ПОВЕЌЕ

    Домашната продажба послаба, добивката на Макпромет намалена за над 59 отсто

    Време зa читање: 2 минути

    „Чунга лунга“, млечните производи „Кораб“, лебот и печивата, семенскиот материјал, печатарството и останатите бизниси во рамките на Групацијата Макпромет и натаму носат позитивен резултат, но со послаба заработка од лани. Во првите девет месеци од годинава добивката изнесувала 2,912 милиони денари, што е за 59,27 отсто помалку во споредба со споредбениот период од 2025 година, кога биле остварени 7,149 милиони денари.

    Од јануари до септември оперативните приходи на Групацијата достигнале 210,921 милион денари. Овој сегмент бележи пад од 2,11 отсто на годишно ниво.

    Од домашниот пазар се обезбедени приходи од 73,786 милиони денари. Лани во таа ставка бил заведен износот од 80,440 милиони денари, што претставува пад од 8,27 отсто. За разлика од домашната продажба, кај извозот има извесно нагорно движење. Приходите од продажбата на странските пазари изнесувале 131,911 милиони денари, за 1,70 насто повеќе од ланските 129,700 милиони денари.

    Останатите оперативни приходи се намалиле за 1,88 отсто, на 5,224 милиони денари.

    Вкупните оперативни расходи на Макпромет изнесувале 208,009 милиони денари.

    Најголема расходна ставка и натаму се суровините, материјалите и електричната енергија, за кои биле потрошени 116,769 милиони денари, или за 2,11 отсто помалку од споредбениот период. Набавната вредност на трговската стока, пак, се зголемила за 24,19 насто, од 5,251 милион на 6,521 милион денари. Трошоците за услуги со карактер на материјални трошоци изнесувале 9,021 милион денари, што е годишен пад од 5,88 отсто. За плати и други надоместоци на вработените биле издвоени 68,099 милиони денари, или за 7,21 насто повеќе на годишно ниво.

    Останатите оперативни трошоци изнесувале 7,599 милиони денари.

    Во текот на 2026 година се бележи и намалување на постојните долгорочни кредитни обврски, како резултат на нивното редовно сервисирање согласно амортизациониот план.

    Макпромет во својата групација обединува компании од повеќе индустрии, меѓу кои пекарски, кондиторски, млечни, печатарски и земјоделски бизниси.

    Во следниот период менаџментот планира да се насочи кон зголемување на приходите од продажба, задржување на постојните клиенти и привлекување нови потрошувачи, со паралелно намалување на трошоците и поефикасно користење на капацитетите.

    Од компанијата очекуваат дека преку поактивно истражување на пазарот и поголем ангажман на менаџерскиот тим ќе се создадат услови за подобар финансиски резултат во продолжението на годината.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично