
Она што некогаш започна како американска предбожиќна традиција на пазарување, прерасна во глобален трговски феномен што ги помести границите на потрошувачката. И Македонија веќе неколку години е дел од оваа приказна. Купувачите чекаат пред продавниците уште од раните утрински часови, но ги следат и попустите на интернет. Колку пари трошат македонските граѓани за пазарување на т.н. Црн петок, кога трговците даваат попусти еден ден, цел викенд, па и цела недела претходно?
Пари ги анализира бројките за претходните две години и врз таа основа може да се заклучи дека и нашите граѓани не се имуни на шопинг-манијата за Црн петок.
Плаќањата со картички во земјава во ноември континуирано растат, а вистинскиот бум се случува во онлајн трговијата. Во ноември 2024 година, вкупната вредност на платежните трансакции со картички на физичките лица изнесувала 15,79 милијарди денари. Една година подоцна, во ноември 2025, достигнала 17,51 милијарда денари.
Тоа е зголемување од 1,72 милијарди денари, односно раст од 10,9 насто за само една година. Една милијарда од овој раст отпаѓа на плаќања во е-трговија. Онлајн плаќањата растат многу побрзо од плаќањата на физичките продажни места. Во ноември 2024, онлајн плаќањата со картичка изнесувале 3,3 милијарди денари, а во 2025 дури 4,2 милијарди денари, што е раст од 28,3 насто.
Ако продолжи трендот од последната година, кога вкупните плаќања со картички во ноември пораснале за 10,9 насто, нивната вредност во ноември годинава би можела да се приближи до 19,4 милијарди денари. Онлајн плаќањата во ноември би можеле да надминат пет милијарди денари. Тоа би значело дека за само две години вредноста на онлајн плаќањата би пораснала за повеќе од 50 насто.
Црн петок, всушност, одамна не е само американска традиција на распродажби што се случува еден петок во ноември. Од ден на големи попусти, прерасна во цела сезона на распродажба, во која трговците сè почесто ги почнуваат акциите порано, а потрошувачите ги одложуваат купувањата очекувајќи подобри цени.
Македонија не е исклучок од овој тренд. Иако традицијата пристигна подоцна отколку во западните земји – оваа практика кај нас беше воспоставена најмалку од 2015 година. Притоа, онлајн купувањето расте трипати побрзо од плаќањата на ПОС-терминали. Во структурата на плаќањата во ноември 2025 година, најголем дел од потрошувачката сè уште се реализира на физичките продажни места, но плаќањата на ПОС-терминали пораснале за само 4,6 насто, од 12,30 на 12,87 милијарди денари.

Во ноември 2024 година, е-трговијата учествувала со 20,8 насто во вкупните плаќања, а во ноември 2025 година, нејзиното учество пораснало на 24 насто. Учеството на плаќањата на ПОС-терминали, пак, се намалило од 77,9 насто на 73,5 насто.
Особено впечатлив е растот кај мобилните плаќања. Нивната вредност се зголемила од 177,7 милиони денари во ноември 2024 на 416,7 милиони денари во ноември 2025 година, што претставува раст од 134,5 насто.
Иако нивниот удел во вкупната потрошувачка сè уште е релативно мал, динамиката укажува на забрзано прифаќање на мобилните начини на плаќање.
Дали ноември е месецот на најголемо трошење?
Податоците покажуваат дека ноември е силен потрошувачки месец, но не и месецот со најголем обем на плаќања.

Ноември и јули имаат речиси идентичен обем на потрошувачка. Ова е интересно бидејќи јули е период на летни распродажби, сезонски купувања и подготовки за годишни одмори, додека ноември е месецот на Црн петок. Очигледно, двата продажни периода имаат слична тежина во вкупната потрошувачка со картички.
Но, декември е вистинскиот шампион на потрошувачката. Во декември 2025 година, плаќањата со картички достигнале 20,77 милијарди денари. Тоа е за 19,1 насто повеќе отколку во декември 2024 година и за 18,6 насто повеќе отколку во ноември 2025 година.
Колку Македонците се разликуваат од Американците и Европејците?
Индустријата на Црн петок во САД е вредна милијарди долари. Според Adobe Analytics, американските потрошувачи во 2024 година потрошиле 10,8 милијарди долари онлајн на Црн петок. Во 2025 година сумата достигнала 11,8 милијарди долари, што е раст од 9,1 насто. За 2026 година, прогнозата на Adobe е 12,9 милијарди долари онлајн продажба на Црн петок, што би претставувало дополнителен раст од 9,2 насто.
Ако се остварат очекувањата, американските потрошувачи за само еден ден ќе потрошат околу 1,1 милијарда долари повеќе отколку во 2025 година.
Според истражувањето на PwC од 2024 година, спроведено во Германија, Франција, Ирска, Италија и Турција, просечниот планиран буџет за Црн петок и Киберпонеделник изнесувал 277 евра.
Според Mastercard Economics Institute, европската малопродажба во периодот од 1 ноември до 26 декември 2026 година се очекува да порасне за 3,4 насто во однос на истиот период во 2025 година. Проекцијата ги опфаќа и физичката и онлајн продажбата, без автомобили и горива.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








