
Десет македонски компании се подготвуваат за пристап до средствата што ги обезбедува домашниот пазар на капитал. Почетниот чекор е направен со присуството на дводневната Лидерска академија, посветена на клучните аспекти од кои зависи успешното излегување на берзата – корпоративно управување, финансиско известување, вреднување на компаниите, регулаторните барања и односите со инвеститорите. Со тоа започна и реализацијата на активностите предвидени во рамките на Проектот за поттикнување и подготовка на домашните компании за пазарно финансирање.
Проектот го спроведува Македонска берза во соработка со Европската банка за обнова и развој, а со финансиска поддршка од Европската Унија. А со сопствениците и менаџерите на селектираните 10 од пријавените 24 компании, работи консултантски тим од PwC Македонија и PwC Хрватска, на кој му е доверена имплементацијата на проектот. Експертите од PwC ја одржаа и дводневната Лидерска академија, со презентација на различните модели на пазарното финансирање и чекорите потребни за нивна примена.
Проектот има за цел да им помогне на македонските компании подобро да ги согледаат можностите за финансирање преку пазарот на капитал и да ја унапредат својата подготвеност за користење на овие извори за поддршка на нивниот раст и развој, истакнуваат од Македонска берза.
Во следната фаза од Проектот ќе се реализираат билатерални состаноци со консултантите и проценка на подготвеноста на секоја од избраните компании. Врз основа на оваа анализа ќе бидат дадени конкретни препораки за понатамошен развој и подготовка за пазарно финансирање на секоја компанија.
Аналитика








