
Глобалните финансиски пазари се соочуваат со остар пресврт во монетарната политика на Соединетите Американски Држави, откако најновите сигнали од Вашингтон покажаа дека ерата на поевтини пари дефинитивно е зад нас, а инфлацијата повторно го презема приматот како најголем ризик за светската економија.
Записникот од последниот состанок на американските Федерални резерви (Фед) открива дека паузата со каматните стапки во октомври била само тактичко затишје пред нова серија монетарно затегнување, кое би можело да почне веќе следниот месец и да се прелее врз глобалните текови на капиталот, девизните курсеви и трошоците за задолжување.
Документот објавен од централната банка покажува дека одлуката на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC), предводен од претседателот Кевин Ворш, на состанокот на крајот на октомври да ја задржи референтната каматна стапка во распон од 3,75 до 4 проценти со десет гласа „за“ и два „против“, всушност била донесена многу потесно отколку што изгледало во јавноста. Имено, записникот открива дека значително поголем број креатори на монетарната политика се двоумеле дали уште во октомври да гласаат за ново зголемување, по септемврискиот потег кога ФЕД ги крена каматите за првпат по три години.
Економските аналитичари оценуваат дека централната банка се воздржала од радикален чекор само поради конгресните избори во САД што се одржаа шест дена по состанокот, но дека речиси сите учесници на средбата се согласиле оти понатамошни зголемувања се неизбежни за да се врати инфлацијата на целното ниво од два проценти.
Тон на загриженост доминира и во најновите јавни настапи на високите функционери на Фед, кои испратија невообичаено остри пораки до инвеститорите пред следниот клучен состанок закажан за 8 и 9 декември. Гувернерот на ФЕД, Кристофер Волер, отворено порача дека се залага за агресивно зголемување од половина процентен поен во декември, освен ако централната банка не даде јасен сигнал дека по стандардниот скок од 0,25 процентни поени во декември веднаш ќе следи ново зголемување и во јануари.
Според него, инфлаторните притисоци се шират, поради што каматните стапки можеби ќе мора да се искачат дури и над нивото на кое беа пред трите намалувања од минатата година. На иста линија е и претседателот на ФЕД во Сент Луис, Алберто Мусалем, кој процени дека до пролетта 2027 година ќе бидат потребни неколку последователни зголемувања, нагласувајќи дека референтната камата мора да стои два до 2,5 процентни поени над стапката на инфлација за реално да ја олади побарувачката. И претседателката на ФЕД во Сан Франциско, Мери Дејли, предупреди дека мора решително да се пресече новиот инфлаторен импулс пред тој трајно да се вгради во очекувањата на граѓаните и компаниите.
Главната причина за ваквата остра реторика лежи во фактот што октомвриските податоци покажаа поголема отпорност на инфлацијата од предвиденото, дополнително поттикната од поскапувањето на енергенсите поради геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Во самиот записник на ФЕД се наведува дека дел од членовите веќе ја ставиле на маса можноста за поагресивни чекори поголеми од вообичаените четвртина процентен поен доколку следните статистички извештаи не покажат смирување на цените. Ваквиот развој на настаните веднаш ги промени калкулациите на Волстрит, каде што инвеститорите сега го сметаат декемвриското поскапување на парите за речиси сигурно и веќе вкалкулираат сценарио од три последователни зголемувања по 0,25 процентни поени — во декември годинава, како и во јануари и март 2027 година. Првите реакции веќе се чувствуваат на берзите преку зајакнување на американскиот долар и притисок врз акциите на компаниите чувствителни на трошоците за финансирање, што е сигнал дека и европските финансиски пазари и централни банки ќе мора внимателно да ги преиспитаат своите чекори во пресрет на новата година.
Аналитика








