Од пакувањето зависи како ќе биде проценет и по која цена ќе се продаде тутунот. Неправилното пакување може да ја намали вредноста на родот и да го обезвредни трудот на производителите. Затоа, на почетокот од откупната сезона, од СЕКЕ предупредуваат дека правилната подготовка на тутунот е особено важна. Прилепското друштво за откуп, преработка и трговија со тутун има неколку препораки за тутунарите.
Пред пакувањето проверете ја и влагата. До 16 проценти нема одбиток. Над 16 до 20 проценти, вишокот влага се одбива од тежината. Тутун со над 20 проценти влага или тутун прскан со вода воопшто не се откупува.
Мешањето тутун од различни берби и класи може да ја намали вредноста на целата кутија.
СЕКЕ препорачува заедно да се пакува само тутун од иста берба и од иста класа. Доколку во кутијата се измешани различни берби и квалитет, при откупот целата кутија ќе биде проценета според најниската класа во неа.
Од тутунот треба да се отстранат сите нетутунски материјали: пластика, метал, конци, остатоци од ракавици, гума, пердуви, цветови, плевел, инсекти и стакло.
Пакуваниот тутун треа да се чува во простории без мирис на хемиски препарати, горива или добиток. При пакувањето не треба да се третира со хемиски средства.
„СЕКЕ се грижи за вашиот труд. Не дозволувајте невниманието при пакувањето да ја намали вредноста на она за што сте работеле цела година“, препорачуваат од компанијата.
Аналитика








