ПОВЕЌЕ

    Богата и сиромашна Европа според БДП по жител: Лихтенштајн на врвот, Македонија при дното

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија е на 41. место меѓу 48 европски земји, односно во друштвото на најсиромашните со проектиран БДП по жител за 2026 година од 11.762 долари. Лихтенштајн е на самиот европски врв со проектираните 230.417 долари по жител. Резултатите се од рангирањето на Visual Capitalist, според кое зад кнежевството се уште пет држави кои го надминуваат прагот од 100 илјади долари.

    Меѓу првите десет најбогати земји се Луксембург со БДП од 155.733 долари по жител, Ирска со 127.837 долари, Швајцарија со 124.478, Норвешка со 115.188 и Исланд со 107.464 долари.

    Македонија е во крајниот дел од листата, меѓу осумте најниско рангирани. Зад нас се Грузија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Молдавија, Косово, Азербејџан и Украина, која од 2022 година се соочува со руска воена агресија.

    Според податоците, нашиот БДП за 5.364 долари заостанува зад српскиот. Србија е на 37. место со проектираните 17.126 долари по жител. Црна Гора (38) има 16.211 долари, односно за 37,8 насто повисока вредност од македонската. Албанија (39) со своите 13.968 долари ни бега за 2.206 долари или за близу 19 насто.

    Во регионот Македонија има повисок БДП по жител само од Босна и Херцеговина која е на 43. позиција со БДП од 10.845 долари и од Косово, чиишто 8.902 долари по жител го рангираат на 46. место.

    Согласно рангирањето кое е изработено врз основа на октомвриските прогнози на Меѓународниот монетарен фонд, Бугарија е најниско рангираната членка на ЕУ. Има БДП по жител од 23.000 долари, речиси двојно повеќе од Македонија. Проекцијата на Словенија достигнува 41.631 долар по жител, а на Хрватска 29.860 долари.

    Инаку, рангирањето е направено врз основа на номиналниот БДП по жител, без приспособување на разликите во куповната моќ.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично