ПОВЕЌЕ

    КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ВО ТРКА ЗА 95,3% од АЛТА БАНКА Битола – почетната цена 22,9 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Комерцијална банка е првиот кандидат што официјално ја обелодени намерата за учество на закажаната јавна берзанска аукција за продажба на акциите на Алта банка Битола. Одлуката да се влезе во конкуренција за доминантниот сопственички пакет е донесена од Надзорниот одбор. Банката ја сподели оваа информација преку Македонска берза.

    За решавање на статусот на Алта банка Битола, на јавна берзанска аукција ќе бидат понудени 372.742 обични акции по моделот „сè или ништо“. Првата аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари за акција. Целиот пакет првично ќе се понуди за 1,41 милијарда денари, односно за 22,89 милиони евра.

    Доколку првиот обид за продажба на уделот од 95,336 отсто од акционерскиот капитал не биде успешен, ќе има уште пет јавни наддавања. Термините одредени од Народната банка се 1, 2, 3, 4 и 7 декември. И со секоја наредна аукција почетната цена ќе паѓа за 10 отсто во однос на претходната почетна вредност.

    Пресметката со минусирање на процентите покажува дека аукцијата на 1 декември ќе стартува со 3.399 денари по акција; на 2 декември со 3.059 денари; на 3 декември со 2.753 денари, на 4 декември со 2.478 денари, а на 7 декември понудата ќе биде почетни 2.230 денари за една обична акција. Или, по пет последователни намалувања од 10 отсто, почетната цена на последната аукција ќе биде за 40,95 отсто пониска од првичната.

    Комерцијална банка го запази рокот (19 ноември) даден од Народната банка за доставување барање од страна на потенцијалните инвеститори. А на аукциите ќе можат да учествуваат само кандидатите кои добиле согласност од НБРСМ, односно сите што ги исполнуваат законските услови.

    Најголемата домашна банка и во 2024 година се обиде да ја преземе тогашната Стопанска банка Битола. Понудата од 3.200 денари за акција, со која целиот пакет беше вреднуван на околу 20,3 милиони евра, ја прифатија само 149 акционери. Тие поседуваа 176.154 акции од вкупно 390.977 опфатени со понудата, што не беше доволно за успешно преземање.
    Таа 2024 година Стопанска банка Битола ја заврши успешно – со заработка од 2,65 милиони евра и со актива од 181 милион евра. Алта банка Битола сега се продава со деветмесечна загуба од 791,1 илјада евра и со актива од над 183 милиони евра.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично