ПОВЕЌЕ

    КОЛУМНА I Буџетско раздавање

    Време зa читање: 4 минути

    Буџетската разгледница од Македонија би изгледала вака: малку земи од оние од кои треба да земеш многу, и на нив пак дај им најмногу.

    И уште долго државниот буџет и локалните буџети нема да поминуваат низ граѓанско-буџетските форуми и низ живиот Граѓански буџет, туку ќе бидат ред по редум бројки, ставки и програми и пресликани во малите буџетчиња, погрешно наречени граѓански буџети.

    Буџетите се на тие што се на власт. Буџетите се нивните ризници. Потврда за ова е и жестината со која го бранат Буџетот.

    Се дебатира и се изнесуваат констатации дека е развоен, дека е социјален, дека е ваков или онаков, но не е граѓански и не е законски. Од Министерство во Влада, од Влада во Собрание, од Собрание во „Службен весник“ и толку. Не поминува на ниту еден граѓанско-буџетски форум. А она што е наречено Граѓанскиот буџет е сведен на Мала библија во слики за мали деца? Значи, државниот Буџет не е ниту граѓански, ниту законски.

    Буџетот е даноци + задолжување. Колку се помали даноците толку се поголеми задолжувањата, оти буџетското раздавање мора да е големо, оти ниту се доаѓа на власт, ниту се останува на власт ако нема буџетско раздавање. Буџетот е раздавање на она што е одземено со даноците, но Буџетот го раздава и она што е идно одземање. Идното одземање има цена која мора да се плати, но, во исто време, значи и признавање за неспособност. Па така равенката за Буџетот е: Буџет = способност во одземање + неспособност во одземањето.

    Ние даночниците се радуваме што во дискусиите околу Буџетот за 2027 година се поставија две клучни прашања: дали со реформи во даноците може да се истрчува пред да се прават реформи во другите сектори и кој модел на оданочување е најдобар за нашата земја (прогресивно, правично, рамен данок или некој друг модел).

    Одамна е напуштена концепцијата дека реформата на даноците мора да ги чека реформите во другите сектори за да на крај се пристапи кон реформирање на даноците. Сега дури се препорачува даночната реформа да претходи на реформите во другите сектори. Но, и тука работите не одат мазно; на гледиштето дека даночната реформа може и треба да претходи на другите реформи му се спротивставува гледиштето дека наместо реформи во даноците подобро е доброто менаџирање со јавните финансии. Поконкретно, се прифати ставот дека градоначалниците ќе ги научиме подобро да управуваат со локалните финансии, па реформирањето на локалните даноци не е потребно. Ваквото гледиште се покажа како негативно уште од времето кога се пренесуваше нивното собирање од УЈП на општинските даночни администрации во 2005 година па до денес. Денес, јасни ни се негативните последици од едно вакво решение од пред две децении. Но, изгледа не извлекуваме поука од минатото и сега водиме политика на однесување дека доброто менаџирање на јавните финансии ја надоместува реформата на даноците.

    Македонија се гуши во недоволно собраните даночни приходи; прашањето кој модел на оданочување ќе се применува е второстепено прашање.

    Задоцнувањето во реформирањето на даноците Македонија може скапо да ја чини. Еднаш тоа ни се случи – ДДВ го воведовме многу доцна. Подготовките за воведувањето на ДДВ многу долго траеја. За разлика од нас, многу земји побрзаа со неговото воведување со цел да остварат подобра позиција во меѓународната трговија. Во системот на ДДВ добрата и услугите излегуваат на меѓународниот пазар без налегнати даноци и тоа е голема предност во меѓународната трговија.

    Ако некогаш било вообичаено даночните реформи да се прават еднаш во половина век, денес тој период е скратен напола. Време е да се прават поголеми реформски зафати во даноците. Да не се залажуваме со констатацијата дека сме во перманентна даночна реформа.

    И уште нешто, во овој изминат 35-годишен период на независност и самостојност не научивме кои инструменти треба да ги вградиме во нашиот даночен систем: оние кои ги применуваат современите развиени земји или оние инструменти кои ги применувале во периодот кога биле на наше ниво на развиеност. Тука фискалната политика не смее да погреши.

    И на крај, буџетската разгледница не може да биде без прашањата за јавниот долг и даноците.

    Пишува: Славко Лазовски, даночен експерт

    (Ставовите и мислењата изнесени во овој текст се лични ставови на авторот)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично