ПОВЕЌЕ

    Димитриеска-Кочоска за Алта банка: Надзорот и одлуките се во рацете на Народната банка, одговорноста се утврдува со докази

    Време зa читање: 2 минути

    Министерството за финансии нема надлежност да врши надзор над банките, да издава или одзема дозволи за нивното работење, ниту да презема надзорни и корективни мерки. Овие овластувања ѝ припаѓаат на Народната банка, која е независна институција. Ова го нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната надзорна расправа во Собранието, посветена на причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

    Во своето обраќање, министерката се осврна на тврдењата за наводна вмешаност на Министерството за финансии во случајот со Алта банка, посочувајќи дека јавната дебата треба да се темели на факти и документи, а не на политички шпекулации.

    „Кога станува збор за вакви сериозни прашања, должни сме да правиме разлика меѓу факти и политички интерпретации, меѓу документи и претпоставки, како и меѓу институционална одговорност и политичка конструкција. Институционалната одговорност не се утврдува со гласноста на обвинувањето, туку со надлежноста и со доказите“, истакна Димитриеска-Кочоска.

    Таа направи разграничување на улогите на двете институции во финансискиот систем. Министерството за финансии е надлежно за управувањето со јавните финансии, фискалната политика, стабилноста и одржливоста на јавниот долг, како и за подготовката на законската регулатива што го опфаќа и банкарскиот сектор.

    Народната банка, пак, е надлежна за контролата на работењето на банките, оценувањето на законските услови за стекнување квалификувано учество и преземањето мерки за заштита на стабилноста на банкарскиот систем.

    Според министерката, строгата регулација на банкарскиот сектор произлегува од неговото значење за довербата на граѓаните, сигурноста на депозитите и стабилноста на економијата. Поради тоа, одлуките поврзани со работењето на банките се носат врз основа на законски прописи, стручни процени и утврдени процедури.

    Димитриеска-Кочоска порача дека Министерството за финансии останува подготвено да одговори на сите прашања што спаѓаат во неговите законски надлежности, како и да ги достави релевантните информации и документи.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично