Праговите за набавки без редовна тендерска постапка се зголемуваат, поскапува поднесувањето жалби, се менуваат правилата за надоместување на адвокатските трошоци и се воведува плаќање за користење податоци во формат погоден за обработка. Истовремено, се менува и начинот на избор на најповолните понуди. Ова го носат измените на Законот за јавните набавки усвоени во Собранието со 63 гласа „за“ и 20 „против“.
Законот беше изгласан по повторното разгледување во Собранието, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот поради можноста за неограничено повторно именување на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Спорниот член 13 е избришан, но останатите измени, за кои имаше бројни забелешки, останаа во законскиот текст.
Повеќе пари за набавки без редовна тендерска постапка – Годишниот лимит по институција се зголемува од 12.000 на 25.000 евра. Праговите за поединечни набавки на стоки и услуги се зголемуваат од 1.000 на 2.000 евра, а за градежни работи од 5.000 на 10.000 евра. Според Центарот за граѓански комуникации, потенцијалниот вкупен износ на набавките под законските прагови би можел да порасне од 18 на 37,5 милиони евра годишно.
Поскапи жалби за компаниите – Надоместоците за жалбена постапка се зголемуваат од досегашните 50–200 на 150–600 евра. Дополнително, фирмите што ангажираат адвокат самите ќе го сносат тој трошок дури и кога нивната жалба е целосно усвоена.
Наплата за користење податоци – Се воведува надоместок за пристап и користење податоци за јавните набавки во формат погоден за обработка. Опозицијата предупреди дека тоа може да ја отежне работата на новинарите, граѓанските организации и другите што го следат трошењето на јавните средства.
Квалитетот добива поголемо значење при изборот – Наместо доминантно потпирање врз најниската цена, се предвидува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос меѓу цена и квалитет“. Целта е институциите да добиваат поквалитетни производи и услуги, но останува прашањето како ќе се обезбеди објективно оценување.
Измените предвидуваат и поширока употреба на електронски алатки, можност за примена на вештачка интелигенција за откривање ризици и неправилности, како и континуирано стручно усовршување на службениците за јавни набавки.
Владејачкото мнозинство го застапува ставот дека измените се дел од Реформската агенда и треба да го поедностават и модернизираат системот на јавни набавки.
Опозицијата, пак, смета дека повисоките прагови, поскапите жалби и наплатата за обработливите податоци ја намалуваат транспарентноста и го зголемуваат ризикот од злоупотреби. Забелешки за дел од решенијата претходно изнесе и Центарот за граѓански комуникации.
По повторното усвојување со мнозинство од вкупниот број пратеници, претседателката, согласно член 75 став 3 од Уставот, е должна да го потпише указот за прогласување на законот. Следуваат неговото објавување во „Службен весник“ и примената според предвидените законски рокови.
Аналитика








