ПОВЕЌЕ

    Паѓа домашната продажба на ЗК Пелагонија, во странство речиси тројно зголемена

    Време зa читање: 2 минути

    Пад на домашната продажба за 19,5 отсто и извозни приходи зголемени за речиси 195 насто – Групацијата ЗК Пелагонија, од продажбата на странските пазари, за девет месеци има реализација од 136,8 милиони денари или 2,22 милиони евра. Една година претходно износот бил 755 илјади евра.

    Меѓутоа, состојбите на домашниот терен и намалените приходи на годишно ниво од 1,03 милијарди на 833,1 милион денари (13,55 милиони евра) се рефлектирале врз исходот кај вкупните приходи. Забележан е минус од 10,3 отсто и износ од 15,77 милиони евра. Вкупните оперативни приходи за овој период изнесуваат 17,6 милиони евра, а ги следи пад од 9,4 отсто.

    И покрај тоа, ЗК Пелагонија успеала да ја зголеми оперативната добивка за 31,3 насто, на 646,6 илјади евра. Притоа, оперативните расходи останале речиси непроменети – 18 милиони евра.

    Од билансот на успех може да се согледа придонесот на промената кај залихите на готови производи и недовршеното производство во подобрувањето на резултатот. На крајот од септември нивната вредност изнесувала 15,6 милиони евра, наспроти 14,5 милиони евра на почетокот од годината. Зголемувањето од 1,08 милиони евра е вклучено во пресметката на оперативниот резултат. Тоа придонело Групацијата да оствари повисока оперативна добивка и покрај послабите приходи од продажба.

    На финансискиот резултат влијаело и намалувањето на финансиските расходи за 17,8 отсто, на 607 илјади евра. Но, финансиските приходи се намалиле, од 280,6 илјади на нецели 3 илјади евра.

    По пресметувањето на сите приливи и трошоци, Групацијата остварила добивка пред оданочување од 42,2 илјади евра. Тоа е за 24 насто повеќе во однос на споредбениот период и тогашната заработка од 34 илјади евра.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично