ПОВЕЌЕ

    УПРАВНИОТ ОДБОР НА НВИДИА ПОДГОТВУВА СМЕНА НА ХУАНГ: Пресврт во шпионската афера што ја потресе компанијата и Белата куќа

    Време зa читање: 6 минути

    Управниот одбор на американскиот технолошки гигант Нвидиа подготвува смена на основачот и извршен директор Џенсен Хуанг, откако скандалот поврзан со неговиот приватен живот и сомневањата за кинеска шпионажа прерасна во сериозна корпоративна и политичка криза. Според пишувањата на Волстрит журнал, директорите разгледуваат негово разрешување, а Ројтерс, повикувајќи се на извор запознаен со случувањата, потврди дека одборот се состанува за да одлучи за неговата иднина. Засега нема официјална одлука за смена на човекот кој повеќе од три децении ја предводи компанијата.

    Пресвртот доаѓа само неколку дена откако Управниот одбор јавно му изрази доверба на Хуанг и најави независна истрага за неговата поврзаност со жена за која американските разузнавачки служби се сомневаат дека работела за Кина. Според Блумберг, одборот веќе ангажирал надворешна фирма за идентификување можни наследници, што дополнително ги засили шпекулациите дека заминувањето на Хуанг е реална опција.

    Нов удар за неговата позиција дојде на 11 ноември, кога „Њујорк тајмс“ објави дека Хуанг наводно имал и втора вонбрачна врска, овојпат со Кимберли Пауел, потпретседателка на „Нвидиа“ задолжена за здравствениот сектор, која му била директно подредена. Весникот се повикува на пет лица кои работеле во компанијата. Ројтерс наведува дека не можел независно да ги потврди овие тврдења, а компанијата и Пауел не одговориле на барањата за коментар.

    БРАЧНА ПРЕЉУБА ШТО ПРЕРАСНА ВО ШПИУНСКА АФЕРА

    Скандалот започна со информации за блискиот однос меѓу Хуанг и Алис Хуанг, поранешна директорка и акционерка во сингапурската компанија „Мегаспид интернешнл“ (Megaspeed International), која работела со напредни чипови на „Нвидиа“. Иако имаат исто презиме, двајцата не се во роднинска врска.

    Според американските медиуми, разузнавачките служби се сомневаат дека Алис Хуанг била поврзана со кинеските разузнавачки структури. Истовремено, „Мегаспид“ е предмет на проверки поради сомневања дека овозможувала пристап на кинески компании до американски чипови, чиј извоз е ограничен со безбедносни прописи.

    На 8 ноември, Џенсен Хуанг испрати писмо до вработените во кое призна дека бил неверен на сопругата и презеде одговорност за своето однесување, без да го открие идентитетот на жената. Тој истовремено порача дека ќе соработува со независната истрага и дека останува посветен на заштитата на американската национална безбедност.

    Нвидиа соопшти дека нема причини да верува оти биле компромитирани деловни тајни или американската национална безбедност. Истрагата ја води независен комитет на директори, со помош на адвокатската канцеларија Wachtell, Lipton, Rosen & Katz и поранешниот федерален обвинител Џун Ким.

    Засега нема јавно потврдени докази дека Хуанг свесно соработувал со кинеските разузнавачки служби. Кина ги отфрли обвиненијата за шпионажа како неосновани.

    Во меѓувреме, дополнителни прашања се отвораат и за работењето на „Мегаспид“. Во ново истражување објавено на 12 ноември, Ројтерс откри дека поврзани компании во САД и Австралија биле регистрирани на име на 29-годишен директор, чија наведена адреса во Австралија води до мала продавница за весници и лотарија. Откритието ги засилува прашањата за корпоративната структура на компанијата, но само по себе не претставува доказ за незаконско работење.

    ФАЈНЕНШЕЛ ТАЈМС: ХУАНГ ЈА ГУБИ НАКЛОНЕТОСТА НА БЕЛАТА КУЌА

    Покрај корпоративната криза, аферата сериозно го нарушува и политичкото влијание на Хуанг.

    Во анализа објавена на 12 ноември, под наслов „Од државни вечери до истраги: Хуанг од Нвидиа ја губи наклонетоста во Вашингтон на Трамп“, „Фајненшл тајмс“ пишува дека скандалот им дал нов аргумент на противниците на неговата политика за олеснување на извозот на напредни американски чипови во Кина.

    Хуанг важеше за еден од највлијателните деловни сојузници на претседателот Доналд Трамп. Во изминатите две години одржуваше редовни контакти со Белата куќа, а „Нвидиа“ активно лобираше за поповолни услови за продажба на своите процесори на кинескиот пазар.

    Трамп на 9 ноември јавно го поддржа Хуанг, изјавувајќи дека разговарал со него и дека му верува оти не знаел за наводната шпионска активност на жената со која бил поврзан.

    Сепак, според „Вашингтон пост“, Белата куќа нема да интервенира во одлуката на Управниот одбор за иднината на Хуанг. Тоа значи дека личната поддршка од Трамп засега не е повлечена, но не претставува гаранција дека Хуанг ќе ја задржи функцијата.

    Аферата дополнително го заострува конфликтот околу извозот на американска технологија во Кина. Конгресмени од двете партии бараат дополнителни проверки, а дел од нив се залагаат за построги ограничувања на продажбата на напредни чипови. Во Конгресот се бараат и документи за одлуките на администрацијата во врска со извозните дозволи.

    СКАНДАЛОТ ПРЕДИЗВИКА НЕРВОЗА НА БЕРЗИТЕ

    Инвеститорите веќе реагираа на можноста Нвидиа да остане без својот долгогодишен лидер. По информациите за состанокот на Управниот одбор, акциите на компанијата паднаа за повеќе од 8 отсто во продолженото тргување на 11 ноември.

    Според пресметките на Ројтерс, доколку тие загуби се задржат, намалувањето на пазарната капитализација од почетокот на истрагата би достигнало околу 600 милијарди долари.

    Падот се прелеа и врз други компании поврзани со индустријата за вештачка интелигенција. Акциите на Корвив (CoreWeave), компанија што управува со центри за податоци и е поврзана со инвестициите на Нвидиа, се намалија за повеќе од шест отсто во продолженото тргување. Од друга страна, дел од конкурентите, меѓу кои AMD и Broadcom, забележаа раст.

    Загриженоста на инвеститорите не се однесува само на евентуалното заминување на еден директор. Под водство на Хуанг, „Нвидиа“ изгради сложена мрежа од партнерства и инвестиции во компании што истовремено се и купувачи на нејзините чипови. Неговата смена би можела да ја промени оваа стратегија и да отвори нови неизвесности за финансирањето на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

    МОЖЕ ЛИ НВИДИА ДА ПРОДОЛЖИ БЕЗ СВОЈОТ ОСНОВАЧ?

    Хуанг ја основаше Нвидиа во 1993 година и ја трансформираше од производител на графички процесори во компанија што доминира на глобалниот пазар на чипови за вештачка интелигенција. Тој поседува околу 3,6 отсто од акциите, но неговото влијание врз деловната стратегија е значително поголемо од сопственичкиот удел.

    Проблемот е што компанијата нема јасно определен наследник. Меѓу имињата што се споменуваат се финансиската директорка Колет Крес, како можна привремена замена, и Иан Бак, еден од клучните директори задолжени за технологијата и работењето со центрите за податоци.

    Според корпоративните правила, мнозинството од 11-члениот Управен одбор може да го разреши Хуанг и без утврдување конкретна причина.

    Фајненшл тајмс во посебна анализа, насловена „Преголем за да биде отпуштен“, ја отвора токму оваа дилема: дали останувањето на Хуанг би ја продлабочило кризата на доверба или неговото заминување би создало уште поголема нестабилност во компанија чиј деловен модел и култура се изградени околу еден човек.

    Во меѓувреме, против Хуанг и Нвидиа е поднесена и тужба од акционери, кои тврдат дека инвеститорите биле доведени во заблуда поради недоволно објавување информации за неговите врски и потенцијалните ризици. Обвинувањата допрва треба да бидат разгледани во судска постапка.

    Следниот важен датум е 17 ноември, кога „Нвидиа“ треба да ги објави кварталните финансиски резултати. Но наместо вниманието да биде насочено исклучиво кон продажбата на чипови и профитот, инвеститорите ќе бараат одговор и на прашањето кој ќе ја води компанијата.

    Засега Хуанг формално останува на функцијата. Дали ќе успее да ја преживее најголемата криза во својата кариера ќе зависи од наодите на истрагата и од одлуката на Управниот одбор.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично