Седум милиони евра е консолидираната добивка на ГД Гранит остварена во периодот од јануари до септември. Тоа е заедничкото достигнување од работењето на матичната градежна и на компаниите врз кои има стонастотна сопственост: Хотел Гранит Охрид, Карваш, Гранмак Виена гмбх, Гранмак експорт-импорт гмбх Германија, ГД Гранит Бања Лука БиХ, ГД Гранит подружница Бања Лука БкХ и Леп Коп Инвест. Деветмесечната реализација ги надминала планираните износи за 2026 година.
Вкупната сеопфатна добивка е во износ од 2,4 милиони евра. Пониска е од добивката главно како резултат на евидентирана нереализирана загуба од намалување на пазарната вредност на портфолиото акции кои ги поседува друштвото, наведуваат од Гранит.
За една година друштвото ги зголемило консолидираните вкупни приходи за 67 насто. На крајот од септември е забележан износ од 61,4 милиони евра. Во тие рамки, приходите од продажба имаат удел од 57,1 милион евра. Повисоки се за 75 насто на годишно ниво, а тоа движење се заснова најмногу на зголемениот обем активности поврзани со изградбата на автопатот Кичево-Охрид.
Друштвото има и финансиски приходи од 2,6 милиони евра. Повисоки се од остварените во споредбениот период, велат од Гранит, првенствено поради поголемата дивиденда добиена од акциите во Комерцијална банка.
Во трите годинешни квартали се регистрирани консолидирани вкупни расходи од 54,4 милиони евра. На годишна основа се зголемени за 59 насто, што е „соодветно на зголемувањето на приходите од продажба и поголемиот обем на активности“.
Исто така, во изминатите девет месеци друштвото инвестирало над еден милион евра во основни средства.
Што се однесува до плановите за идниот период – треба да се заокружат проектите од областа на градежната инфраструктура кои се во завршна фаза, и да се стартува со новите добиени проекти за изградба на автопатишта.
Аналитика








