ПОВЕЌЕ

    Банкарството јакне: За една година активата пораснала за над 1,4 милијарди евра

    Време зa читање: 3 минути

    Банкарскиот сектор во Македонија продолжува да расте, а вкупната актива на 12-те комерцијални банки достигна 15,3 милијарди евра заклучно со 30 септември годинава. Тоа е за 1,45 милијарди евра повеќе во споредба со истиот период лани, кога банките располагале со актива од 13,85 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

    Растот за една година е околу 10,5 насто, што укажува на натамошно проширување на билансите на банките и зголемување на финансискиот потенцијал на секторот. Зад овие бројки, што ги анализираше „Пари“, стојат и поголемата депозитна база и кредитната активност, кои се меѓу клучните показатели за движењата во банкарството.

    КРЕДИТИТЕ СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ ЗА 1,2 МИЛИЈАРДА ЕВРА

    Вкупните бруто-кредити на 30.09.2026 година достигнаа 9,9 милијарди евра. Кредитирањето се зголемува. На истиот датум лани вкупните бруто-кредити изнесувале 8,7 милијарди евра, односно кредитните пласмани за една година се зголемиле за 1,2 милијарда евра.

    Што се однесува до видот на кредитирањето, интересно е што износот на висината на кредитите за фирми и за домаќинствата е речиси ист.

    Податоците покажуваат дека 4,9 милијарди евра се пласирани кај нефинансиските друштва, односно компаниите, додека кредитите на домаќинствата изнесуваат 5 милијарди евра.

    ДЕПОЗИТИТЕ СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ ЗА ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА

    Депозитите, пак, се значително повисоки од кредитите и достигнуваат 11,2 милијарди евра на 30.09.2026 година. Една година претходно изнесувале 10,2 милијарди евра. Тоа значи дека има раст на депозитната база за една милијарда.

    На 30 септември, најголемиот дел од депозитната база ја сочинуваат заштедите на домаќинствата, кои изнесуваат 7,6 милијарди евра. Компаниите и другите нефинансиски друштва во банките имаат депонирано 3,3 милијарди евра.

    Податоците покажуваат дека домаќинствата се најголемиот извор на депозити во банкарскиот систем, со учество од околу 68 насто во вкупната депозитна база. Кај кредитите, пак, нивното учество е околу 50 насто.

    Споредбата на кредитите и депозитите покажува дека депозитите се за околу 1,3 милијарди евра повисоки од бруто-кредитите. Овој сооднос е еден од показателите за ликвидносниот капацитет на банкарскиот сектор, иако целосната слика за финансиската состојба на банките ја даваат и останатите билансни позиции, капиталот и квалитетот на кредитното портфолио.

    Со актива од 15,3 милијарди евра, македонскиот банкарски сектор продолжува да ја зголемува својата финансиска тежина, при што домаќинствата остануваат клучни и како штедачи и како корисници на банкарски кредити.

    Инаку, банкарска актива е вкупната вредност на средствата и побарувањата со кои располага една банка во одреден момент. Таа ги опфаќа сите финансиски средства што банката ги поседува или ги побарува од други субјекти. Во активата на банките влегуваат: кредити, парични средства и депозити, хартии од вредност, други побарувања и средства.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично