кредити, хартии од вредност и готовина вредат повеќе од парите што им ги должи на депонентите, на другите банки и на сите од кои позајмила. Ликвидност, пак, значи дека банката има доволно готовина да ги исплати депозитите во моментот кога депонентите ќе ги побараат.
Банката може да биде солвентна, а да не биде ликвидна, односно може да има доволно кредити и хартии од вредност за да ги покрие сите свои долгови, а сепак привремено да нема доволно готовина. Нејзините кредити редовно се отплаќаат и ќе бидат вратени, но не можат да се наплатат за еден ден. Затоа, ако многу депоненти одеднаш ги побараат своите заштеди, банката мора брзо да продаде дел од хартиите од вредност и другиот имот, често по пониска цена од нивната вистинска вредност. Загубата од таквата продажба ја намалува вредноста на тоа што банката го поседува, па таа може да дојде во состојба да поседува помалку отколку што должи, односно да стане несолвентна.
Токму во тоа е најголемата опасност: ако не се реши навреме, недостигот на готовина може да прерасне во вистински финансиски проблем. Затоа не е доволно банките само да имаат доволно сопствени средства, односно капитал. Потребно е и кога банката привремено ќе остане без готовина, брзо да може да ја добие, на пример како позајмица од централната банка.
Зошто паника може да настане и кај здрава банка?
Економистите Даглас Дајмонд и Филип Дибвиг во трудот „Банкарски паники, осигурување на депозити и ликвидност“ (1983), со математички модел објаснија како настанува банкарската паника. За ова, во 2022 година, заедно со Бен Бернанке, ја добија Нобеловата награда за економија. Нивниот главен заклучок е дека паника може да настане и кај сосем здрава банка.
Логиката е следна. Банката исплаќа по редот по кој депонентите доаѓаат. Додека има готовина, секој што ќе дојде ги добива своите средства. Ако готовината се потроши, оние што дошле подоцна мора да чекаат додека банката не продаде дел од имотот или не добие помош. Затоа, ако еден депонент верува дека и другите ќе ги подигнат депозитите, за него е логично што побрзо да ги подигне своите заштеди. Така е сигурен дека ќе ги добие пред банката да остане без готовина.
Ако сите размислуваат на овој начин, во ист ден на шалтерите и преку апликациите ќе се бараат многу повеќе пари отколку што банката има во готово, па дел од депонентите ќе мора да чекаат. Банката можеби била во добра состојба и немало вистинска причина за страв, но бидејќи многумина се исплашиле и истовремено ги подигнале депозитите, таа навистина останала без доволно готовина. Со други зборови, самиот страв го создал проблемот од кој луѓето се плашеле.
Економистите велат дека проблемот произлегува од тоа што депонентите не можат меѓусебно да се договорат. Секој одлучува сам и постапува разумно за себе, бидејќи сака да ги заштити своите заштеди. Но, ако сите го направат истото во исто време, резултатот е лош за сите: банката влегува во проблем, а дел од депонентите мора да чекаат за своите средства. Ако би можеле да се договорат дека никој нема да брза, проблемот не би настанал. Затоа, банкарската паника повеќе зависи од тоа што очекуваат луѓето и колку ѝ веруваат на банката, отколку од нејзината вистинска финансиска состојба.
Како социјалните мрежи ја забрзуваат паниката?
Во минатото, паниката се ширеше со денови, преку весници, разговори и редици пред банките. Денес една вест, точна или неточна, за неколку минути стигнува до илјадници луѓе преку социјалните мрежи, а парите можат да се префрлат за неколку секунди преку мобилна апликација, без да се излезе од дома.
Примерите од светот во последните дваесетина години покажуваат дека денес депонентите ги подигаат своите заштеди многу побрзо отколку порано. Тоа значи дека банките и институциите што ги надгледуваат имаат помалку време да реагираат. Затоа е уште поважно самата банка, централната банка и фондот за осигурување на депозитите навреме и јасно да ја информираат јавноста за состојбата на банката и за тоа што се презема.
За секој од нас ова значи дека е важно од каде ја добиваме информацијата. Соопштенијата на централната банка и на фондот за осигурување депозити се посигурен извор од непроверените објави на социјалните мрежи. Одлуката донесена од страв, врз основа на непроверени информации, ретко е подобра од одлуката донесена врз основа на проверени факти.
Кој ги штити депонентите?
Бидејќи банкарската паника е позната појава, современите банкарски системи имаат воведено заштита од неа. Таа заштита се состои од три дела.
- Осигурување на депозитите. Посебен државен фонд гарантира дека депонентите ќе ги добијат своите пари до определен износ, дури и ако банката престане да работи. Целта не е само да се заштитат штедачите, туку и да се отстрани причината тие да брзаат да ги подигнат заштедите. Ако депонентот знае дека неговите средства се осигурени, нема зошто да брза.
- Централната банка како позајмувач во крајна инстанца. Централната банка може да ѝ позајми готовина на банка што има доволно имот, но привремено нема доволно готовина. Ова се нарекува кредитирање во крајна инстанца. Како обезбедување на таа позајмица, банката мора да остави гаранција, на пример државни обврзници или кредити што редовно се отплаќаат, која централната банка ја задржува ако позајмицата не се врати. Ова правило го опишал британскиот економист Волтер Бејџот уште во 19 век.
- Правила и надзор. Банките мора да почитуваат строги правила. Тие треба да имаат доволно сопствен капитал за да можат да покријат загуби, доволно готовина и средства што брзо се претвораат во готовина, и да внимаваат на кого и колку позајмуваат. Централната банка редовно проверува дали банките ги почитуваат овие правила, за да бидат подготвени и во тешки периоди, а не дури кога ќе настане проблем. Ако банка сепак влезе во сериозни тешкотии, таа може да биде продадена на друга банка, реорганизирана или постепено затворена. Целта е депонентите да не ги изгубат осигурените депозити, а проблемот да не се прошири на другите банки.
Важно е да се знае дека овие три механизми не помагаат само кога банката веќе е во проблем. Нивната најголема вредност е во тоа што постојат однапред. Кога депонентите знаат дека нивните заштеди се осигурени, дека централната банка може да позајми готовина и дека банките се под постојан надзор, имаат помалку причини да се плашат, а без страв, нема ни паника.
Што треба да знаеме?
Банките работат на принцип на доверба. Целиот систем функционира само ако депонентите не ги побараат сите свои средства во исто време. Тоа не е слабост што некој сака да ја сокрие. Така работи секоја банка во светот, и затоа е добро тоа да го знае секој што има заштеди во банка.
Од ова произлегуваат две поуки. Првата е за институциите. Кога ќе се појави несигурност, брзата, точна и јасна информација е подеднакво важна за стабилноста на банките, како и готовината што ја чуваат за исплата на депонентите. Ако институциите молчат или доцнат со објаснувања, стравот кај луѓето расте. Втората поука е за граѓаните. Тие треба да знаат кои депозити се осигурени и до кој износ, да ги следат официјалните извори и да одлучуваат врз основа на проверени факти, а не затоа што гледаат дека останатите подигаат депозити.
На крајот, банкарската паника настанува кога многу депоненти во исто време одлучуваат да ги подигнат своите заштеди. Затоа, најдобрата заштита е знаењето. Депонентот што разбира како работи банката и знае дека неговите средства се осигурени нема причина да брза. Кога повеќето депоненти не ги подигаат депозитите одеднаш, банката може нормално да ги исплати сите што ќе побараат и нема да се крене паника.
Пишува: Проф. д-р Весна Георгиева Свртинов – универзитетски професор
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








