ПОВЕЌЕ

    Децата заѕвонија на берзанското ѕвоно – потребни се уште 19.000 места во градинките

    Време зa читање: 3 минути

    Помалку од половина од децата до шестгодишна возраст во Македонија се опфатени со предучилишно образование. За да се достигне националната цел од 65 отсто до 2032 година, потребни се дополнителни 19.000 места во градинките. Токму потребата од поголеми инвестиции во раниот детски развој беше во фокусот на настанот „Ѕвониме за децата“, организиран од УНИЦЕФ и Македонската берза по повод Светскиот ден на детето.

    Денеска, во 10 часот, непосредно пред почетокот на берзанското тргување, децата симболично заѕвонија на берзанското ѕвоно, испраќајќи порака дека нивните права и потреби треба да бидат дел и од деловните и инвестициските одлуки.

    Настанот, одржан во скопскиот „Дајмонд мол“, е дел од глобалната иницијатива на УНИЦЕФ и Иницијативата на Обединетите нации за одржливи берзи, во која учествуваат 26 земји. Активностите се поврзани и со одбележувањето на 80-годишнината на УНИЦЕФ, преку кампањата „Да избереме подобра иднина за децата – силен почеток за секое дете“.

    „Северна Македонија не може да ги промени демографските трендови преку ноќ, но одлуките што ги носи денес можат да го обликуваат нејзиниот развој и идниот просперитет. Во услови кога бројот на деца се намалува, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било“, нагласи Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

    Таа посочи дека инвестициите во најраните години од животот носат повеќекратни придобивки – подобри можности за децата и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал.

    За улогата на финансискиот сектор говореше, главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев.

    „Берзите како централни институции на пазарите на капитал имаат единствена можност да ги поврзат компаниите и инвеститорите и да придонесат за обликување на стандардите и очекувањата на сите пазарни стејкхолдери“, истакна Штериев, додавајќи дека пазарите на капитал можат да придонесат правата на децата да добијат поважно место во деловните и инвестициските одлуки.

    На потребата од поголема достапност на предучилишното образование се осврна и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски:

    „Во соработка со општините и нашите партнери, продолжуваме да ја прошируваме мрежата на детски градинки и да создаваме услови за поголем опфат на децата во предучилишно згрижување и воспитание, затоа што секое дете заслужува еднаква можност за квалитетен почеток во животот“, рече тој и притоа ја истакна и новата Програма за рано учење и развој, која се реализира во соработка со УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.

    Министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласи дека грижата за децата е заедничка одговорност:

    „Образованието не може без семејството, а на семејството му е потребна поддршка од пошироката заедница. Грижата за децата што ја има едно општество покажува колку тоа општество е зрело како целина, колку е дораснато да мисли долгорочно за подобра иднина на сите“.

    На настанот беше претставено и искуството на Алкалоид во примената на политики што ги поддржуваат семејствата. Петар Петровиќ, директор за човечки ресурси во компанијата, говореше за придонесот на таквите практики кон благосостојбата, мотивацијата и задржувањето на вработените.

    Во „Дајмонд мол“ беше поставена и симболична занимална во детска градинка, како потсетување на потребата секое дете да добие можност за квалитетно предучилишно образование. Во тој контекст и пораката од настанот – вложувањата во раниот детски развој не се само социјална обврска, туку и долгорочна инвестиција во човечкиот капитал и економскиот развој на земјата.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично